1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Атина не одговара на хипотетички ситуации

1 септември 2009

Комитетот за сузбивање на расната дискриминација при ОН од Атина бара воведување настава на мајчин јазик за припадниците на етничките групи. Експертите изразиле загриженост за положбата на македонското малцинство.

https://p.dw.com/p/JMwE

Во финалните заклучоци по извештајот посветен на ситуацијата во Грција, директно не се споменува македонското малцинство во оваа земја, иако за него се дискутираше на состанокот во Женева, одржан минатиот месец.

Известувачот за Грција, Хозе Линдгрен Алвес, побарал да се осигура употребата на мајчиниот јазик на Македонците и се интересирал дали нивната партија можела да учествува на изборите во Грција, прашувајќи што би се променило во грчката култура ако се признае културата на словенските Македонци.

Одговорот од грчките претставници е дека не можеле да одговараат на хипотетички ситуации. Во таа прилика грчката делегација ги повтори добро познатите ставови на Атина дека „постоењето на македонското малцинство во Грција е целосно непоткрепено и дека тврдењата за неговото постоење можат да создадат тензии кај постоечките идентитети во регионот, како и сериозна забуна околу името Македонија“.


„Препораките од мала група на невладини организации за т.н. ’македонско малцинство’ во Грција не соодветствуваат со постоечката реалност. Фактот што мала група луѓе во Северна Грција користат, покрај грчки јазик, и словенски идиоми, не покажува постоење на национално малцинство. Употребата на терминот ’македонски’ за да се опише т.н. малцинство го узурпира името и националниот и културен идентитет на два и пол милиони Грци, кои со векови се идентификуваат како Грци“,стои во излагањето на Телалиан пред експертите од ОН. Непризнавањето на малубројните групи како национално малцинство не значи и дискриминаторски однос. Тоа што грчката држава не ги признавала, не значело и дека не ги уживале своите права, е ставот на официјална Атина.

Akropolis Athen Griechenland Nachtaufnahme
ОН се загрижени од ширењето омраза во Грција

На расправата во ОН во Женева, грчката делегација имала претставници од министерствата за надворешни и внатрешни работи, образование и правда, предводена од Марија Телалиан, која е еден од тројцата грчки ко-застапници во процесот во Хаг.

Мерките не се спроведуваат ефективно

Инаку, Комитетот за сузбивање на расната дискриминација при Обединетите нации го поздравува усвојувањето на законските измени во Грција, со кои се воведува принципот на еднаквост, без разлика на расното или националното потекло, религијата или убедувањето, староста или сексуалната определеност. Но Комитетот сепак стравува дека Грција ефективно не ги спровела овие мерки, посебно при казнувањето на злосторствата со расна побуда. Комитетот исто така е загрижен и од случаите на лош третман на лицата кои бараат азил и илегалните имигранти, како и случаите на насилство од страна на грчката полиција кон „ранливите“ групи, посебно Ромите и пречките со кои тие се среќаваат при нивната интеграција во грчкото општество.

Комитетот на ОН за елиминација на расна дискриминација, забележува дека сите северни соседни земји на Грција признаваат најмалку десетина малцинства и дека и Грција треба да го направи истото, што е во согласност и со договорот од Лозана од 1923 година.

Загриженост од ширењето омраза

Во пишаните заклучоци и препораки е изразена загриженост поради ширењето на расистички стереотипи и коментарите со омраза од некои организации и медиуми кон лицата кои им припаѓаат на различните етнички или расни групи. Затоа на Грција и‘ се препорачува да преземе сериозни мерки за казнување на овие организации и медиуми, како и забранување на нео-нацистичките групи. Од Атина се бара промовирање на толеранцијата кон припадниците на различните етнички групи, со развивање на квалитетно образование за турското муслиманско малцинство, но и на другите „ранливи“ етнички групи на нивниот мајчин јазик, во што се подразбира и создавање на предшколски установи за прифаќање на децата на етничките заедници.

Автор: Тони Гламчевски

Редактор: Жана Ацеска