1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Армстронг пред нов триумф на Тур д’Франс

18 јули 2005

Улрих се бори за третото место во генералниот пласман, но прашање е дали му е достижно. Први медали за Германците на светското првенство во пливање. Успеси на Хамбургер и Волфсбург во фудбалскиот Интертото-куп. Нов светски рекорд на Изинбаева.

https://p.dw.com/p/Aekk
Јан Улрих и Ленс Армстронг на Тур д’Франс
Јан Улрих и Ленс Армстронг на Тур д’ФрансФотографија: AP

Ленс Армстронг останува неприкосновен и на годинашшниов, како што самиот најави, негов последен настап на велосипедската трка Тур д’Франс. Во клучната етапа во Пиринеите со шест ридски цели германскиот адут Јан Улрих не успеа да создаде предуслови за евентуално во последната етапа, во дисциплината во која е посебно силен - возење на хронометар, да изврши напад на првото место. Тој не само што да ја намали разликата во однос на Армстронг, туку заостана за натамошни 1 минута и 24 секунди и сега се чини дека и третото место во генералниот пласман му е тешко достижно. „Цело време добро се чувствував – дури и на 4 километри пред целта, но изгледа дека премалку јадев, па тогаш, кога се возеше на рамно, што всушност е мој терен, загубив цела минута. Се разбира дека се лутам поради тоа“ – рече Улрих. Тимот „Те-мобајл“ и натаму стои зад својот капитен: „Ние се обидуваме да го пласираме Јан колку што е можно понапред и сметам дека тој се’ уште има реална шанса да се искачи на подиумот за тројцата најдобропласирани. Ќе видиме што ќе излезе“ – вели колегата од тимот Андреас Кледен. „Мора навистина без завист да се признае дека пред се’ Ленс, но и Иван Басо, едноставно се за влакно посилни“ – искрен е спортскиот раководител на тимот „Те-мобајл“ Марио Кумер.

Победник а етапата долга 205,5 километри е американскиот велоспиедист Џорџ Хајнкепи, пред Шпанецот Оскар Переро. Армстронг заостана 5 минути и 3 секунди и ја одбрани жолтата маичка на водечки во генералниот пласман.

Лурц – прво „злато“ за Германците

На светсккото првенство во пливање, што се одржува во Монтреал, прв златен медал за германските претставници обезбеди Томас Лурц на патеката од 5 километри. „Многу се узрадував на победата, а мислам и дека ќе дојдат уште други. Цел ми беше да освојам еден медал и шпекулирав дека можеби ќе победам, но не е така едноставно да се освои светско првенство. Последните 1500 метри пред целта малку се одвоив и веќе тогаш знаев дека тешко ќе може некој да ме претекне. Се’ испадна одлично“ – оцвени пресреќниот Лурц, најавувајќи дека сака в среда да ја одбрани титулата на патеката од 10 илјади метри.

Олимписките вицешампиони Андреас Велс и Томас Шеленберг и на светското првенство се закитија со истиот, сребрен трофеј во дисциплината синхронизирани скокови од штица на височина од три метри. Подобри беа само Кинезите Ченг Хе и Фенг Ванг. „Добро се подготвивме, напорно трениравме и уште во преднатпреварите поставивме подлога за успехот. Во финалето покажавме уште подобро остварување и дури го надминавме она што го прикажавме во Атина“ – оцени Велс. „Имавме три добри скокови, а тоа е можно само ако се има добри нерви“ – вели Шеленберг.

Сцетски спортски игри

Извонредна атмосфера кај гледачите, лица што зрачат кај организаторите, извонредни остварувања на германските спортисти – почетокот на Светските игри во Дуизбург ги надмина сите очекувања: веќе на првите три дена на натпреварите германските претставници 15 пати се искачија на победничкиот пиедестал. На програмата се необични и спектакуларни спортови кои не се застапени на олимписките игри.

Фудбал: успеси на Германците во Интертото-купот

Германските претставници остварија поволни резултати во првите натпревари од третото коло на Интертото-купот, иако иаграа како гости: Волфсбург го совлава шведскиот претставник Гетеборг со 2 спрема 0, додека Хамбургер забележа победа над португалската екипа Лериа со 1 спрема нула.

Изинбаева како Бубка – веќе 15-ти светски рекорд!

Руската атлетичарка Марина Изинбаева како да оди по стапките на славниот Украинец Сергеј Бубка, соборувајќи го во серија светскиот рекорд во скок со стап. На митингот во Мадрид Изинбаева прескокна 4 метри и 95 сантиметри и го подобри за два сантиметра сопствениот рекорд поставен пред само 11 денови. Ова е нејзин осми светски рекорд во оваа дисциплина поставен на отворени терени, а севкупно 15-ти рекорд вклучувајќи ги и натпреварите во сала.