1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Африканските трупи подготвени за напад во Гамбија

БГ
19 јануари 2017

Воени трупи на Сенегал и други западно-африкански држави се подготвени во секој момент да влезат во Гамбија откако претседателот Јахја Џамех одби да ја напушти функцијата, игнорирајќи го последниот рок за тоа.

https://p.dw.com/p/2W1pp
Gambia Yahya Jammeh Präsident
Фотографија: Reuters/C. G. Rawlins

Шефот на генералштабот на гамбиската армија рече дека неговите трупи нема да се борат против африканските трупи кои се подготвуваат да влезат во земјата.
„Нема да се инволвираме воено. Ова е политички спор“, изјави генералот Усман Баџие, кој разговараше со новинарите додека вечерал во едно туристичко место. „Доколку Сенегалците дојдат, ќе не најдат во истава позиција“, додаде Баџие, подигајќи ги рацете нагоре како да се предава.

Мандатот на претседателот Џамех заврши на полноќ, но тој досега одбиваше да ја предаде функцијата откако загуби на минатомесечните избори од опозицискиот кандидат Адама Бароу. Западно-африканските држави со недели преговараа со него и меѓусебе за мирна разврска на кризата. Откако дипломатијата не вроди со плод, Нигерија испрати трупи и борбени авиони како поддршка за Сенегал чии воени сили веќе се распоредени на границата кон Гамбија.

Очевидци велат дека состојбата во главниот град Банџул во текот на ноќта била мирна, иако било видливо присуството на воени трупи.

Советот за безбедност на ОН денеска треба да го потврди барањето на африканските држави за Џамех да ја напушти функцијата.

„Доколку пропадне политичкото решение, ќе се ангажираме во операција во Гамбија“, изјави портпаролот на армијата на Сенегал, Абду Ндиаје. 

Gambia - Touristen bleiben weg
Празни плажи во гамбиските туристички центри по објавената вонредна состојбаФотографија: Reuters/A. Sotunde

Последниот, неуспешен, обид да посредува во кризата го направи претседателот на Мавританија Улд Абдел Азиз кој до доцна во ноќта преговараше со Џамех. Избраниот претседател Адама Бароу се наоѓа во Дакар, под заштита на Сенегал. Тој најави дека неговата инаугурација ќе се одржи денеска на гамбиска територија, без оглед на противењето на Џамех, кој минатата недела прогласи вонредна состојба во земјата во обид да го спречи трансферот на власта. Џамех првично го призна поразот на изборите, одржани во декември минатата година, но подоцна се предомислии тврдеше дека тие биле под влијание на странски сили. Потпретседателот на Гамбија, како и повеќе министри, во меѓувреме, поднесоа оставки, напуштајќи го Џамех кој е на власт повеќе од 20 години.