1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

071009 Hooligans Balkan

11 октомври 2009

Насилство меѓу фудбалските навивачи во балканскиот регион во последно време зема загрижувачки размери. Во неделата тешките безредија во босанскиот град Широки Бријег кулминираа дури со една жртва и повеќе повредени.

https://p.dw.com/p/K2tA
Протести против насилството во Широки БријегФотографија: DW

„Најубавата споредна работа на светот“ на Балканот се’ почесто се покажува од најгрдата страна. Ретки се спортските викенди на кои нема вести за тепачки меѓу навивачите, како и за повредени, па дури и жртви. Интензитетот на насилството минатата недела, на 4 октомври, во босанското место Широки Бријег претставува сепак изненадување за социологот и универзитетски професор, Уго Влаисављвиќ. „Како и другите граѓани, и јас бев шокиран од вестите што пристигнаа од Широки Бријег. Ова е нешто сосем ново, решавачка промена. Одеднаш во игра се оружје и вооружени групи.“

Не е преседан

Случајот „Широки Бријег“ меѓутоа не е исклучок во балканскиот регион. Кон средината на септември дојде до безредија на средбата од Европската лига меѓу Партизан од Белград и францускиот прволигаш Тулуз. Уште пред натпреварот дојде до тепачка меѓу 30-тина белградски хулигани со 15-тина навивачи од Франција во едно кафуле во Белград, по што еден од гостите им подлегна на повредите.

Flash-Galerie Fußball Hooligans Beograd Serbien
Навивачи на Црвена звезда и на Партизан при тепачка во Белград во 2000 годинаФотографија: picture alliance / dpa

Во четвртокот минатата недела, во романскиот град Темишвар дојде до тешка тепачка меѓу домашните и хрватските навивачи на стадионот и подоцна во градот. Околу 300 навивачи на Динамо од Загреб користеа дури чадни бомби, петарди и други предмети во пресметката со локалните навивачи, подоцна и со полицијата. На натпреварот присуствуваше и спортскиот репортер Томислав Жидак, кој со децении го следи фудбалот на Балканот. „Причините за ваквата бруталност, за ова насилство, имаат сосема јасно национална подлога, тие имаат националистички карактер. Така беше од секогаш на Балканот и така и ќе остане. Вината за најтешките инциденти во нашиот фудбал ја сноси националистичката идеологија.“

Огледало на општеството

Босанскиот социолог Влаисављевиќ е убеден дека настаните на и околу спортските терени се огледало на големата фрустрација што е присутна во балканските општества. „За тоа има повеќе причини, меѓу нив секако војната, сиромаштијата и запоставеноста на младите генерации. Тоа се манифестира во многу нискиот праг за насилна реакција. Младите денес реагираат многу раздразливо на секоја провокација. Згора на тоа, поради војните оружјето едноставно спаѓа во секојдневието на тие луѓе, кои можат по него многу лесно да посегнат.“

Со шокираност поради ваквите настани реагира и претседателот на УЕФА, Мишел Платини, кој најави продолжување на решителната борба против сите поединци, кои го злоупотребуваат фудбалот за насилство. Со најостра реакција на државата против хулиганите се закани и српскиот претседател Борис Тадиќ, но големо прашање е дали репресијата може да го постигне посакуваниот ефект.

Boris Tadic bei Quadriga Preis Verleihung 2008
Српскиот претседател Борис ТадиќФотографија: Nicole Maskus

Еден од предводниците на навивачите на белградски Партизан, кој сакаше да остане анинимен, за Дојче веле изјави: „Државите од нашиот регион практично гореа до пред 10 или 20 години, имаше војни, имаше бомби... цела генерација млади луѓе порасна во такви услови. Југославија се распадна, нашиот систем на вредности доживеа тотална деградација. Што очекувате, што очекуваме сите заедно од тие млади луѓе? Да се однесуваат како академици? Такво нешто нема да се случи, се’ додека не се смени нешто во нашите земји. Репресијата не е решение за проблемот, полицијата не може да го сопре тоа фудбалско лудило. Ако сакате да го спречите насилството, тогаш тоа треба да се стори во училиштата, во семејството, со поддршка на државни програми. Но, такво нешто не се спроведува во ниту една земја од регионот. Затоа насилството е толку брутално“, нагласува навивачот на Партизан.

Напнати меѓуетнички односи

И социологот Уго Влаисављвиќ потврдува дека напнатите односи меѓу етничките групи придонесуваат за избивањето на насилството меѓу навивачите на Балканот и посебно во Босна: „Безредијата во фудбалот се практично продолжение на вонредната состојба што ја имавме за време на војната. Тоа само покажува дека непријателските чувства меѓу нациите во регионот не се смириле. Тензиите меѓу хрватските и босанските навивачи не смееме да ги набљудуваме како спортски феномен. Станува збор за политика во вистинска смисла на зборот!“

Парадоксалното во тоа е што успесите на националниот тим на Босна и Херцеговина од последните месеци почнаа да создаваат чувство на заедничка припадност. Одеднаш Бошњаците, Хрватите и Србите почнаа да стануваат навивачи на „нивниот“ заеднички национален тим. Дотолку повеќе тренерот Мирослав Блажевиќ е згрозен поради убиството во Широки Бријег. „Тажен сум и депреимиран, тоа ми ја одзема силата што ми е неопходна за мојата интегративна работа во босанскиот фудбал. Многу го сакам мојот народ и знам колку ни е важно единството. И тогаш одеднаш се случува ваква трагедија... многу сум загрижен!“

Miroslav Ciro Blazevic Fußballnationalmannschaftstrainier
Тренерот Мирослав БлажевиќФотографија: Bosnischer Fußballverband

Неславна улога на медиумите

Основа за загриженост даваат и медиумите во балканскиот регион. Наместо објективно да известуваат за инцидентите, тие дополнително долеваат масло во огнот на националистичките расположенија: „Натпреварот во Широки Бријег не го ни доживеа почетокот, но затоа сега продолжува во медиумите, во политиката и во редовите на полицијата“, оценува социологот Влаисављевиќ.

А спортскиот новинар Жидак е уште покатегоричен кога се во прашање неговите колеги од тамошните медиуми: „Нашите медиуми се еднострани, на некој начин и тие се хулигани. Во Велика Британија медиумите се обврзаа воопшто да не известуваат за спортските инциденти. Нашите медиуми меѓутоа се гладни по сензации. Тоа е и една од причинте за ваквото однесување на навивачите. Така доаѓа до тоа, тие да станат медиумски ѕвезди, а не играчите!“

Hooligans in Charleroi, Euro 2000
Анлиските навивачи ги бие лош глас низ целиот свет: судир со белгиската полиција во 2000 годинаФотографија: AP

А решение?

„Нема волшебно стапче. Мислам дека во тоа нема да помогнат ни построги закони. Кога на ваквите појави не успеаја да им застанат на крај земји како Холандија, Полска или Англија, како може тогаш заострените закони или полицијата да го решат проблемот кај нас?“, се прашува Жидак.

Очигледно е дека станува збор за пропусти и на законодавците и на политиката. Навивачите се свесни за сопствената одговорност, признава фанот на Партизан, но тие не сакаат медиумите или политиката да им подметнат дека се единствените виновници: „Признавам дека не сме организирале семинари или дискусии на оваа тема. Во разговорите со нашите навивачи се обидуваме јасно да ставиме на знаење дека човечки живот не семее да се стави на коцка само затоа што некој е навивач на противничкиот клуб.“

Прашање е и дали остри санкции од УЕФА би ги импресионирале хулиганите. Партизан пред две години беше исклучен од Купот на УЕФА, по тешките безредија предизвикани од неговите навивачи во дуелот против „Зрињски“ во херцеговскиот град Мостар. Од УЕФА не даваат никаква изјава во врска со случајот во Широки Бријег додека не го добијат конечниот извештај.

Автор: Среќко Матиќ/Горан Чутаноски

Редактор: Симе Недевски