1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

А, Мицкоски да предложи експертска влада

11 февруари 2020

Следниот чекор на реформираната ВМРО-ДПМНЕ и на научникот и експерт Христијан Мицкоски се очекува да биде предлогот со Македонија да управува експертска влада со мандат до завршување на преговорите со ЕУ.

https://p.dw.com/p/3XZzD
Nord-Mazedonien Journalist Erol Rizaov
Фотографија: privat

Христијан Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ влегуваат во револуционерна фаза за спасување на државата со безусловно прифаќање на правната наука во политиката. Стопати на ден го повторуваат ултиматумот дека го признаваат само судот на научниците,  врвни експерти, како Македонија конечно да стане правна држава. Неупатен човек би рекол дека станува збор за високи  дострели на демократијата која силно ги ограничува злоупотребите на  власта и центрите на моќ во грубите обиди за поткопување на владеењето на правото. Следниот чекор на реформираната ВМРО-ДПМНЕ и на научникот и експерт Христијан Мицкоски се очекува да биде предлогот со Македонија да управува експертска влада со мандат до завршување на  преговорите со ЕУ.

Обзнаната за експертска влада доцни бидејќи дилемата е дали ова Мицкоски да го соопшти пред, или по 12 април. Последната вест е дека сепак ќе се почека на конечната одлука во зависност од тоа кој ќе победи на изборите. Ако победи ВМРО-ДПМНЕ со партнерите веднаш ќе се формира политичка влада, ако победи СДСМ со сојузниците тогаш е неминовно да се оди на избор на експертска влада. Што се однесува до тоа ако има потреба од експертите министри и премиер- научник  списокот е веќе изготвен по истата методологија како и за експертите кои требаше да го подготват законот за јавно обвинителство. Премиер  на политичката влада ако победи ВМРО- ДПМНЕ, но и на експертската ако ги загуби изборите, би бил истиот човек, врвен струњак за енергетика кој ги има сите научни титули и искуство во изградба и продажба на хидроцентрали. Добар енергетичар, експерт, научник и политичар, предан наследник на Груевски и неговите политики, вистинска личност која ќе внесе нова чиста енергија од алтернативните македонски ресурси кои се уште не се пресушени. Експертот премиер се одзива на името Христијан.

Hristijan Mickoski PK Mazedonien
Фотографија: DW/P. Stojanovski

Експертско Собрание со нова метода „Талат“ 

Тоа не би било сѐ. Домашни и меѓународни експерти во случај на пораз на ВМРО-ДПМНЕ би биле поставени на сите значајни  позиции во државата почнувајќи од контролата на монетарната и фискалната политика, во полицијата и разузнавачките служби, во финансиската полиција и во Управата за јавни приходи. Во правосудниот систем на сите клучни инстанци би биле меѓународни експерти кои ќе работат строго по насоките на извештајот на веќе заборавениот Рајнхард Прибе. Во игра е и идејата ако ВМРО-ДПМНЕ ги загуби изборите да не се курдисува ново Собрание, кое и онака ќе нема надлежности да бира експертска влада, ниту ќе може да ја распушти.

Други колумни од Ерол Ризаов:

-Кој ќе биде последната жртва на груевизмот

-Последната офанзива за спасување на криминалците

-А да ги заклучиме сите во Парламентот?!

Би бил тоа парламентарен состав од угледни личности и експерти избрани со дискреционо право од ВМРО ДПМНЕ, со праведна меѓуетничка застапеност, парламент кој секогаш ќе има однапред услогласен став по таканаречената метода  „Талат“ и кој по итна постапка би ги прифаќал законите со европски знаменца  за да се забрзаат процесите за членство на Македонија  во ЕУ. Би било прифатливо изумителот на оваа научна метода да биде и првиот експерт, претседател на Собранието, кој има драгоцено искуство. Ако пак победи ВМРО-ДПМНЕ тогаш нема потреба од странци. Тоа би било навредливо и срамно за националното достоинство, би претставувало загроза на самостојноста и независноста на Македонија.

Можат ли нешто добро да договорат ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ

Шегата на страна, една експертска влада би била добредојдена во најтешкиот претстоен реформски процес кога ќе почнат  преговорите со ЕУ. Добредојдени би биле и ангажмани на меѓународни непристрасни експерти на клучни позиции кои во целата транзиција се најпроблематични места со најмногу злоупотреби, особено во правосудниот систем, во фискалната политика и во сузбивањето на организираниот криминал и корупција. За жал, во Македонија не е можно да се договори таков пристап, како што не е можно било што да договорат ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, или ДУИ со  делот на албанската опозиција. Не може да се формира било каква експертска група предложена само од една партија. Тоа не може да биде експертски тим колку и да е стручен. Автоматски му се става партиски предзнак кога е на предлог на една политичка партија. Ако во предлагање на експерти за одредени прашања учествуваат сите релевантни политички партии, тогаш, во Македонија  ниту може да се состави експертски тим, ниту влада. Ќе има само тешки кавги и навреди со непризнавање на стручноста на било која личност предложена од противничката страна. Тоа е така затоа што во преден план на ВМРО-ДПМНЕ не се ниту државните интереси., ниту пак  владеењето на правото, ниту членството во ЕУ и во НАТО, ниту пак односите со соседите Грција и Бугарија. Се работи за спасување на криминалците од врвот на ВМРО-ДПМНЕ кои во време на 11-годишното владеење на Никола Груевски направија тешки злодела и криминали.

Führer der mazedonischen politischen Parteien
Фотографија: Press service of the Government of Republic of Macedonia

Судските процеси против овие брутални кршења на законите и злоупотреба на функциите, како што се незаконското  долгогодишно прислушување и држење под надзор на илјадници граѓани и јавни личности, најтешка злоупотреба на власта досега, како што се и над 20 предмети на организиран криминал и тешка корупција кои се во тек во судските сали и покрај силните отпори, попречувања и одложувања на судските постапки и во догледно време можат да паднат нови пресуди, се единствениот мотив да се блокираат сите патишта кои можат да доведат до непречена работа на делењето правда и владеење на правото. 

Долгата рака на ВМРО е ретардирана

Повторно скриени зад лажниот патриотизам се продаваат популистички пуканки и ќорфишеци во спасување на уставното име на државата, националниот идентитет и јазик. Ако се толку сигурни во победата зошто е неопходен овој циркус на опструкции на Законот за јавно обвинителство. По два месеци ако победат на изборите можат повторно да ја заробат државата и да ги укинат сите пресуди на своите избегани и осудени функционери, на тие што уште седат на обвинителна клупа, да воведат повторно нарачани судски пресуди на политичките противници и да ја вратат вмровската правда. За тоа ептен ги бива.  Ги бива ама не ќе може повеќе. Заробениот ум на граѓаните во добар дел е ослободен. Можат да се заробат институции, ама тешко ќе се зароби повторно умот, освен на партиските војници и корисни будали.

Nord-Mazedonien Parteizentrale der VMRO DPMNE in Skopje
Фотографија: DW/P. Stojanovski

Откако сегашната техничка влада прифати голем дел од барањата притисната од ЕУ и од домашната јавност за донесување на Законот за јавно обвинителство, но  и од ВМРО-ДПМНЕ како последен обид за спасување на своите криминалци со пазарање и откако на повидок е можно двотретинско мнозинство од 80 пратеници, веќе стапува на сила експертската доктрина на „Ќосето“  со закани по живот да не се изгласа законот. Мавтањето со долгата рака на ВМРО веќе не плаши никого, таа рака одамна е ретардирана и неподвижна. Го гледавме тој филм 2004 година кога вмровци каменуваа куќи на вмровци, ги бришеа своите основачи од историјата нарекувајќи ги предавници, го гледавме истиот документарец во живо и пред две ипол  години кога осум пратеници на ВМРО иако изложени на силен притисок и закани застанаа на праведната страна на историјата и го поддржаа Преспанскиот договор кој не беше можен без неопходните уставни измени. Времето покажа дека биле целосно во право. Покрај членството во НАТО уште оваа пролет Македонија ќе ја добие одлуката и за почеток на преговорите со ЕУ. Нивниот глас и овој пат ќе биде пресуден за остварување на стратегиските интереси на Македонија како што се членството во ЕУ и  во НАТО.

Погрешната проценка на Мицкоски и на раководството на ВМРО-ДПМНЕ е во фактот што ако успеат да го блокираат  донесувањето на законот за јавно обвинителство и да ја спречат правдата, тоа ќе се одрази на изборните резултати. Поразот  на ВМРО-ДПМНЕ во тој случај  ќе биде многу поголем.