1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Баер (Л) – од работнички клуб, до победник во Купот на УЕФА

29 август 2007

Примерот на Баер Леверкузен покажува до каде може да стигне едно работничко спортско друштво: победник на германскиот куп пред 14 години, освојувач на Купот на УЕФА во 1988-ма, четири пати вицешампион на Германија

https://p.dw.com/p/BZIT
Рајнер Калмунд и Руди ФелерФотографија: AP

Баер 04, како што е официјалната ознака на клубот од Леверкузен, од основањето во 1904-та, 75 години се влечкаше меѓу втора и четврта лига. Во 1979-та година конечно стигна до Бундеслигата. Во тоа време Рајнер Калмунд веќе се наоѓаше во клубот. Прво раководител на младинскиот погон, спикер на стадионот, потоа менаџер и директор - “Кали” како што сите го викаа, наскоро стана синоним за фудбалскот оддел на Спортското друштво Баер Леверкузен.

“Секако најголем спортски успех беше 2002-ра година. Вие ќе се насмеете или зачудите, ќе речете ’човеку, та тогаш бевте три пати втори‘. Но, за Леверкузен тоа е величествено постигнување: германски вицешампион по возбудливо првенство, финалист на Купот – тоа е разочарувачки, но најнапред стои Лигата на шампионите. Претставете си: во Глазгов тогаш игравме против Реал Мадрид на 100-годишниот јубилеј, настапија големите звезди Роберто Карлос, Зидан, Раул. Тогаш сите уште беа во полна сила. Прикажавме прекрасна игра и всушност несреќно загубивме со 2 спрема 1” – вели Рајнер Калмунд.

Баер 04 беше прва екипа која не е првак, а стигна до финалето на Лигата на шампионите, ги победи Ливерпул и Манчестер, играше фудбал што воодушевува. И сепак не освои ни една од трите титули! “Фудбалот е понекогаш суров. Ние сега станавме три пати втори, но некој да ни го речеше тоа пред сезоната, мислам дека ќе го ставев во лудница” – вели тогашниот тренер Клаус Топмелер.

Тоа беше голема година во повеќе од едновековната историја на клубот, кој не можеше да се ослободи од имиџот на “работнички”. Дотолку повеќе, што до нетолку одамна врската меѓу клубот и фабриката беше уште поблиска: Кали се сеќава на времето кога во второлигашкиот професионален фудбал играчите беа вработени во фабриката со половина работно време, а во другиот дел од денот тренираа.

Но, во договор со раководството на претпријатието Баер, Кали сакаше да се ослободи од тој имиџ и да понуди шоу, циркус: "А тоа може само со добар, успешен, но и атрактивен фудбал. Поради тоа ние, кога можевме да си дозволиме, доведувавме и ѕвезди кои беа при крајот на својата фудбалска кариера, како Руди Фелер од Марсеј, Бернд Шустер од Атлетико Мадрид, кои некоја година пред тоа не би можеле да ги добиеме”, вели Кали.

Калмунд носеше и тренери, кои не само што беа сметани за компетентни, туку пред се’ како забавувачи требаше да го свртат вниманието врз клубот – Драгослав Степановиќ и Кристоф Даум. Во случајот на Даум дури и претерано. Скандал изби кога тој беше кандидат да стане тренер на репрезентацијата. “Овде отворено и јасно признавам дека имав контакт со дроги. Консумирав кокаин” - признанието на Даум уследи по повеќемесечно негирање, лаги, криење во САД.

Тој беше отпуштен, а Леверкузен повторно се потпре врз посолидни кадри – Руди Фелер, Берти Фогтс и од пред две години тивкиот Михаел Скибе. И воопшто, околу Баер се’ стана помирно – во погорниот дел од “златната средина”, но недоволно за борба за титулата. Ѕвездите беа продавани: Жоржињо, Лусио, Балак, Зе Роберто, Бербатов – Леверкузен не може да држи чекор со гламурот на врвните европски клубови.

Го нема веќе ни Рајнер Калмунд – пред три години го напушти клубот по не докрај расветлени махинации со пари што им биле давани на рака на менаџери за играчи.

Тобијас Елмаер