1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Атлетскиот ас ја велича кралицата на спортовите

17 мај 2010

Светскиот рекордер во скок со стап, Сергеј Бубка потпретседател на Светската атлетска асоцијација и претседател на Украинскиот олимписки комитет ја пресече лентата на атлетска тартан патека во Охрид. Денеска е во Скопје.

https://p.dw.com/p/NPjw
Сергеј Бубка на новата атлетска патека во ОхридФотографија: DW

Можеби изгледа изненадувачки, но Македонија е последната земја во Европа, која немаше регуларна атлетска патека. Големиот атлетски ас, Сергеј Бубка затоа ја дели радоста со македонската јавност. „Ова е мислам голем ден. Отворена е новата патека на убавиот стадион. Тоа е многу позитивен факт за развојот на атлетиката. Атлетиката е многу силен, многу популарен и олимписки спорт број еден во светот. Не смее тоа да се заборави.“

Sergej Bubka Flash-Galerie
Сергеј БубкаФотографија: DW

Сергеј Бубка целосно посветен на атлетиката со задоволство го коментира актуелниот момент на кралицата на спортовите и нејзината сегашна позиција. „Би сакал да се вратам две години наназад во Пекинг на Олимписките игри. Јас мислам дека уште еднаш видовме колку атлетиката е популарна, моќна и силна насекаде во светот. Бевме сведоци на посета од 90 илјади гледачи во утринските сесии и 90 илјади гледачи во вечерната програма низ сите девет денови. Тоа е голем успех. Минатата година тоа се повтори и во Берлин. Ја доживевме силата на атлетиката и големината на одделни талентирани атлетичари и големи шампиони.“

Sergej Bubka
Сергеј Бубка во разговор со Златко КалинскиФотографија: DW

Две години највлијателното име на светската атлетика е Усеин Болт. Што значи за светската атлетика неговата појава? „Тој е најбрзиот човек на светот. Тој оствари фантастични, неверојатни резултати. Се разбира, одлично е да се има таков талент, кој многу позитивно ја развива и промовира атлетиката низ светот.“

Нов момент во атлетиката е Дијамантската лига. Таа деновиве стартуваше со митингот во Доха. Тоа е натпреварување со многу повеќе митинзи одошто во досегашната Златна лига. Вака ја коментира Сергеј Бубка. „Мислам дека е тоа ново големо натпреварување. Важен е моментот, што ова не е веќе натпреварување само во Европа, туку сега е насекаде низ светот. Врвната атлетика преку овие митинзи ја однесовме на сите пет континенти.“

Како Сергеј Бубка гледа на атлетиката во Германија

Познато е, еден голем дел од кариерата неговата атлетска база беше во Берлин. „Мене ме врзуваат прекрасни спомени за Берлин, кој е преубав град. Јас тренирав неколку години таму, бев член на олимпискиот берлински клуб и се натпреварував за него. Среќен сум и многу почестен поради она што и се случуваше на германската атлетика во минатата година. Ова се нови генерации, кои се прогресивни и во иднина ќе носат големи атлетски имиња во Германија. ИААФ е многу задоволна од успешноста на светското првенство и од новата генерација германски шампиони.“

Сергеј Бубка како репрезентативец на Советскиот Сојуз на атлетската сцена се појави во 1983-та година на првото светско првенство во Хелсинки. Само со 20 години стана светски првак. Шестпати едноподруго го бранеше мондијалското злато. Во Сеул во 1988 беше олимписки победник. Брзо ги достигна и рекордните дострели. 35 пати во кариерата го соборуваше светскиот рекорд. Неговите 6,15 веќе 17 години се недопирливи за генерациите скокачи. Легендарниот Бубка амбициозен е и вреден, и како атлетски мисионер. Сега е на потпретседателската функција во ИААФ. Има ли амбиции во догледно време да стане прв човек на светското атлетско движење? „Јас сум многу среќен, онаму каде што сум сега. Ние го имаме претседателот Дијак, кој добро си ја извршува функцијата. Ние му помагаме околу донесувањето на промените во атлетиката. А за во иднина, останува да видиме!“

Sergej Bubka
Бубка - олимписки победник во Сеул 1988 годинаФотографија: DPA

Сергеј Бубка во својство и на претседател на Украинскиот олимписки комитет, дененеска е гостин на Македонскиот олимписки комитет. Ќе биде потпишана спогодба за соработка меѓу двата Олимписки комитета.

Автор: Златко Калински

Редактор: Александра Трајковска