1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Баерн незадржлив, критично за Ханза и Фрајбург

29 ноември 2004

Баерн, откако конечно се искачи на врвот на табелата во Бундеслигата, става на знаење дека нема намера веќе да ја препушти на друг лидерската позиција. Единствено уште Шалке држи чекор.

https://p.dw.com/p/Aelq
Марселињо беше најистакнат играч во 15-тото коло на Бундеслигата
Марселињо беше најистакнат играч во 15-тото коло на БундеслигатаФотографија: dpa

Походот на Баерн се чини дека никој не може да го запре. Во 15-тото коло од Бундеслигата четврта последовна победа на асовите од Минхен. Капитенот Михаел Балак има едноставен одговор на прашањето за високата форма што со недели го краси неговиот тим: “Кој сега ја гледа екипата и на тренинзите помеѓу настапите, забележува дека е навистина релаксирана. Таа е свесна за својата сила. Ние веќе не мораме толку да се бориме како минатата година во ова време. Имавме многу интензивни подготовки и се чини дека тоа сега кон крајот на првиот дел од шампионатот доаѓа до израз”.

Сенка врз задоволството во Минхен фрла повредата на Мехмет Шол: организаторот на играта, кој по три месеци повторно се врати на теренот и во попбедата против Мајнц со 4 спрема 2 придонесе и со еден гол, доживеа двоен прелом на вилицата и на јаболчната коска и е отпишан за овој дел од првенството.

Волфсбург, кој со недели беше на првото место, губи здив, а вистински кошмар за тимот од градот на автомобилите е Бразилецот Марселињо: тој беше стрелец на сите три голови и главен актер на победата на Херта со 3 спрема 2, при што профитира и од грешките на домашната одбрана. “Сакавме постојано да го загрозуваме Волфсбург со контранапади и сметам дека тактиката ни успеа” – рече тренерот на гостите од Берлин Фалко Гец. Со оваа победа Херта е досега најуспешен тим на гостувањата.

Шалке 04 изгледа е единствената екипа која може да го следи Баерн. Вчерашната победа над Арминија Билефелд со 2 спрема 1 е 12-та во вкупно 14-те настапи под тренерската палка на Ралф Рангник. Но, “сините” од Гелзенкирхен тешко излегоа на крај со довчерашниот второлигаш и победата пред преполнетото гледалиште пред се‘ му ја должат на својот голман Франк Рост, кој одбрани пенал и низа убави шанси на гостинскиот тим.

Победоносната серија во 4 натпревари едноподруго на домашен терен на Хановер 96 е прекината токму на 51-от роденден на тренерот Евалд Линен. Средбата со Штутгарт заврши без голови, со што Хановер испушти можност да се најде на третото место на табелата, но му го овозможи тоа на гостинот, за кого бодот од Хановер е прв од туѓ терен за последните 8 недели.

Ново разочарување за тренерот на Борусија Дортмунд Бернд ван Марвајк: по поразот од Вердер во Бремен со 2 спрема нула, на удар на критиката се најдоа посебно чешките интернационалци Колер и Розицки, како и Бразилецот Деде: “Кога велам дека можеби само петмина фудбалери одиграа соодветно на своето ниво, тогаш тоа веќе доволно кажува” – рече ван Марвајк. Некогашниот европски првак Борусија е на само три бодови до местата што водат во втората лига.

Во тешка спортска фаза е и Борусија Менхенгладбах. Поразот од Хамбургер со 3 спрема 1 е прв на домашен терен откако поранешниот селектор на холандската репрезентација Дик Адвокат е ангажиран како тренер, а Борусија падна на 15-тото место. Хамбургер, пак, откако новиот тренер Томас Дол го презеде кормилото, стана една од најуспешните екипи во лигата: со пет победи во седуме настапи од последното се искачи на 8-то место. Навивачите веќе калкулираат со учество во купот на УЕФА, но Дол “ја спушта топката”: “Ние знаеме од каде дојдовме – пред 5 недели бевме на сосем друго место. Сега би требало со обете нозе цврсто да останеме на земја”.

Бохум го победи Нирнберг со 3 спрема 1, но играта не беше за фудбалските естети, признава тренерот Петер Нојрурер: “Не видовме квалитетно добар фудбал, туку само голема борба. Но, во борбата за опстанок во моментов тоа е попотребно”.

Ситуацијата веќе сега изгледа драматична за Ханза и за Фрајбург. Поразот на Ханза од Баер Леверкузен со 2 спрема 0 е веќе осми последовно на домашен терен, со што тимот од Росток го изедначи досегашниот негативен рекорд во Бундеслигата на Тасманија Берлин од првенството во 1965/66-та. “Тоа беше една мртва екипа на теренот; таа играше плашливо, без смелост и самодоверба. Овде е во прашање многу голем психички проблем во тимот и морам со тоа да се зафатам” – изјави новиот тренер Јерг Бергер.

Слична задача му претстои и на Фолкер Финке, тренер на Фрајбург, по шестиот последовен пораз, овој пат од Кајзерслаутерн со 3 спрема 0. Ни домаќинот не прикажа уверлива игра, но третата последовна негова победа му дава можност малку да здивне – да не е шокот од повредата на менискусот на голманот Тим Визе, на кого веројатно не може да се смета за подолго време.

На две кола до крајот на есенскиот дел Баерн Минхен има 32 бода, Шалке 30, а Штутгарт 27. На дното се Бохум со 14, Фрајбург со 10 и Ханза со 9 освоени бодови, која - како куриозитет - сите ги донесе од туѓ терен!

За другите спортски настани:

Почетокот на сезоната во светскиот куп во скијачки скокови во Куусамо, Финска, му донесе победа на домашниот натпреварувач Јане Ахонен. Германецот Александер Хер го освои второто место, што е негов најдобар поединечен пласман: “По едно трето место минатата сезона, сега веднаш најдобар пласман и можеби кога и да е ќе биде и едно прво...Кога толку многу се инвестира во спортот, тогаш секако годи да е да дојде кога и да е наградата за тоа” – рече 26-годишниот Александер Хер. Во неделата тој го освои 9-тото место, а бранителот на титулата во светскиот куп Ахонен по втор пат беше најдобар.

Првиот слалом од светскиот скијачки куп за жени и‘ донесе победа на Јаница Костелиќ од Хрватска. Таа во американскиот зимски центар Аспен во второто возење ја надмина водечката од првото Тања Путиаинен од Финска, која падна на трето место, зад Швеѓанката Ања Першон. Путиаинен се реваншира со победа во неделата, кога Костелиќ беше убедливо најбрза во првото возење, но во второто падна.

На викендот во Лејк Луис, Канада, во првиот спуст за мажи најбрз беше Американцот Боди Милер, кој потоа триумфира и во супер-велеслалом.

Германскиот пливач Томас Рупрат на домашното првенство за кратки базени два пати во рок од 24 часови го соборуваше европскиот рекорд на 50 метри грбно. Новото најдобро време изнесува 23 секунди и 36 стотинки. Рупрат освои вкупно пет златни медали во поединечни трки.

Русија за прв пат е победник на тенискиот Федерејшн-куп. Во финалето руските тенисерки беа подобри од Французинките, бранителки на титулата.