1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Атина ги игнорира поканите од Скопје

БГ/миа17 мај 2013

И покрај упатените покани од Скопје до претседателот Папуљас и шефот на дипломатијата Аврамопулос за грчко учество на регионални собири во Македонија, одговор од Атина нема.

https://p.dw.com/p/18ZhW
Фотографија: AP

Грчкиот претседател Каролос Папуљас (на фотографијата) најверојатно нема да учествува на Самитот на шефови на држави и влади на Процесот за соработка во Југоисточна Европа, што во рамките на македонското претседавање со Процесот ќе се одржи на 1 јуни во Охрид. На прашањето на дописникот на МИА во прес-службата на грчкиот претседател, зошто Папуљас нема да дојде во Охрид, го добивме следниот одговор: „Се’ уште нема официјален одговор на поканата. Можеби во наредните денови ќе биде даден официјален одговор.“

Македонскиот претседател Ѓорге Иванов уште во ноември минатата година му испрати писмо со покана на Папуљас за учество на Самитот на шефови на држави и влади на Процесот за соработка во Југоисточна Европа, што ќе се одржи во Охрид. „Приоритетите кои беа поставени за време на нашето претседавање и средбите што ќе следат до завршниот Самит, уверен сум, ќе ја помогнат регионалната соработка и напредокот на целиот регион на полето на европските и евроатлантските интеграции“, вели Иванов во писмото до Папуљас.

Во истото писмо Иванов го информира Папуљас дека на 2 јуни ќе се одржи и 11-от по ред Форум посветен на дијалогот меѓу цивилизациите. Форум кој започна во 2003 година во Охрид и кој даде исклучителни резултати и непрекинато до денес се одржува во соработка со УНЕСКО и Советот на Европа.

И грчкиот министер за надворешни работи Димитрис Аврамопулос се‘ уште нема официјално одговорено на поканата на шефот на македонската дипломатија Никола Попоски за учество на самитот на министри за надворешни работи на земјите- учеснички на ПСЈИЕ кој ќе се одржи на 31 мај. На последниот брифинг кај портпаролот на грчкото МНР, на новинарско прашање дали Аврамопулос ќе ја разгледа поканата од Попоски за учество на самитот во Охрид, Делавекурас рече дека програмата на министерот за мај се’ уште не е финализирана и затоа нема што да соопшти. Молкот од грчкото МНР на оваа тема, се’ уште трае.