1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Арафат не ја дочека независна Палестина

11 ноември 2004

Човекот кој го шокираше светот во 1974-та, влегувајќи со револвер на појасот на Генералното собрание на ОН, а 20 години подоцна стана носител на Нобеловата награда за мир – не е повеќе меѓу живите.

https://p.dw.com/p/AcJt
Фотографија: AP

Јасер Арафат знаеше и темелно да ја смени тактиката, но не и целта. Повеќе од 60 години тој се бореше на сите можни начини и со сите можни средства за создавање независна палестинска држава. Биргит Каспар ги сумира во следниот прилог победите и поразите на претседателот на Палестинците, кому не му беше судено да го доживее остварувањето на неговиот најголем сон.

Во сеќавањето на многумина ќе им остане решителниот лик на остарениот и оседен низок човек со црно-белата палестинска шамија на главата. По многуте години во илегала, по организирањето на палестинскиот отпор на Западниот брег и во Појасот Газа, по бројните преселби и протерувања дури и од земјите кои ја поддржуваа палестинската кауза, Јасер Арафат повторно оживеа како јунак во очите на целиот арапски свет кога остана во своето седиште во градот Рамала наспроти опсадата на израелските тенкови. Во полупразурнатата “Муката“ , под страшен воен и политички притисок на Израелците, тој одби да ја напушти земјата што е света за неговиот народ. Мировниот договор од Осло беше безнадежно уништен, а Арафат не можеше да верува што се допушта меѓународната заедница:

“Морам да го прашам целиот свет, претседателот Буш и ОН: дали е прифатливо да не можам да се појавам ниту на врата? Дали е тоа прифатливо?“

Но, ни во тие мигови, кога израелските снајперисти со недели ја демнеа секоја и најмала прилика да му го окончаат животот, Јасер Арафат не се откажуваше од големиот сон:

“Државата Палестина ќе дојде. Никој не може да го прекрие Сонцето со дланка!“

Ниското човече, кое во последните години го мачеа болест и исцрпеност, мораше да се соочи со многу порази во животот. Уште набргу по преземањето на лидерската функција во Палестинската ослободителна организација во 1969, таа беше ставена на списокот терористички здруженија поради бројните атентати и киднапирања авиони. Два пати мораше да замине како протерано лице од сојузничките Јордан и Либан, од првиот во 1970, а од вториот во 1983-та.

Дури тајните преговори и склучениот договор од Осло во 1993-та му донесоа меѓународно признание, па дури и чест да биде Нобеловец. Потоа дојде триумфалното враќање во Појасот Газа во 1996 и изборот за Претседател на палестинската автономна власт. Јасер Арафат, деценискиот илегалец стана државник. Тој владееше на прилично автократски начин со палестинските автономни подрачја. Неговата управа не беше поштедена од мито и корупција, а на палестинското население му беше се полошо и полошо, не само поради постојаните опсади на израелската армија.

По убиството на неговиот партнер за Договорите од Осло и исто така Нобеловец, тогашниот израелски премиер Јицак Рабин, во 1995, мировниот процес се најде во тежок застој. Арафат делуваше очајно и со уште еден страствен апел побара од Израелците да се прекине децениското непријателство:

“Ајде да постигнеме храбар мир по пат на вистинска соработка. Ајде да им ветиме на нашите деца златна иднина, а палестинските и израелските родители да бидат сигурни дека нивните деца ќе се вратат дома живи и здрави. Ајде да им овозможиме на обичните луѓе да водат нормален живот со тоа што ќе уживаат во слобода и безбедност. Живот, што на сите ќе им овозможува да уживаат во плодовите на развојот и богатството во нашата света земја.“

Апелот остана попусто. Во јули 2000-та во американскиот Кемп Дејвид стана јасно дека позициите на Израелците и Палестинците се премногу оддалечени. Арафат за прв пат не му попушти на американско-израелскиот притисок, по што успеди и втората интифада. На Абу Амар, инаку илегалното име и прекар на Арафат што им остана омилен на неговите сонародници, делумно му се истргна контролата од рацете, милитантните Палестинци добија поголема поддршка од населението и интифадата се претвори во крвава војна меѓу Израелците и Палестинците.

Покрај сето тоа, Јасер Арафат, ќе остане во сеќавањето на историјата како лидер на Палестинците, кој се избори светот да им го признае правото на независна држава – се едно кога тоа право ќе биде и реализирано!