1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Аферата Фолксваген и лагите на Мартин Винтеркорн

Хенрик Беме
16 април 2019

Обвинение против екс-шефот на Фолксваген, Мартин Винтеркорн, беше следниот логичен чекор во правната постапка поврзана со измамата со дизел моторите. Сега тој мора да почне да ја зборува вистината, смета Хенрик Беме.

https://p.dw.com/p/3Gr0x
Deutschland, Martin Winterkorn
Фотографија: picture-alliance/dpa/J. Lübke

Беше само прашање на време. Во Фолксваген можат колку сакаат да зборуваат дека на компанијата ѝ оди добро со инвестиции во електромобилите, но се чини дека во Волфсбург нема да може толку брзо да се ослободат од минатото. По огромната измама со дизел-автомобили, на обвинителството во Брауншвајг му требаше многу време додека го обработи купот акти поврзани со случајот. Сега е поднесено обвинение против Мартин Винтеркорн, кој до обелоденувањето на скандалот во септември 2015 беше генерален директор на концернот Фолксваген. Обвинение има и за уште четири лица, најверојатно од неговото опкружување, но нивните имиња јавното обвинителство засега не ги објавува.

Винтеркорн е соочен со тешки обвиненија: измама во особено сериозен случај, прекршување на законот против нелојална конкуренција и прекршување на доверба, даночно затајување и издавање лажен сертификат. Адвокатите на Винтеркорн ќе имаат многу работа, бидејќи ќе треба да се борат на неколку фронта истовремено. Америка веќе издаде налог за негово апсење, а СЕК, телото за финансиски надзор, уште пред еден месец го обвини за измама на инвеститори.

Имиџот на Фолксваген тешко оштетен

Со ова правната јамка околу Фолксваген конечно е во Германија. Не се очекуваат толку високи казни како во САД (таму концернот досега плати околу 30 милијарди долари). Но, поради судските постапки имиџот на компанијата е тешко нарушен. Бидејќи, секогаш кога се појавуваат негативни наслови во медиумите, потенцијални купувачи сигурно ќе си речат: навистина, тие се измамници!

Boehme Henrik Kommentarbild App
Хенрик Беме

Притоа не е само случајот Винтеркорн. Обвинение има и за уште четворица. А ова е само почеток. Во Брауншвајг вкупно се води истрага за 36 лица, меѓу кои и финансискиот директор на концернот, Ханс Дитрих Печ (кој денес сѐ уште е шеф на Надзорниот одбор!). Дури и актуелниот генерален директор Херберт Дис е во визирот на иследниците. Притоа тужителите бараат отштета во висина од неколку милијарди евра, илјадници корисници на дизел возила исто така сакаат да видат пари.

Кажи ја вистината!

Така значи изгледа ориентацијата кон производство на електрични автомобили на Фолскваген - полна со пречки и прекини поради долгите судски процеси. Ќе биде интересно да се види како најдобро платениот пензионер во Германија (Винтеркорн добива по 1300 евра дневно пензија) ќе настапи пред судиите. Дали ќе се изјасни за виновен или ќе продолжи да тврди дека не знаел ништо за измамата со тестовите за мерење на емисија на гасови?

Досега се вадеше на тоа. Винтеркорн стана познат по тоа што ги знаеше сите технички детали за „своите“ автомобили, така што е чудно тврдењето дека не се запрашал како дизел автомобилите одеднаш станаа толку „чисти“. Ако овој човек сака да спаси нешто од она што го постигнал во животот, треба конечно да почне да ја зборува вистината.

Boehme Henrik Kommentarbild App
Хенрик Беме Уредник за економија, со фокус на меѓународната трговија, автомобилската бранша и финансиите@Henrik58