1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Федерализација: Илузија преку која Груевски си бара спас

6 декември 2016

Токму Груевски и Ахмети водат кампањи со етноцентрични пораки, а федерализацијата е измислена само за да ја минираат стратегијата на СДСМ за придобивање гласови кај Албанците, велат аналитичари.

https://p.dw.com/p/2T9NX
Mazedonien Wahlkampagne Nikola Gruevski in Ohrid
Фотографија: Reuters/O. Teofilovski

Регионализација, кантонизација, федерализација... Врз овие три збора владејачката ВМРО-ДПМНЕ ја темели изборната камапања, обвинувајќи го лидерот на опозициската СДСМ, Зоран Заев, дека сака да го промени Уставот и унитарниот карактер на државата. Извори од партијата уште пред еден месец за ДВ потврдија дека тв-изјавите на Заев околу двојазичноста, ВМРО-ДПМНЕ ги смета за „огромен подарок“ и дека изборната кампања ќе ја темели токму на „спасување на Македонија од процеси за федерализација“, со единствена цел: целосно да останат во сенка истрагите и обвиненијата од СЈО за врвот на власта.

По еден месец, тоа е реалност.

„Кампањата на ВМРО-ДПМНЕ за 'спас на државата од федерализација' ја премина црвената линија која го одвојува евтиниот партиски спин од преминување во зона на опасни игри, кои можат да им наштетат и на меѓуетничкиот мир и  на безбедноста на земјата“, предупредуваат аналитичари. 

Според Џелал Незири, истражувачки новинар и аналитичар, ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ сакаат да ги наметнат етничките прашања како приоритетни во јавната агенда, за да се дефокусира вниманието на нивните поддржувачи од содржината на аферите кои беа објавени од страна на опозицијата.

„Преку претставувањето на другата етничка заедница како опасност за државата и нацијата, се поттикнува стравот и потребата за одбрана од таков вид на илузорна опасност. Во еден таков амбиент, овие две партии кои од 2008-ма година ја сочинуваат владината коалиција, се надеваат дека ќе издејствуваат подобар резултат или евентуална победа на изборите. Истовремено, преку провоцирање на етничките чуства кај гласачите, како и стравот од другиот, овие две партии се обидуваат да ја минираат стратегијата на СДСМ за придобивање гласови кај Албанците“, вели Незири.

Со ширењето на стравот од федерализирање на земјата, целта е и да се демонизира пристапот на СДСМ да понуди решенија, не само за етничките Македонци, туку и за другите етнички заедници, во случајов, за етничките Албанци.

„ДУИ, но и останатите партии на етничките Албанци, се плашат дека партијата на Заев може да им одземе нивни потенцијални гласачи и да се наметне како конкурент во, условно кажано, нивниот претесен политички терен. ВМРО-ДПМНЕ, пак, не сака дополнителниот евентуален контингент на гласови на СДСМ да придонесе ова партија да ги добие изборите. Има многу точки каде интересите на ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ се вкрстуваат, па не е чудно што Груевски и Ахмети водат слична кампања, облеана со етноцентрични пораки“, оценува Незири.

Mazedonien Regierungskrise Ali Ahmeti und Menduh Thaci
Партии на етничките Албанци се плашат дека СДСМ може да им одземе нивни потенцијални гласачи, оценува Незири. Фото: Мендух Тачи и Али АхметиФотографија: MIA

Не го слушнаа“ Артан Груби!

Доказ за ова е тоа што ВМРО-ДПМНЕ воопшто не се огласи по вчерашната прес-конференција на која Артан Груби, носител на кандидатската листа на ДУИ во ИЕ 1, потенцираше дека „клучен столб на изборната програма на ДУИ е токму регулирањето на употребата на албанскиот јазик со другиот официјален јазик и тоа на сите нивоа, во согласност со Охридскиот договор“.

„Со уставните прописи, албанскиот јазик е втор официјален јазик, но повеќегодишното искуство во практика покажува дека двете најголеми македонски партии го прекршиле Уставот, не покажувајќи подготвеност за заокружување на ова незавршено прашање од Охридскиот договор. Македонските партии треба да го спроведат амандманот 5 на членот 7 од Уставот, кој е многу јасен - има потреба од хармонизација на законската регулатива со Уставот“, рече Груби.

ВМРО-ДПМНЕ не отвори дебата за ова прашање со коалицискиот партнер, туку повторно се посвети на напади врз СДСМ.

„Ветувањето за излегувањето од рамките на Охридскиот договор, отворањето на прашањето за воведување на двојазичност и кантонизацијата по урнекот на Швајцарија, се потврда за најавите на Заев дека сака да го менува Уставот на Република Македонија и да го отпочне патот кон федерализација на државата“, обвини пратеничкиот кандидат на ВМРО-ДПМНЕ во ИЕ 2, Трајко Вељаноски.

Mazedonien Wahlkampagne Nikola Gruevski in Ohrid
ВМРО-ДПМНЕ ја темели кампањата врз поими како регионализација, кантонизација, федерализација...Фотографија: Reuters/O. Teofilovski

Лидерот на СДСМ од партиски митинг одговори на овие обвинувања.

„Никола Груевски целата кампања ја темели на фикс идеја за некаква федерализација, затоа што нема што да им понуди на граѓаните кои ги ограби. Ви се обраќам јавно, отворено и чесно: Тврдам дека нема да дозволам никој да го смени Уставот на Република Македонија! Уставот наш ја гарантира мултијазичноста. Тој е либерален и проевропски Устав. Федерализацијата е само во главата на некои квазипатриоти. Македонија ќе биде едно општество за сите, држава за сите, дом за сите и правично општество за сите“, одговори Заев.

Острени: ОНА се распушти во 2001 година!

Спин-топката, која како и многупати досега во препознатлив стил си ја дофрлаат партнерите во власта заради изборна мобилизација во нивните партиски атари, масовно ја преземаа и провладините медиуми. Темата „федерализација“ ги полни ударните места и термини во информативните блокови, а покрај СДСМ секој ден се „откриваат“ и нови виновници „за пазарање со највисоките национални интереси на државата“. Последен во низата е Владимир Милчин, режисер и поранешен директор на Фондацијата Отворено општество - Македонија, кој од провладини медиуми е прогласен за „вистинскиот организатор и на протестот (граѓанскиот протест на 17 мај 2015 -н.з), а како што се чини, и на политичката криза во земјата“, сето тоа филувано со наводна поддршка на УЧК. „Доказот“ е откриен во медалот за заслуги од претседателот на Република Косово, кој на Милчин му бил доделен за придонес во полето на културата и образованието, преку театарот.

Измешани чувства меѓу граѓаните за изборните листи

„Три од претставите беа направени во 1984, 1985 и 1986 година во Покраинскиот театар во Приштина (тогаш Косово беше покраина во СФРЈ, Македонија беше република во СФРЈ, а УЧК не беше ни на повидок!), а четвртата беше направена во 2004 година во Националниот театар во Приштина (...) Ова се заслугите и придонесот на режисерот Милчин за културата и театарот во Косово, пред и по независноста. Медалот покажува дека културните мостови се постари од државните граници и дека мостовите не треба и не смее да се уриваат. Тие се градби кои се спротивставуваат на изолацијата, провинцијализацијата и варварството“, напиша Милчин во колумна. 

И додека измислени врски со УЧК им се припишуваат на уметници и јавни критичари на власта, ВМРО-ДПМНЕ „не виде и не слушна“ дека токму на конвенцијата на нивниот коалициски партнер ДУИ, Артан Груби говорот го започна со скандирање „УЧК, УЧК...!“

Präsidentschaftswahlen in Mazedonien
Kлучен столб на изборната програма на ДУИ е регулирањето на употребата на албанскиот јазик со другиот официјален јазик и тоа на сите нивоа, вели ГрубиФотографија: Petr Stojanovski

По молкот на „патриотската“ ДПМНЕ, која за сѐ што доаѓа од нејзиниот и од атарот на ДУИ ги обвинува другите, неа и на интегративците лекција им одржа лично поранешниот генерал на ОНА и поранешен генерален секретар на ДУИ, Гзим Острени, кој денес е лидер на партијата „Унитети“ и на изборите настапува како дел од коалицијата „Алијанса на Албанците“.

„Ослободителната народна армија - ОНА (УЧК) се распушти во септември 2001 година. Никој не треба да се повикува на ОНА. Тие што учествуваат на избори, треба да се повикуваат на своите изборни програми (...) ОНА ја заврши својата мисија, и сега партиите треба да кажат кои се причините за неостварувањето на задачите и целите на ОНА, кои се изразени во Охридскиот договор и во измените на Уставот“, порача Острени.