1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Syrien Assad

10 август 2011

Се‘ повеќе држави, вклучувајќи ги и оние од арапскиот свет, протестираат против бруталното пресметување со демократското движење во Сирија. Башар ел Асад станува изгнаник на меѓународната заедница.

https://p.dw.com/p/12E1w

Арапската лига, ОН, ЕУ и папата во своите апели застанаа на страната на демонстрантите во Сирија. Ваков чекор направија дури и кралевите од заливските држави, инаку мотори на контрареволуцијата. Пет месеци по избувнувањето на првите протести сирискиот претседател Башар ел Асад нема веќе поддршка ниту во арапскиот табор.

Државите како Саудиска Рабија на овој начин се движат по тесен гребен. Критиката на сметка на владата и на исламскиот поредок се казнува и во Саудиска Арабија.

Иако критиката на Ријад до Дамаск се должи на постојаниот спор на оваа релација, долгата листа апели сепак покажува: ниедна влада во регионот не може да си дозволи молк по бруталните газења на човековите права во Сирија. Арапската пролет ги разниша политичките и моралните системи на целиот регион. И Турција, поради проблемот со Курдите и непосредното соседство традиционално заинтересирана за добри односи со Дамаск, во меѓувреме врши силен притисок врз Асад. Неговата земја веќе не може со скрстени раце да гледа на насилството, изјави турскиот премиер Реџеп Таип Ердоган. Турскиот министер за надворешни работи Ахмет Давутоглу протестираше поради постапките на сириските безбедносни сили, а Израел се воздружува. Имено, на Израел му е најмалку потребна граѓанска војна и со тоа хаос во Сирија, зашто само стабилна граница на Голанската висорамнина му гарантира безбедност.

DW Deutsches Programm Daniel Scheschkewitz
Даниел ШешкевицФотографија: DW

Тешко е да се поверува дека моралните апели до Асад ќе вродат со плод, со оглед на неговата позната бескруполозност. Неговите тенкови датираат уште од советско време, а магацините за оружје се преполни благодарение на новите пратки од Иран. Техеран нема да дозволи неговиот сојузник Асад толку броз да падне. Двата сојузници имаат заедничко влијание врз милициите на Хезболах и се обидуваат и натаму да го контролираат Либан. Доколку нешто може да го принуди Асад да потклекне, тоа се економските односи во земјата. Стопанството во Сирија пет месеци по избувнувањето на протестите е на работ на колапс. Покрај моралните апели, многу поефикасна би била строга економска блокада и ембарго на нафтата, во што би биле вклучени Турција и земјите од арапскиот свет од регионот. Дотолку е поголема нивната одговорност. На долгорочен план, со ембаргото би се сузбила и корупцијата присутна во сите државни структури во Сирија, преку која Асад и неговите соработници се обогатија. Натамошна ерозија на темелите на неговата власт така би била неминовна. Зашто, на крајот, и самоволието на Асад има (економски) граници.

Автор: Даниел Шешкевиц

Превод: Жана Ацеска

Редактор: Горан Чутаноски