1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Арбен Џафери се’ уште во тешка состојба и во бесознание

Вера Тодоровска / Свето Тоевски / миа9 август 2012

Арбен Џафери, почесниот претседател на ДПА, кој од вчера е во кома и се наоѓа на интензивно лекување на Клиниката за неврохирургија, се’ уште е во тешка состојба и во бесознание.

https://p.dw.com/p/15nBD
Фотографија: Petr Stojanovski

„Вчеравечер околу 21 часот примен е Арбен Џафери на Клиниката за неврохирургија како последица на нагло слошување и паѓање во бесознание. Пациентот е згрижен, дадена му е терапија, во моментов е во тешка, но релативно стабилна состојба. Преземени се сите мерки и лекувањето е во тек“, изјави попладнево професор доктор Владимир Мирчевски, дежурен неврохирург на Клиниката за неврохирургија.

Доктор Мирчевски нагласи дека никаде во светот не се даваат прогнози за болеста во текот на првите 48 часа откако пациентот е примен во болницата. Поранешниот претседател на ДПА повеќе години се лекува од Паркинсоновата болест, но според доктор Мирчевски најверојатно таа нема влијание на неговата состојба.

Дојче веле веќе информираше дека Џафери вчера вечер бил пронајден во тешка задравствена состојба во стан во центaрот на Тетово. Оваа информација ја потврдија и од ДПА, партијата на Џафери.

„64-годишниот Арбен Џафери вчера вечер доживеа мозочен удар и, откако многу му се влошила здравсвената спстпојба, е префрлен итно на лекување во Клиничкиот центар во Скопје“, изјави за Дојче веле портпаролот на ДПА Агон Ферати.

Дел од функционерите од ДПА изразија изненаденост поради влошувањето на здравствената состојба на Џафери, откако информацијата ја добија од Дојче веле. Зијади Села, пратеник од ДПА, изрази зачуденост за здравствената состојба на Џафери. „Пред 36 часа бевме заедно и не знам како ова се случило“, изјави тој.

Арбен Џафери боледува од Паркинсонова болест, што беше и причина за негово повлекување од политичката сцена. Цели 12 години Џафери беше на чело на ДПА, а од 2007-ма година на чело на партијата застана Мендух Тачи. Арбен Џафери е претседател на Централното собрсание на ДПА и е еден од директните креатори на партиската политика, заедно со лидерот Тачи.

Џафери е роден во Тетово на 24 јануари 1948 година. Тој има завршено Филозофски факултет. До 1990 Џафери работеше за радио и телевизиските станици во Приштина, Косово како главен уредник на Културната програма. Џафери беше претседател на ПДП во Македонија од 18 април 1995, а потоа и лидер на Демократската партија на Албанците до 2007 година. На вторите парламентарни избори во Македонија беше избран како независен пратеник (1994), а потоа како пратеник на ДПА. Познат е по своите контроверзни и радикални изјави за државното уредување и правата на Албанците во Македонија.