1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Банките во сенка - закана за финансискиот систем

Андреас Бекер/ Зоран Јордановски 7 април 2012

Банките во сенка ја загрозуваат стабилноста на финансискиот систем и треба да бидат подобро контролирани, предупредуваа Комисијата на ЕУ и финансиските надзорници. Кои се тие банки во сенка?

https://p.dw.com/p/14Y1V
Фотографија: Fotolia/svort

Деловниот модел на нормалните банки е едноставен: на луѓето што ним им ги доверуваат парите, им плаќаат пониски камати, а на оние на кои им даваат кредит, им наплатуваат повисоки камати. Разликата во каматните стапки претставува добивка на банките и со векови банкарите добро живееја од тоа. Со тек на време дојдоа и други задачи: управување со имот, трговија со хартии од вредност или подршки при фузии или преземања на фирми.

Во САД до 1999 година се правеше стриктна разлика меѓу деловни и инвестициони банки. Во Германија немаше таква поделба. Банкарите долго време ја сметаа инвестиционата област за повозбудлива. Регулацијата од страна на надзорните власти беше помалку строга, ризикот поголем - но и добивките исто така.

Притисок од банкарите за дерегулирање

Банките вршеа притисок за уште помалку регулирање, уште поголем ризик и уште поголеми добивки. Од 70-те години на минатиот век настануваа постојано нови, висококомплексни финансиски продукти, кои години подоцна решавачки придонесоа за големата финансиска криза. Одеднаш можеа да бидат откупувани, реструктуирани и препродавани долгови. Одеднаш ризикот од невраќање на долгови или од варирање на каматите можеше да се одвои до фактичкото кредитирање и одвоено да се третира. Одеднаш можеше да се склучи облог за времето во наредната година. Се чинеше како новите финансиски продукти извонредно да исполнија една базична задача на банкарството: светот да го снабдуваат со пари. Одеднаш имаше соодветен продукт за секоја желба за финансирање.

Aufschrei in Londons City über Bonisteuer
Еден од водечките финансиски центри во светот - банкарскиот кварт во ЛондонФотографија: picture alliance / dpa

Долго време без приговори

Тоа објаснува зошто надзорните власти ширум светот долго време немаа никакви приговори против често пати сомнителните активности на финансиската бранша. Тоа објаснува и зошто тие власти не реагираа кога таквите активности се’ повеќе беа префрлувани во други установи, кои официјално воопшто и не беа банки - тоа се банките во сенка. Тие имаат различни имиња, Хеџ-фондови е едно од нив. Границата меѓу деловните банки, инвестиционите банки и банките во сенка е нејасна.

Колку и да се банките во сенка и нивните активности во подробностите различни, едно им е заедничко: тие не мораат да се придржуваат кон правилата кои важат за нормалните банки. „Класичниот банкарски надзор всушност нема никаков увид во тој пазар на банките во сенка. Тука се’ до сега недостасуваат регулаторни инструменти, за да може да се интервенира и воопшто за да се види со колкав волумен се игра на тие пазари“, вели за ДВ Мартин Фауст, професор по банкарство на франкфуртската „Скул од фајнанс“.

Се вртат огромни средства

Проценки постојат: 60 билиони (60 илјади милијарди) американски долари е волуменот во светски рамки на секторот на банки во сенки, објави во октомври минатата година Бордот за финансиска стабилност (ФСБ) - меѓународна организација за надгледување на глобалниот финансиски систем. Тоа е приближно соодветно на светскиот брутосоцијален производ. Според ФСБ, бизнисите на банките во сенка сочинуваат повеќе од една четвртина на финансискиот бизнис во светот.

Обемот на зделките на банките во сенка, значи, денес е поголем отколку на почетокот на финансиската криза - со сите ризици што од тоа произлегуваат за финансискиот систем. „Банките во сенка шпекулираат, значи има ризик од промашени шпекулации“, вели професор Мартин Фауст. Најголем дел од бизнисите на банките во сенка се арбитражни бизниси. Притоа со откуп и продажба на хартии од вредност честопати се постигнува минимална маржа. „За сепак да се дојде до голема добивка, мора за тоа да се ангажира многу голема сума пари“, објаснува Фауст.

За такви бизниси банките во сенка најчесто позајмуваат многу повеќе пари, отколку што би им било дозволено на нормалните банки. Со таканаречениот лост е можно со релативно помал ангажман на пари да се постигнат големи добивки - а ако работите тргнат наопаку, и големи загуби. „Големата опасност кај таквите бизниси е дека партнерите можат да банкротираат, како што видовме во случајот со инвестиционата банка ’Лимен брадерс‘. Тогаш се заканува да се урне целата конструкција, настанува домино-ефект“, вели професорот Фауст.

Бекство во банки во сенка

Од избивањето на финансиската криза во многу земји беа заострени правилата за деловните банки. Тоа може да биде една од причините за повторно растечкото значење на банките во сенка. Еврокомесарот за внатрешен пазар на ЕУ Мишел Барние смета дека многумина актери на финансиските пазари ги преместиле своите бизниси во банки во сенка, оти сакаат да побегнат од построгите прописи во ЕУ. Оттука, според Барние, е нужно регулирањето на банките во ЕУ да се прошири и врз банките во сенка.

Bankenkrise Symbolbild
Темни облаци над Франкфурт - банките во германската финансиска метропола доживеаја изминатите години се бореа со тешка финансиска кризаФотографија: picture alliance/dpa

Професор Мартин Фауст смета дека успешно регулирање на банките во сенка е можно само ако надзорните власти подобро соработуваат на меѓународно ниво, оти таквите банки лесно можат да се извлечат од надлежноста на националните надзорници, бидејќи оперираат и имаат седишта ширум светот.

И Адер Тарнер, шеф на британскиот финансиски надзор ФСА, бара посилно регулирање на банките во сенка, но предупредува и дека тоа може да биде компликувано: „Толку компликуван систем не може целосно да биде сфатен“. Мора и точно да се дефинира што се, всушност, банките во сенка. Тој сектор, според Тарнер, не егзистира „паралелно и одвоено од фактичкиот банкарски систем“, туку е „длабоко испреплетен“ со него.