1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Религија

Балкански гамбит

25 ноември 2017

Архиепископот Стефан веројатно дојде до својот „праг на болката“, кога во името на Синодот на МПЦ побара од бугарската црква да ја прифати улогата на мајка на чедото кое е оставено како сираче во православниот свет.

https://p.dw.com/p/2oFDU
Mazedonien - Orthodoxe Weihnachten
Фотографија: picture-alliance/dpa/G. Licovski

Има една ситуација во политиката кога учесниците во неа доаѓаат до моментот познат како „праг на болката“, кога треба да се соочат со настаните, без оглед колку тие да изгледаат како „терор без крај“. Македонскиот архиепископ Стефан веројатно дојде до својот „праг на болката“, кога во името на Синодот на МПЦ побара од бугарската црква да ја прифати улогата на мајка на чедото кое е оставено како сираче во православниот свет. „Теророт без крај" се децениските преговори на Македонската православна црква со српската црква, во кои тамошните владици не ни посмислуваат да ја ослободат МПЦ од железниот стисок од кој не може да протече томос за автокефалност.

Српскиот претседател Александар Вучиќ, ја дочека пресудата за генералот Ратко Младиќ за геноцидот во Сребреница, со самоувереност на трезвен политичар кој одамна го надминал својот „праг на болката“, уште кога во минатите времиња бараше еден од булеварите во Белград да се прекрсти според името на озлогласениот генерал. Со логиката на политичар итроман (ден претходно се гушкаше со македонскиот премиер Зоран Заев во Белград, како да не постоело ништо од она што го нарекуваше „македонско сценарио“), Вучиќ на граѓаните на Србија проповеднички им порача „да не се задушуваме во солзите од минатото“, ги повика „од денес да почнат да гледаат во иднината“ и ако „Србите би почнале да мразат сѐ околу себе би се вратиле во минатото“.

Во овој гамбит на Балканот многумина се обидуваат да повлечат офанзивни потези и да жртвуваат по некој пион за да ја забрзаат играта. Заев и Бојко Борисов толку го забрзаа македонско-бугарското отворање, па настаните станаа толку згуснати што речиси и не можат да се следат. Борисов му ја бацува раката на митрополитот Наум во манастирот Водоча како да му е некој најмил, кого не го видел со години, а потоа напуштајќи ја таквата богобојазливост, на прес-конференцијата, со неговиот препознатлив речник се префрли на радоста на живеењето. „Вие сте млади луѓе, радувајте се на животот. Ниту ние ќе дојдеме да живееме овде, ниту вие кај нас. Можеме само да си го направиме животот поубав“, елегантно порача Борисов.

Mazedonien Ljupco Popovski Journalist
Љупчо Поповски, автор на колумнатаФотографија: Privat

Бугарска утопија или револуционерна замисла

Медиумите речиси и да не можат да ги наведат сите договори што македонските и бугарските министри ги потпишаа во Струмица, тоа како и да не е вест во ова заедничко возење на првите луѓе на владите во еден супер брз ролеркостер. Никој во овој момент не знае како ќе заврши оваа атмосфера од времето на хипиците – мир, љубов и хармонија – но работите, дефинитивно, нема да бидат исти. Бугарија замислува дека може да биде моторот кој ќе ги одведе земјите од Западниот Балкан пред европските порти за време на нејзиното претседателствување со ЕУ и, мора да се признае, дека не и недостасува ниту посветеност, ниту енергија. На почетокот од месецов, за време на посетата на Брисел, Борисов му ја предочил својата визија за регионот на претседателот на Европската комисија, Жан-Клод Јункер: „Ова е ретка можност Балканскиот Полуостров да ја замени Велика Британија во Европската Унија. Регионот има прекрасна природа, работливи луѓе, извонредно културно наследство што може да биде од интерес за цела Европа, прекрасни нации од Црното до Јадранското Море“.

Што е ова? Бугарска утопија или револуционерна замисла? На 17 мај идната година во Софија треба да се одржи самитот на ЕУ посветен на регионот кој треба да му даде висока погонска енергија на неговото приближување кон Унијата. Форматот се знае уште сега – 27 европски лидери плус шест земји од Западниот Балкан. Претходно, во подготовките на самитот Јункер ќе биде на турнеја по регионот која ќе започне од Варна. Некои работи се загубија во годините во регионот и во тоа исчезнување помогна и ЕУ. Последниот самит посветен на европската иднина на овој регион беше во Солун во 2003 година. Резултатите се несразмерно ниски во споредба со тогашните солунски очекувања. За 14 години само Хрватска влезе во ЕУ (возниот ред за членството на Словенија, Бугарија и Романија беше познат уште пред 2003 година) и тоа е голем европски неуспех.

Bulgarien Sofia Nachbarschaftsvertrag
Фотографија: Pressestelle bulgarischer Ministerpräsident

Во ова неочекувано македонско-бугарско отворање барањето на македонската црква ја шокираше овдешната јавност, а го доведе речиси до еуфорија бугарското општество. Оваа потрага на МПЦ по мајка во Бугарија од црковна се претвори во вистинска политичка драма. Што ќе одлучи синодот на БПЦ? За што се договориле бугарскиот претседател Румен Радев и бугарскиот патријарх Неофит? Дали сиот разговор е претечен во зборовите дека Бугарската патријаршија има добра волја да се „бараат патишта за успешно решавање на ова прашање“ и дека автокефалноста на МПЦ ќе биде разгледана со другите помесни православни цркви.

Ако овде расправата за потегот на МПЦ им се остави главно на познавачите на состојбите во црквата и на неколкумина професори, во Бугарија овој гамбит доби врвен општествен приоритет. „Прифатете ја испружената рака на македонската архиепископија“ – му порачаа повеќе познати бугарски личности на патријархот Неофит во поголемото обраќање.

Патерналистичка нишка

На прв поглед, ова обраќање до Неофит треба да ги реши маките на МПЦ со еден алтруистички потег на БПЦ, но ако поубаво ги прочитате редовите во него на површина се појавува патерналистичката нишка која никогаш не исчезнала од софиските одаи.

„Без подвигот на нашите предци, вклучително и од Вардарска и Беломорска Македонија... денес не би постоеле ниту Бугарската патријаршија, ниту Македонската архиепископија, која се јавува како наследник на македонските епархии на Бугарската егзархија... Епархиите на Бугарската егзархија во Македонија се наведени не само со султанскиот ферман од 1870 година, туку и преку последователните анкети (плебисцит) меѓу локалното население, кое претпочиташе да има своја бугарска иерархија, а да не се покорува на Цариградската патријаршија... Последните егзархиски митрополити биле протерани од српските и грчките војски од Македонија во војните од 1912-1913 година, спротивно на сите христијански норми и општочовечки правила. Така Српската патријаршија се насели во диецезата која де факто никогаш не и припаѓала... За време на Втората светска војна во црковниот однос Македонија повторно е управувана од Бугарската егзархија и свештениците, вклучувајќи и архиерејски намесници кои остануваат таму до есента 1944 година. Поради оваа причина некое време во круговите на Српската православна постоеше мислењето дека МПЦ е создадена од 'бугарашите‘ во Македонија".

Bulgarien Shipka Kirche
Фотографија: Fotolia/vsulov

Што се овие зборови? Посвета на борбата на соседот за црковна самостојност или жал за заблудените браќа кои конечно ја увиделе стогодишната грешка. Посебна приказна се потписите на повеќемина потомци на славни личности од македонската историја, како внуките на просветителските апостоли Григор Прличев и Кузман Шапкарев, или двете потомки на браќата Миладиновци; или синот на Страхил Развигоров (син на штипскиот војвода Мише Развигоров), кој беше член на ЦК на ВМРО на Ванчо Михајлов и кој по „ослободувањето“ на Вардарска Македонија заминува од Софија во Скопје за да работи како адвокат. Тука е и Рајна Дрангова, ќерка на Кирил Дрангов, еден од најблиските соработници на Ванчо Михајлов, кој исто дошол во Скопје да работи како адвокат по бугарската окупација на Македонија; па Евелина Александрова, внуката на Тодор Александров. Се разбира, ќерките или синовите не треба да се поврзуваат со постапките на нивните татковци, но нивните потписи треба да го убедат патријархот Неофит да се донесе „судбинската одлука - одлуката на Мајката црква да го препознае украденото дете“, како што напиша еден од потписниците, познатиот новинар Иван Николов.

За разлика од ова писание со романтичарско-бугарски патос, професорот по уставно право и православна политичка теологија од Универзитетот во Софија, Атанас Славов, во текстот објавен на порталот bulgariaanalytica.org, кој го пренесе Дојче веле, исцрпно објаснува зошто дошло до овој неочекуван потег од Скопје, за кој се знае дека македонски и бугарски владици разговарале одредено време. Овој текст можеби е најдобрата анализа за барањето на МПЦ. Славов целиот случај го сместува во геополитиката и обидот за пенетрација на Руската православна црква на Балканот, а преку неа и остварување на политичките планови на Кремљ.  

Kirche "Kliment Ohridski" Skopje Mazedonien.
Фотографија: DW

„Проблемот со МПЦ е црковно-политички и геополитички јазол, чие расплеткување има важно регионално значење. Позитивното решение на тој проблем - враќањето на МПЦ во целосно канонско единство како автокефална црква со останатиот православен свет - ќе доведе до зајакнување на македонската државност и отворање на поактивно регионално партнерство и соработка.

Во случајот на МПЦ, канонски правилниот одговор- барањето автокефалност од СПЦ - не е задолжително најправилен и од државнополитичка гледна точка. Во тој процес последниве години Московската патријаршија активно се обидува да посредува - очигледно во обид за зачувување на влијанието во регионот... Доколку МПЦ добие канонско признание со посредство на Москва, тоа би создало односи на доверба и соработка, кое може да прерасне во политичко влијание, чија цел е оттргнување на Македонија од нејзината европска и атлантска интеграција.

Не треба да заборавиме, дека основната цел на руската политика во регионот е тој да остане фрагментиран и неинтегриран целосно во ЕУ и НАТО... На прв поглед, некои од дејствата на Русија и нејзиниот црковно-политички инструмент РПЦ можат да изгледаат позитивни - како поддршка за канонското признавање на МПЦ- но целта е да се вовлече Македонија во орбитата на руското влијание". 

Сигурно дека дел од приказната за сензационалното писмо од Скопје до Софија има и вакви корени. Како што е сигурно дека „прагот на болката“ кај македонските владици дошол до границата која преминува во состојба на очај и дека е потребно да се направи нешто кое проблемот што не се решава ќе го зголеми до уште поголеми размери.

 

Љупчо Поповски
Љупчо Поповски Уредник, новинар и политички аналитичар