1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Африка е политичка неопходност и морална обврска за Европа

Коментар на Уте Шефер11 април 2006

Идеите на Африка ќе ги решат проблемите на Африка – во тоа е германскиот претседател, Хорст Келер, длабоко убеден. Ваквото убедување го определи и изборот на цели за патување на неговата втора голема турнеја по Африка – Мозамбик, Мадагаскар и Боцвана.

https://p.dw.com/p/Ae2Q
Келер во Боцвана
Келер во БоцванаФотографија: AP

Реформските идеи на овие држави се пример за континентот. Во Мозамбик е завршена граѓанската војна, има решителна политика против сиромаштијата и за повеќе образование. Во Мадагаскар претседателот има дадено наредба за строги економски реформи, ја поттикнува инфраструктурата и снабдувањето на селските региони и за приоритет над приоритетите ја прогласи заштитата на животната средина. Политичкото раководство во Боцвана одговорно се однесува кон богатството на ресурси во земјата, постои бесплатно здравствено осигурување и социјален систем. Земјата има најмала стапка на корупција на целиот континент, и во тоа е дури подобра и од Италија, Грција и Португалија. И, Боцвана уште од независноста пред четири децении е стабилна демократија.

Доколку ваква реформска политика би била вообичаена насекаде во Африка, на континентот би имало не само помалку катастрофи и војни, туку Африка во неки делови дури и би го оставила зад себе својот соседен континент – старата Европа. Во секој случај, од Африка би доаѓале поинакви вести и сфаќањето во Европа за Африка би било поинакво. Германскиот претседател од Африка сака “good news – добри вести“, и со својата турнеја има намера да придонесе за такво нешто. Тој на трите земји сака да им покаже дека реформските напори се чувствуваат насекаде и дека во Африка политиката често се води попрагматично и побрзо отколку каде било на друго место, за да се надмине развојното заостанување.

Германскиот претседател во Африка ја наоѓа својата улога. Голем дел од разговорите тој ги продолжува онаму каде што ги завршил додека беше шеф на ММФ. Тој може да зборува за политичките недостатоци слободно и директно, и поради тоа е ценет кај неговите партнери за разговор. Политичките изјави на Келер околу Конго или политиката на пазарот на труд наидуваат често на критика. Во Африка тој е почитуван пријател на континентот, наидува на голем респект и доверба. Германија, тоа Келер често го слушаше за време на турнејата, во Африка е на особено добар глас. Позитивна слика, која е во огромна спротивност со слабото познавање и генерално негативниот имиџ на афричкиот континент во Германија.

Во очите на германскиот претседател, образованието е клуч за развој на Африка. Пресвртот нема да биде траен доколку не се промени и политиката на индустриските земји. Тоа се однесува на колку на светската трговија, толку и безобѕирното експлоатирање на суровините на црниот континент.

Аргументите на Келер ја надминуваат простата сметка на трошоци и полза. Дека кризите и конфликтите во Африка ја загрозуваат безбедноста и благосостојбата во Европа се покажа не само во Конго, Судан или во се поголемиот број бегалци на италијанскиот брег. За претседателот е поважно тоа што сиромаштијата и смртта во Африка ги дезавуираат непосредно европските вредности. Африка за него е политичка неопходност и морална обврска за Европа.