1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Арапскиот свет „му дава шанса“ на Обама

Улрих Лајтхолд25 јануари 2009

Блискоисточната иницијатива на новиот американски претседател наидува на претпазлив оптимизам во арапскиот свет. Преглед на реакциите подготви Улрих Лајтхолд.

https://p.dw.com/p/GezG
Логото за атомската соработка меѓу САД и Саудиска АрабијаФотографија: AP Graphics/DW

Кувајтскиот весник „Ал Раи ал Аам“ се прашува дали Барак Обама е добар за исламскиот свет. Коментаторот се прашува исто така дали американски црнец, чиј татко бил муслиман, може да се ослободи од политичките предрасуди на општеството во кое се наоѓа. Неговиот одговор покажува претпазлив оптимизам и навестува дека американската политика под Обама би можела повторно да се сврти кон исламскиот свет, иако не очекува некоја многу радикална промена во курсот на светската супер сила. Коментаторот нагласува дека Американците сепак ја сфатиле фаталната грешка, што ја направиле со тоа што го свртиле против себе целиот исламски свет. Во секој случај позитивни сигнали се најавата за почитување на човековите права и за поскорешно повлекување од Ирак. Од новата американска администрација арапскиот свет може да очекува барем да може да земе здив по бескрајните војни, што на регионот му ги донесе бушовата администрација.

Zerstrittene Araber beraten über Gaza-Krieg
Принцот на Емиратот Катар, Хамид бин Калифа, на самитот на Арапската лига за војната во ГазаФотографија: picture-alliance/ dpa

Обама не смее да згреши

Обама сфатил оти мора да го смени курсот на американската политика и покрај минските полиња што му ги остави во наследство Џорџ Буш, оценува јорданскиот весник „Ал Араб ал Јаум“. Весникот при тоа предупредува дека Обама има само една шанса во таа насока и затоа не смее да згреши.

Коментаторот на саудискиот весник „Ал Хајат“ вели дека Арапите се исцрпени од толку многу борби. Ним им останува уште надежта дека Обама ќе биде успешен претседател и дека ќе му појде од рака да го врати угледот на САД како пионер на демократијата и на заштитата на човековите права. Тој оценува дека е можно на Обама да му појде од рака такво изненадување.

Araber liest Zeitung
Граѓанин на Саудиска Арабија чита весник во главниот град РијадФотографија: AP

Не може да биде полош од Буш

Палестинскиот весник „Ал Кудс“ оценува дека Обама не може да биде полош од Буш. По годините катастрофална политика на Буш, што светот го чинеше милиони животи, свртувањето кон меѓународното право и демократијата е во секој случај добро. Арапско-исламскиот свет очекува од него само да биде неутрален и да може да ги сослуша соговорниците.

Само претставникот на Хамас не може да види ништо позитивно во доаѓањето на Обама: „Обама не носи никаква промена. Првите потези не носат многу надеж за Блискиот исток“ - оценува Осама Хамдан од Хамас критикувајќи го барањето на Обама Хамас да го сопре ракетирањето на израелската територија.