1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Баерн супериорен, подвиг на Карлсруе

8 октомври 2007

Баерн (М) е толку доминантен во фудбалското првенство на Германија, што наскоро може да се обистини забелешката на неговиот менаџер Ули Хенес дека ќе биде потребен двоглед за да се откријат екипите зад него на табелата

https://p.dw.com/p/BnpH
Лука Тони и Франк Рибери - вистински засилувања за Баерн МинхенФотографија: AP

По вчерашната суверена победа над Нирнберг со 3 спрема 0 предноста на Баерн веќе изнесува пет бодови во однос на второпласираниот, а на таа позиција не е тим од кругот на спомнуваните кандидати за тиутлата, туку новиот прволигаш Карлсруе.

Најзаслужни за досегашните успеси на Баерн се новите членови на екипата – италијанскиот репрезентативец Лука Тони, кој и покрај тоа што беше подолго време повреден, досега постигна 8 голови, и пред се’ организаторот на играта, францускиот интернационалец Франк Рибери. За него тренерот Отмар Хицфелд вели: „Кога ќе се разигра, веќе е речиси незапирлив. Штета што не постигна гол, денеска секако го заслужи и тоа. За мене беше важно дека тој повторно делуваше посвежо отколку на последните натпревари“.

Тренерот на Нирнберг Ханс Маер по поразот помирено констатира: „Не боли толку многу пораз во кој функционира сосем едноставната формула: противникот беше подобар во секој поглед“.

Карслруе го постигна подвигот на колото со победата против Шалке – и тоа во Гелзенкирхен – со 2 спрема 0 и се искачи на второто место. Но, во Карлсруе не се гледаат себе си како можни конкуренти на Баерн: „Ние имаме други амбиции. Сакаме да останеме во лигата“ – вели тренерот Еде Бекер. Шалке падна на петтото место на табелата.

Трет е Вердер по победата на гости против Дуизбург со 3 спрема 1. Тренерот Томас Шаф за осцилациите на тимот вели: „Мораме да се задоволиме со тоа дека имаме скокови, но и натпревари како денешниов во кои недостасува доминација и јасност. Важно притоа е да се победува токму на таквите натпревари и ние тоа денеска го сторивме“.

На четврто место е Хамбургер, кој од гостувањето во Билефелд однесе три бодови совладувајќи ја Арминија со 1 спрема 0. Вердер и Хамбургер заостануваат шест бодови зад Баерн, еден зад Карлсруе. На бод зад нив се Шалке и Хановер, кој во Штутгарт му нанесе пораз на актуелниот шампион со 2 спрема 0.

Штутгарт никако да фати чекор – по петтиот пораз во деветте одиграни кола туку-речи веќе сега може да се откаже од одбраната на титулата, оти е на 12-тото место и заостанува 13 бодови зад водечкиот Баерн. „Актуелната ситуација кај нас моментно е многу тешка, без дилеми. Ние се наоѓаме во криза која не може да се објасни. Голем предизвик е на направиме пресврт“ – вели тренерот Армин Фе.

Кај победникот, разбирливо, владееше добро расположение. „Од првата минута сакавме да покажеме дека дојдовме со желба да победиме. По малку шпекулиравме и со тоа дека можеби на Штутгарт ќе му недостасува свежина. Ова секако беше заслужена победа на гости за нас“ – оцени тренерот на Хановер Дитер Хакинг.

Ајнтрахт вчера го совлада Баер Леверкузен со 2 спрема 1 и со 15 бодови е на 7-то место. „Екипата денеска веројатно играчки не беше толку уверлива, но се бореше. Севкупно сепак сум задоволен“ – рече тренерот Фридхелм Функе. Спротивна ситуација за Михаел Скибе, тренер на поразениот тим: „Многу сум задоволен од она што го прикажа мојот тим во голем дел од натпреварот. Иако мислам дека денеска недвосмислено заслуживме повеќе отколку тесен пораз, треба да им се честита на Ајнтрахт и на тренерот“. Баер со победа ќе беше третопласиран, вака по поразот падна на осмото место со 14 бодови.

Херта дома во Берлин одигра само 0 спрема 0 со последнопласираниот тим Енерги Котбус и е 9-та со 13 бодови. Волфсбург ја победи Ханза Росток со 1 спрема 0 и е десетти со 12 бодови, колку што има и Борусија Дортмунд, која уште во петокот го совлада Бохум со 2 спрема 1. Ист број бодови колку и Штутгарт - 10, има и Арминија на 13-тото место. По девет имаат Бохум и Ханза, по шест Дуизбург и Нирнберг, а Енерги на последното место освои само 4 бодови во досегашните девет натпревари од првенството.

Наредното коло во Бундеслигата ќе се игра по две недели, оти во меѓувреме следуваат настапи на репрезентацијата на Германија во квалификациите за Европското првенство.

Формула 1: кикс на Хамилтон, претстои неизвесна завршница

По малку неочекувана драматика доби Светското првенство во автомобилизам формула еден: наместо да ја обезбеди титулата како најмлад возач во историјата на овој спорт, Британецот Луис Хамилтон на Големата награда на Кина во Шангај, во моненти кога беше во водство, при релативно мала брзина излета од патеката влегувајќи кон боксовите и остана во песокот. Грешката, колку негова, толку беше и на раководството на тимот, кое мораше порано да го повика на промена на веќе излижаните гуми. Задоцнетото решение се покажа фатално на влажната патека.

Финскиот возач Кими Рајконен му ја донесе 200-тата, јубилејна победа на тимот на Ферари и си отвори шанси во последната трка, Големата награда на Бразил, да се бори и за титулата. Хамилтон сега има 4 бодови предност пред колегата од тимот на Мекларен Мерцедес, двократниот светски првак Фернандо Алонзо, кој беше второпласиран во Шангај, и седум пред Рајконен.

Во Шангај третопласиран беше Маса од Ферари, а голем успех постигна младиот германски возач Себастијан Фетел од тимот на Торо Росо со освојувањето на четвртото место.

Од другите настани

На светското првенство во мечување, што се одржа во рускиот град Санкт Петерсбург, германските претставници во 12-те дисциплини освоија два златни, еден сребрен и три бронзени медали.

Четирикратната германска првенка Луминица Зајтук, по повеќенеделна пауза поради повреда, настапи и победи на полумаратонот во Келн. Во машка конкуренција најбрз беше Ларс Хаферкамп од Рефрат. На атлетскиот полумаратон настапија 9 илјади учесници.

По повеќегодишно упорно негирање, американската спринтерка Мерион Џонс во изјава пред суд во Њујорк призна дека користела допинг-средства. Џонс, според сопствени зборови, се допингувала со стероидот ТХГ, дури и пред олимпијадата во Сиднеј, на која освои пет медали. 31-годишната атлетичарка истовремено објави крај на својата спортска кариера. По признанието за користење допинг на Џонс и’ се заканува затворска казна поради давање неточни искази, како и одземање на сите освоени медали.

Зоран Јордановски