1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Балкан и ЕУ: Љубов преку жица

17 јуни 2021

На Европејците, зафатени со сопствените балканологии, е тешко да им се објасни опасноста која ја предизвикуваат со сопствените разногласија, потценувања и подметнувања. Пишува Арсим Зеколи

https://p.dw.com/p/3v5df
Mazedonien Arsim Zekolli
Фотографија: DW/K. Blazevska

Европскиот замор од проширувањето конечно добива балкански одговор во форма на регионалниот умор од ветувањата. Се разбира, западните бирократи никогаш нема да дигнат раце од уверувањата дека „трпеливо нѐ чекаат во европската фамилија”, терцирано со регионалните рефрени дека „не постои план Б за членството во ЕУ”. Но таа размена на прстени и триесетгодишна веридба е сѐ подалеку од крунисување со свадба и брак. Дури се чини дека таа состојба на „отворен брак” понекогаш им годи на двете страни. 

Опкружени со ЕУ и НАТО, дешифрирани до последниот атом, педантно зададени во потврдување на сите европски предрасуди, Западниот Балкан не може да очекува да слета во Брисел јавајќи врз бранот на непознаницата, егзотичноста, заводливата мистериознот и оптимизмот. Онака како што Балтикот, Источна Европа и остатоците на Австро-Унгарија успеаја да капитализираат врз сопствената историја, мистичност или преценетата убеденоста на Брисел во сопствената способност за реформирање на новите земји членки. Нашиот регион можеби е навистина поподготвен денес за членство отколку што Романија, Бугарија, Словачка биле пред неколку децении. Но деволуцијата на стандардите по нивното стапување во Унијата е факторот кој речиси ги дезавуира нашите аргументи и не придонесува премногу за промена на претпазливоста и сомничавоста на ЕУ кон одржливоста на домашните реформи.

Дотолку повеќе што првиот критериум за регионалното членство во ЕУ, а тоа е принципиот на неувезување на нерешени спорови, е во процес на засилена ерозија буквално од Триглав па до Вардар. Почнувајќи од сѐ погласното незадоволство на Хрватска со третманот на хрватскиот народ во и онака расклатената Босна и Херцеговина; ударот врз суверенитетот на Црна Гора и сѐ поширокиот јаз помеѓу суверенистите и федералистите; нерешените односи помеѓу Косово и Србија; нерасчистените позиции на Тирана и Атина околу поморското разграничување. И на крај, ние самите, соочени со барањата поврзани со спроведувањето на Договорите со Бугарија и Грција. Сѐ на сѐ, листинг на предизвици од прва категорија кои - поединечно и севкупно - тешко дека ќе бидат разрешени без притоа да предизвикаат други тектонски промени со (не)предвидливи проблеми.

Што ако сепак има План Б?

Аргументот дека такви проблеми има и во самата Унија и нејзините стари земји  членки оди во прилог на нашите ставови дека несогласувањата ќе се ублажат со нашето зачленување во Унијата и прифаќање на воспоставените параметри на однесување. Но гледано од призма на Унијата, самата помисла за дополнителна мултипликација на постоечките невралгични точки е негативен фактор, засилен со дихотомијата помеѓу федералниот пристап на Унијата кон нас и националните интереси на моќните земји членки. Притоа, долговечноста на споровите во самата Унија е секако непријатен демант за нашите очекувања дека „сѐ ќе се реши штом стапнеме во ЕУ”.

Ставени во расчекор помеѓу субјективната неподготвеност за спроведување реформи и објективните надворешни сопки, на владите во регионот – вклучително нашата – не може да им се замери што катадневно се принудени да повторуваат дека „немаат План Б за евроинтеграциите”. Но што доколку самата ЕУ, или барем некои од влијателните земји членки, сепак имаат и/или посакуваат некаква План-Б алтернатива на нашето приклучување кон Унијата? Последните пораки од Елисејската палата навидум ги ублажуваат претходните пораки на Макрон кои безмалку најавуваа поинакви „специјални аранжмани со повластици” како супститут на полноправното членство за земјите кандидати. Од друга страна, искуствата на Турција со (д)еволуцијата на нејзиниот вечен статус на земја кандидат се пример дека таквите можности не се сосема исклучени и не се толку незамисливи.

Други колумни од авторот: 

УЧК Паркови-Зеленило и компромитираната антикорупција на Бајден

Публиката во пламен

Кавгаџиите и антихеројот во ДУИ

Никулците на блоковските групировки во рамките на Унијата, деликатниот баланс на односите меѓу земјите членки, доминантно негативниот однос на гласачите кон проширувањето, се фактори кои одат во прилог на можноста за појавување на План-Б алтернативни понуди кон регионот. Со оглед на ограничените можности и ресурси, владите во регионот имаат тесен маневарски простор за влијание, а за промена на таквиот курс на мислење не станува ни збор. Она што им преостанува е засилено превентивно делување преку јасно и навремено предупредување за последиците од алтернативните сценарија по самата ЕУ.

Комотна ЕУ-бирократија

Тековната пацификација на регионот е засега релативно успешна поради споделената про-ЕУ матрица и мантра на сите мејнстрим актери и огромниот дел од странични и спорадични фактори. Не навлегувајќи поподробно во начините и модалитетите низ кои е постигната таа речиси едногласна согласност околу интеграциите во ЕУ, неопходно е да се укаже дека таквата унисоност не е долгорочно одржлива доколку не вроди со конкретни резултати. Имено, пацификацијата има смисла сѐ додека се одвива во име на некоја повисока цел за која администрацијата и општеството се спремни да поднесат жртва. Но доколку пацификацијата се оддолжи и стане цел сама по себе, таа неминовно води кон умртвување на општеството, замолкнување на дијалогот и згаснување на енергијата за промени во име на зададената цел. Се плашам дека за разлика од регионалните политики кои се длабоко свесни за опасностите од таквиот негативен развој, бирократијата од ЕУ е слепо убедена во сопствената неприкосновеност, неминовност и незагрозена левијатанска доминација. Ризикувајќи со сопствената комотност да ги загрози и стекнатите кревки добивки од пацификацијата.

Не треба многу напор за токму во нашиот случај да се увидат првите ефекти на заморот од пацификацијата во име на интеграциите. Доскорешната апатичност на јавноста веќе полека се надградува со општа незаинтересираност, предавање на судбината, нескриена немоќ и заситеност од напумпаните оптимизми на власта и раструбениот песимизам на опозицијата, подеднакво. Во таа какофонија на пораки „спремни сме за Европа” карши „со вас не бива во Европа” прва жртва е злоупотребата на самата ЕУ, која полека станува не само најздодевната тема на дебатите, туку и објект на заситеност и тригер на гнев токму поради проектираниот примат врз животните приоритети на граѓаните. Од таа емоција може да се изгради подлогата врз која ќе стапне првиот чекор во новиот анти-ЕУ наратив како контрапункт на пацифизираниот мејнстрим политички и општествен дискурс. Секако непријатен, секако бесполезен, секако агресивен, секако контрапродуктивен контрапункт, но несомнено популистички примамлив поради „инаквоста” во зачмаеноста на општеството и умртвеноста на јавниот дијалог. Впрочем, драстичниот пад на довербата на граѓаните во нашата европска скорешна иднина е јасен индикатор во прилог на спремноста на општеството за нови струења надвор од вообичаениот спектар на поведенија.

Балкан ми е - двор ми е

Одговорноста за таквите опасности главно оди на сметка на домашните политички фактори, но не исклучувајќи ги и одговорните од самата ЕУ. Дрската изјава на Мирослав Лајчак кон критичките тонови за улогата на ЕУ и пораката „ако не ви се допаѓа ЕУ, одете некаде на друго место” јасно укажува на ерозијата на бриселскиот пристап кон регионот, но и квалитетот на сопственото надворешно претставителство. Изјавите од типот „оди ако не ти се допаѓа” досега можевме да ги слушаме низ балканските провинциски национализми, и тоа од оние од најпрост и највулгарен сој. За сега да ги слушаме од европските претставници со вокабулар и пораки по мерка на автократите од регионот, жедни да бидат оставени на раат од спроведување „стандарди пред членство”.

Не би посакувале врз наш грб да се оствари предупредувањето до Европа за проклетството „да имаш, па да немаш”. Но евидентно е веќе дека Европа прекомотно се однесува кон регионот низ призма на наивно констатиран fait accomplie процес на присвојување, како неуредна бавча која може доколку сака, но и не мора да ја култивира и оградува, како Балкан ми е - двор ми е сопственост. Таквата ароганција на заситени земјопоседници во комбинација со скепсата кон земјоделците е поголема кредибилна и присутна закана за мирот во регионот од извиканите загрозувања од Русија, Турција, Кина или пак антиамериканските сентименти на wanna-be новите газди на Балканот.  

На Европејците, зафатени со сопствените балканологии, е тешко да им се објасни опасноста која ја предизвикуваат со сопствените разногласија, потценувања и подметнувања со кои предизвикуваат процеси дијаметрално спротивни од сопствените вербални заложби. И поради кои веќе се предмет на обвинувања за ширење раздор, недоверба и анимозитети меѓу народите во регионот. Обичните Балканци веќе имаат разбрано – од сопствени искуства и покајанија – дека автократски режим во која било земја е проблем за сите земји во регионот. ЕУ допрва ќе треба да разбере дека седум автократски режими со сплотена агенда се Дамоклов меч врз самата Европа.

Mazedonien Arsim Zekolli
Арсим Зеколи Дипломат, историчар на уметност, преведувач