1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

А, можеше да биде толку убаво!

Штефан Нестлер/ Александра Трајковска 2 јули 2012

Европското фудбалско првенство во Полска и Украина заврши со достоинствен победник. Турнирот меѓутоа нема да остане врежан во сеќавањата како незаборавна спортска манифестација, смета Штефан Нестлер во својот коментар.

https://p.dw.com/p/15PNu
Фотографија: AP

А, можеше да биде толку убаво. Германија ќе станеше европски првак, земјата ќе се превртеше на глава. Сите ќе беа единствени во ставот: Да, оваа млада репрезентација ја заслужи титулата. Семето кое беше посеано на СП 2010, две години подоцна за’рти. Тимот кој го играше најмодерниот и најатрактивниот фудбал на ова ЕП, оправдано победи и и’ ја донесе на Германија првата титула по 16 години. Се’ е тоа во ред, само што тимот на Лев во полуфиналето се сопна на Италија. Во финалето се најдоа два тима, кои не играа само возбудлив, туку и докажан фудбал.

Историска победа

На крајот победи Шпанија, благодарејќи на својата игра, која се заснова на кратки пас проигрувања. Таквата игра во меѓувреме повеќе ги нервира гледачите, отколку што ги воодушевува. Меѓутоа Чави, Иниеста и останатите се запишаа во историјата на фудбалот. Тие собраа три големи титули една по друга. Тоа досега не и успеало на ниту едан друга репрезентација. Исто така, ниту еден тим досега ја нема одбрането европската титула. И’ симнуваме капа на Шпанија - и исто така и на Италијанците, кои и покрај сите скандали пред турнирот повторно докажаа дека секогаш мора да се смета на нив на големите натпревари.

Прерано згасната еуфорија

Сепак Европското фудбалско првенство 2012 тешко дека ќе остане во сеќавањата како голем празник на фудбалот. Се’ вкупно гледано, учинокот на теренот беше умерен, ако се иземат четирите полуфиналисти. Премногу тактика, премалку офанзивен фудбал. Тимовите за кои пред првенството имаше високи очекувања, како Холандија, Русија или Франција, разочараа. Тоа што Украина и Полска отпаднаа уште во групната фаза, делуваше како дополнителна кочница. Искрата за добра атмосфера не можеше од домаќините да се пренесе во другите земји, оти еуфоријата таму одамна згасна.

Deutsche Welle Sport Stefan Nestler
Штефан НестлерФотографија: DW

Несоодведно однесување

За проблеми се погрижија т.н. „навивачи“ од повеќе нации, кои всушност не се тоа, оти хронично се однесуваат несоодветно, без оглед дали се тепаа, пееја расистички песни или фрлаа банани врз играчите со темна боја на кожата. Европската фудбалска асоцијација УЕФА пропушти да изрече драконски казни и со тоа да испрати јасна порака. Можеби УЕФА во меѓувреме се помири дека ваквите инциденти за жал се вообичаени во европскиот фудбал.

Во Германија јавните места за гледање фудбал и овојпат беа добро посетени. Продажбата на артиклите со боите на германското знаме (црно-црвено-златно) донесе голема заработувачка, сите зборуваа за фудбал. Заедничкото фудбалско славје стана омилен ритуал по летната бајка на Светското првенство во 2006 година. Но, кога ќе изостане спортскиот успех, тогаш се распаѓа и меурот од сапуница, кој претходно делуваше како патриотизам. И сите мислат: а, можеше да биде толку убаво.