1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Асад смее и понатаму да пука

3 август 2011

Ситуацијата во Сирија се заканува уште повеќе да ескалира. Припадници на сириската опозиција велат дека околу градот Хама армијата позиционирала стотина тенкови. Телефонските и интернет врски со градот се прекинати.

https://p.dw.com/p/12A4i
Тенкови кај градот ХамаФотографија: APTN/AP/dapd

Кај градот Деир Есор, кој е еден од поважните центри за експлоатација на нафта, има дури двесте тенкови и други оклопни возила. Советот за безбедност на ОН, пак, не може да усвои резолуција, со која би се осудило насилството на сирискиот режим, што му остава дополнителен простор на претседателот Башар ел Асад да ја продолжи воената офанзива против демократското движење во земјата.

Многумина Сиријци се надеваат дека Советот за безбедност на ОН сепак ќе ги надмине спротиставените позиции и ќе донесе резолуција со јасна осуда на насилството против невооружени цивили, вели Наџиб Гадбијан, политиколог по потекло од Сирија, кој живее и работи во САД. „Младите луѓе во Сирија внимателно ги набљудуваат движењата на меѓународната политичка сцена. Јасна позиција и осуда на сирискиот режим би им дала нова сила и храброст. Но, кога нема никаква реакција однадвор, тогаш тоа изгледа како сирискиот режим да добива бланко-чек да продолжи со насилството.“

Syrien Hama Assad Panzer Amateurbild 31.07.2011
Некои од војниците не сакаат да стрелаат врз сонародниците кај градот ХамаФотографија: picture alliance/abaca

Отпор од Русија и Кина

До сега на резолуцијата во Советот за безбедност и` се спротиставуваа Русија и Кина, кои се плашат дека таа би можела да биде вовед во воена интервенција на западните сили како во Либија. Но, такво нешто не стои во предлогот-резолуцијата, појаснува германскиот дипломат, Мигуел Бергер: „Крај на насилството, ослободување на политичките затвореници, враќање кон политички дијалог и сериозна истрага за примената на сила“, ги набројува барањата содржани во резолуцијата, Мигуел Бергер.

Зад кулисите се чини дека руската дипломатија сепак не е комплетно против донесување резолуција. Официјално Кремљ е против какво и да е мешање во внатрешните работи на Сирија. Таквиот став е разбирлив меѓу другото и поради фактот што Русија е главниот снабдувач на оружје на режимот на Асад. Но, руски претставници веќе имаа средби со сириските опозиционери. На една од нив присуствуваше и експертот Наџиб Гадбијан: „Русите не беа така одбивно настроени, како што би можело да се заклучи од нивните официјални соопштенија. Позицијата во руското министерство за надворешни работи е поинаква од онаа на претседателот и неговите советници.“

Syrien Demonstration ANTI Regierung Hama
Антивладини демонстрации во Хама од крајот на јулиФотографија: Shaam News Network/AP/dapd

Малку веројатна интервенција

Експертите сметаат дека отпорот во Советот за безбедност е ионака залуден, бидејќи воена интервенција во Сирија е навистина малку веројатна: „Не, тоа го сметам за неверојатно. Независно од тоа не сум сигурен дека германската влада, ЕУ или САД воопшто сакаат да издејствуваат резолуција, која ќе се повикува на членот број 7 од Повлебата на ОН, а кој отвора можност за воена интервенција, како што беше во случајот на Либија“, оценува експертот Фолкер Виндфур, кој работи за германскиот магазин „Шпигел“. Згора на тоа доаѓа и геостратешката положба на Сирија, која граничи со Турција, Ирак, Израел и Либан - земји кои и самите се сметаат за жаришта во регионот. „Регионалниот контекст би го отежнал военото мешање во Сирија. Не мислам дека соседите посакуваат дестабилизирана Сирија. Тоа би ја загрозило стабилноста на целиот регион“, оценува експертот Наџиб Гадбијан.

Автор: Јулија Хан / Горан Чутаноски

Редактор: Борис Георгиевски