1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Бан Ки Мун: Кризата во Сирија е екстремно опасна

АТ/ БГ/ дв/ дпа21 март 2012

Советот за безбедност на ОН го одложи гласањето за декларација за Сирија за еден ден. Генералниот секретар на ОН предупреди од големи последици.

https://p.dw.com/p/14ONC
Фотографија: AP

Генералниот секретар на ОН Бан Ки Мун оцени дека ситуацијата во Сирија е екстремно опасна и предупреди од големи последици. „Не знаеме како ќе се развива ситуацијата, но знаеме дека сите ние кои имаме одговорност мора да работиме на решавање на оваа тешка и екстремно опасна криза“, изјави Бан утрово (21.03) во Џакарта.

Седницата за Сирија на највисокото тело на ОН, Советот за безбедност, вчера заврши без договор. Дипломатите оценија дека преговорите биле тешки, но не исклучуваат дека може да биде постигната спогодба. „Советот за безбедност е длабоко загрижен за влошената состојба, која се развива во вистинска криза на правата на човекот и хуманитарна нужда“, се вели во предлог декларацијата. Советот, исто така, во неа бара „целосна поддршка“ за специјалниот пратеник за Сирија Кофи Анан, за „брзо да се запре насилството и повредата на човековите права“.

Освен ова на хуманитарните работници би требало да им се овозможи пристап до погодените региони и да се воведат реформи, за земјата да може да се развие во демократија со повеќепартиски систем и исти права за сите граѓани. Владата и опозицијата се повикани да работат на ова и да го поддржат специјалниот пратеник Анан.

Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров изјави дека декларацијата не би смеела да биде упатена до сириската влада во форма на ултиматум.

Организацијата за човекови права Хјуман Рајтс Воч, во меѓувреме, ја обвини сириската опозиција за тешки повреди на човековите права.