1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Балкан кон ЕУ-кој напредува, кој назадува?

29 септември 2010

Балканските земји се движат напред и 2011-та се очекува да биде плодна година за европските аспирации на повеќето од земјите од регионот. Предничат Хрватска и Србија, Босна и Македонија заостануваат во процесот.

https://p.dw.com/p/PPPz
Фотографија: AP

Прва на список и најнапредна на патот кон ЕУ, но сепак фрустрирана во минатото со постојаните одлагања и билатерални блокирања, е Хрватска. Поддржувачите на проширувањето се надеваат дека следната година ќе биде конечно годината кога Загреб ќе ги затвори сите преговарачки поглавија и ќе и‘ се придружи на Унијата

“Некои сметаат дека Хрватска нема доволно направено за интеграцијата на српското наеление и за враќањето на бегалците за време на војната. Мислам дела заклучувањето на преговорите е најважна работа, но ни требаат ште неколку позитивни аргументи во Хрватска за да ја увериме и ЕУ, но и хрватското население дека членството е добра работа“, вели известувачот за Хрватска во ЕП, Ханес Свобода.

Србија напредува кон ЕУ, Црна Гора-шампион

Србија, значајна земја во регионот, последниве месеци покажа вистинска проевропска определба, особено откако беше изгласана заедничката резолуција ЕУ-Србија за Косово, сметаат нејзините поддржувачи. Нејзината најслаба точка е судството.

Serbien Beitritt EU Karte
Србија прескокнува пречкиФотографија: Marina Maksimovic

Србија би можела наскоро да го добие прашалникот на ЕК за аплицирање за кандидатски статус, но за тоа претходно ЕК треба да даде мислење.

„Се ќе зависи од динамиката на приближување. Јас мислам дека ЕК би можела да даде вакво мислење во октомври доколку во следниве денови Србија покаже дека ја контролира својата територија и дека е во состојба да го лоцира и предаде во Хаг Ратко Младиќ“, вели Јелко Кацин, одговорен за Србија во ЕП.

Црна Гора, за која вчера во ЕП се оддржа состанок за нејзиниот процес на приближување кон ЕУ, може да се каже дека е шампион во регионот. Нејзиниот напредок се покажа брз и ревносен. Кандидатскиот статус е речиси извесен во текот на 2011 година.

Проблеми, проблеми...

Албанија исто така го започна процесот на аплицирање за членство, но, коментираат познавачите, земјата се‘ уште стои во место. Црна дупка во регионот останува Босна и Херцеговина. Поделена, нефункционална, корумпирана. Европратениците ги повикуваат земјите-членки да не ги испуштат од вид земјите како Босна и да продолжат со процесот на проширување и покрај економската криза.

Griechenland Mazedonien Bildkombo Flaggen
Македонија закочена од спорот со иметоФотографија: AP/DW Fotomontage

Поради нерешениот спор за името, и Македонија се перципира како потенцијално нестабилна земја.

„Има ризик за Република Српска и можни барања за отцепување, но и во Македонија може да се случат поделби. Не верувам дека е можна нова војна но можно е да опадне поддршката, ќе има елементи на нестабилност,“ вели Свобода.

Пред пет години, Македонија беше позната како успешната приказна на Балканот со што заслужи кандидатски статус. Таа требаше да стане следната земја-членка на ЕУ по Хрватска и пример за целиот регион.

„Компромисот за името ќе донесе членство во НАТО и прегооври со ЕУ и ќе ја стави Македонија во пакет со Исланд, Хрватска и Турција, земји кои се најблизу до ЕУ во моментов, но се‘ зависи од тоа што ќе одлучи македонскиот премиер Никола Груевски, да каже дали ЕУ е негов приоритет“, изјави Кацин за Дојче веле.

Со секое одлагање на решение за спорот со името, Македонија губи по едно место во трката кон Европа.

Автор: Тања Милевска

Редактор: Жана Ацеска