1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Ахмети: „Коалицијата функционира нормално“

10 април 2009

Претседателот на Деморатската унија за интеграција Али Ахмети објасни зошто неговата партија упатила апел до членството, симпатизерите и до припадниците на целиот албански етникум во земјата да гласаат за Ѓорѓи Иванов.

https://p.dw.com/p/HUXN
Не мислам дека Албанците го бојкотираа Иванов - Али АхметиФотографија: Petar Stojanovski

„Во спротивно, Македонија ќе влезеше во институционална криза околу позицијата претседател на државата, што не и` беше потребно во овие моменти“, изјави Ахмети.

Дојче Веле побара коментар околу зачестените тврдења дека наводно, „Иванов не е претседател и на македонските Албанци, оти нема добиено легитимитет и од нив.“ „Јас не мислам дека Албанците ги бојкотираа Иванов и самите избори, иако навистина, беше ниска нивната излезност на бирачките места.“ – одговори Ахмети и додаде дека договорот со ВМРО-ДПМНЕ бил да се поддржи Иванов, а тој како иден претседател со настојчивост да ги почитува Рамковниот договор, правичната застапеност на Албанците и сите други прашања, кои се во надлежност на шефот на државата.

ДУИ смета дека Иванов немал понуда за Албанците

Mazedonien Wahlen 2009
Немавме телекоманди да ги насочуваме гласачите, изјави АхметиФотографија: PETR STOJANOVSKI

Сепак, лидерот на „интегративците“ не остана без критичка нота на сметка на новиот претседател на Македонија: „Кај него недостасуваше понуда до Албанците и затоа тие не излегоа да гласаат во доволен број.“

На прашањето дали ќе се преиспитува функционирањето на коалицијата со ВМРО-ДПМНЕ, поради губењето на градоначалничките фотелји во Тетово и Гостивар, како резултат на негласање на членовите на ВМРО ДПМНЕ за кандидатите на ДУИ, Ахмети изнесе: „Важно е дека коалицијата функционира и оти сето нејзино работење е транспарентно. Ние немавме телекоманди да ги насочуваме гласачите. Од наша страна, упативме транспарентен апел за кого да гласаат.“

Али Ахмети на прес-конференцијата во партиското седиште во Мала Речица резимираше: „Ниту сме разговарале за некаква реконструкција на Владата, ниту тоа прашање дошло на дневен ред. Но, можеби во некое догледно време ќе го отвориме и него.“

На оваа средба со новинарите беше соопштено дека ДУИ се смета како победник на годинашниве локални избори со освоените тринаесет градоначалнички позиции и 179 советнички мандати во советите на општините, со добиените 132 илјади гласови, како и со оглед дека нејзини кандидати за градоначалници ќе учествуваат во прегласувањето од вториот круг на локалните избори во општините Долнени, Маврово – Ростуше и Студеничани, со реални шанси да победат.

Автор: Свето Тоевски

Уредник: Трајче Тосев