1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Аферата Агрокор ја тресе и Словенија

Далибор Добриќ
13 април 2017

Додека се руши кулата од карти во Агрокор, од последиците стравуваат и во соседните држави. Во прв ред словенечкиот Меркатор, иако тамошните власти се претпазливи во изјавите.

https://p.dw.com/p/2b624
Kroatien Zentrale von Agrokor
Фотографија: picture-alliance/Pixsell/Vecernji list/B. Scitar

Кризата Агрокор ги тресе и соседните држави во кои огромното претпријатие на Ивица Тодориќ презеде голем дел од стопанството. „Не смееме да дозволиме да пропадне 'нашиот' Меркатор“, изјави словенечкиот премиер Миро Церар во вторникот по состанокот со новиот претседател на управата на Меркатор, Томислав Чизмиќ и директорите на подружниците на словенечкиот трговски ланец во Србија и БиХ. Аналитичарите се загрижени поради можната намера за повторно превземање на Меркатор од страна на државата.
Загриженоста на словенечките политичари е разбирлива: Меркатор е најголем работодавач во Словенија, во него работат 10 илјади луѓе, и тоа без кооперантите. Загриженоста е во прв ред поради можното прелевање на пари од Меркатор во Агрокор, иако Церар вели дека „засега за тоа нема докази“. Состојбата треба да ја провери Надзорниот одбор на Меркатор кој се состанува в петок. Но, тој Надзорен одбор е именуван токму од Ивица Тодориќ, а во него седи и неговиот син Анте Тодориќ.
Словенечкиот закон за трговски друштва строго ја ограничува можноста за прелевање пари од ќерки фирми во матични компании, а Надзорниот одбор е одговорен за евентуални неправилности.
Новинарката на словенечкиот весник „Финанц“, Петра Совдат за ДВ вели дека Меркатор има самостојна програма за репрограмирање на кредитите, а текот на парите е одвоен од Агрокор. Меркатор мора најпрво да им плати на доверителите, набавувачите и банките, а дури потоа на ред доаѓа Агрокор, вели Совдат.
Таа смета дека е крајно загрижувачки што по сите грешки и пари кои словенечката држава ги загуби во Меркатор, политиката воопшто размислува за повторно купување на компанијата. Имено, Церар го остави отворено тоа прашање. Според некои анкети, преземањето од страна на државата го поддржува мнозинството Словенци. Инаку Агрокор го презема Меркатор во 2014 година. 

Petra Sovdat
Новинарката Петра СовдатФотографија: Aleš Beno

Иако Меркатор е стабилен, неговите резултати наводно се сепак слаби. Следната се очекува објавувањето на резултатите за минатата година и тие, според неофицијални информации, ќе бидат релативно лоши. Причината за тоа се потезите влечени од Загреб, а поврзани со пазарите во БиХ и Република Српска.

„Ова се очекуваше“

Реакциите во Словенија по избивањето на кризата се дека тоа се очекуваше, вели Совдат. Ние знаевме дека е тоа ризична компанија која е презадолжена и знаевме дека Тодориќ е тајкун кој успева само со помош на политиката и политичарите во Хрватска, но друга можност немаше. Сега повторно се појавуваат штетни гласови дека државата треба да го преземе Меркатор, но ние веќе 25 години гледаме дека политиката не знае да управува со фирмите, а и Словенија нема пари за тоа, вели словенечката новинарка. Државата треба да ги приватизира фирмите, а не да ги купува, заклучува Совдат.