1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Асад профитира од поделената опозиција

Нина Хазе / Александар Методијев24 јули 2013

Умерените и исламистички групи во Срија со месеци водат заедничка битка против режимот на Башар ал-Асад. Но, во последните недели опозициските групи се’ повеќе се борат меѓу себе.

https://p.dw.com/p/19DDz
Фотографија: picture-alliance/AP

Битките меѓу противниците на Асад во последните недели кулминираа со убиството на лидерот на Слободната сириска армија (ФСА), кое беше извршено од страна на џихадисти. Според податоци од ФСА Кемал Хамами, кој припаѓал на Врховната воена команда на опозицијата, бил убиен во пустинската провинција Латакија од страна на екстремисти од Ал Каеда.

Убиството на Хамами е резултат на растечките тензии од минатата година меѓу модерните секуларисти и екстремистичките џихадисти, кои имаат една заедничка цел – соборување од власт на Асад. Но, тие со текот на времето се насочија едни против други. Центарот за американски прогрес во својот извештај под наслов „Структура и организација на сириската опозиција“, објавен во мај годинава, забележа дека наместо „движењето да има заедничка цел - да го собори претседателот Асад, сириското вооружено востание може да се означи како идеолошки различни и некооординирани бригади и баталјони, кои оперираат во ограничени области“.

Битка за територии и контрола

Тоа што опозицијата е поделена не е ништо ново, но таа ќе стане уште по видлива и наскоро се чини дека таа пречка би била непремостлива, забележува Марк Пиерини од Карнеги Европа во Брисел.

Marc Pierini
Марк Пиерини од Карнеги ЕвропаФотографија: Carnegie Europe

„Сириската опозиција долго време е фрагментирана, посебно во нејзината воена гранка, а во последните недели тоа стана уште полошо“, вели Пиерини во разговорот за Дојче веле. „Се работи за битка за територии и контрола, која добива драматичен развој“, додава тој.

Според сириската Опсерваторија за човекови права, невладина организација блиска до опозицијата, која случувањата ги следи од Велика Британија и им помага на активистите на терен, битки меѓу опозицијата во последните месеци се случувале пред се’ на граничните премини со Труција, како и на значајни места како што се бунари, бензински станици и контролни точки на северот од земјата.

Според Марк Пиерини, колку подолго трае конфликтот, толку поголема ќе стане веројатноста опозицијата да се бори за финансиските ресурси.

Финансирањето не е доволно

Syrien Jabhat al-Nusra Kämpfer 14.03.2013
Борец на исламистичката сириска бунтовничка група Џабат ал-НусраФотографија: Reuters

Во минатата година екстремистичките исламистички групи, како што е Фронтот Ал Нусра, блиска до Ал Каеда, беа посебно успешни сили на опозицијата. Тие направија бројни успешни напади врз владините сили, што доведе до заземање на армиски бази, градови и села. Безбедносниот експерт Марк Пиерини смета дека успехот во еден дел се должи на финансиски подобрата позиција од онаа на секуларните групи, кои навистина се признаени од Западот, но од него добиваат и мала поддршка.

Од летото 2012 година во граѓанската војна во Сирија се вмешаа и екстремисти од странство, кои на кризата гледаат како на дел од глобалниот џихад. Според експертот Пиерини, реалната опасност не лежи во овие екстремисти, туку во тоа што „Русија го одобрува продолжувањето на војната“. Тој смета дека насилството во Сирија, и она меѓу про-Асад и анти-Асад борците, како и меѓу членовите на опозицијата, ќе екскалира се додека Русија не го запре снабдувањето со опрема на трупите на Асад, кое според него во моментов се случува двапати неделно. Според Пиерини западните земји занемаруваат многу фактори во сириската криза и остануваат неактивни за ставање крај на конфликтот во земјата.