1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Барањето за црква ги скара селаните во Пешталево

26 август 2011

Барањето за градење нова црква, поблиску од старата, се заканува да го загрози меѓуетничкиот мир во селото Пешталево. Во селото со мешано население, инаку, веќе има две џамии.

https://p.dw.com/p/12DOF
Во Пешталево има две џамии и мала цркваФотографија: Fotomontage/AP/DW

На четириесет степени под жешкото августовско сонце, во Пешталево, село во општината Долнени, врие како под вршник. Малку заради времето, малку заради селските работи, улиците се празни. Жителите скриени во дворовите го нижат тутунот. Оние од христијанска вероисповед, бидејќи Пешталево е мешано село, во отворените дворови, а оние од муслиманска, зад високите оградени ѕидови. Калливи и прашливи улици ќе ве пречекаат во селото. Тие се заеднички за сите, исто како и проблемите врзани со нив. Различни им се верите и храмовите, каде се молат на Бога. Но, муслиманите имаат две џамии. Едната, најнова, се издига и се гледа далеку од селото.

„Ни‘ треба нова црква поблиску“

Православците имаат само една малечка црква. Токму желбата да имаат уште еден свој храм, ги скара двата одбори: џамискиот и црковниот. Кај другите жители ја зголеми нервозата и го всади стравот дека работите можат да тргнат на полошо. Токму тој страв се чуствува во секоја куќа, ја запира и мислата и зборот. Не сакаат многу да зборуваат за овој проблем. Единствени се само во изјавите дека пред ова, живееле како браќа.

Садип Балиоски го собира млекото речиси од сите стотина куќи на Пешталево. Кога заминува на пазар во градот клучот им го остава на соседите, со кои ги дели само ѕидот. „Свадби и крштевки правевеме заедно. Ќе ми ја остават куќата на доверба. Во црква сум одел и овде и во Ропотово, во Секирци. Децата заедно ни‘ спиеја, нивното дете спиело кај мене, моето кај нив. А сега муабет не прават.“

Bosnien Herzegowina Sarajewo Weihnachten 2011
Малата православна црква е оддалечена неколку километри од селотоФотографија: DW

Југослав Каранфилоски е еден од постарите жители на Пешталево, откако памети и муслиманите и православните овде живееле како браќа. „Ова село беше за пример. На свадби, на крштевки, не сум одел кај брат ми, ама сум одел кај нив. Сега се најде овој проблем околу изградбата на црквата. Јас сум да се изгради црквата, но да се најде решение, а не со кавги“.

Старата е далеку  

Малата православна црква е оддалечена неколку километри од селото. До неа се сместени селските гробишта. Служи само за помени, а за венчавки се оди во Прилеп, вели Дејан Змејкоски.

„Старата црква ни‘ е отсечена во зима, а нема ни пат. Кога одлучивме да ставаме камен темелник сакаше да дојде владиката Петар, но беше спречен. Инаку ние сами си собиравме пари за црквата, кој колку може“.

Местото кадешто треба да се гради црквата е селски имот. Според катастарските документи е река, но муслиманските жители на овој простор испланирале детско игралиште. Велат дека немаат против црквата да се  гради на друго место.

„Бог е еден“, вели Мерита Кадриоска, седната покрај двата коша тутун, што го ниже со трите ќерки, тој треба да биде еднаков за сите, но сепак сака на овој простор да има игралиште, а не црква.

„Тоа навистина е игралиште, но ние го сакаме за децата, а не ми се верува дека и тие сакаат да направат црква токму тука“.

Mazedonien Land und Leute Tabak aus Mazedonien Prilep Flash-Galerie
Жителите на Пешталево ја избегнуваат темата со црквата и џамијата - заедничка тема им е тутнот, нивната основна егзистенцијаФотографија: Petr Stojanovski

Црква или детско игралиште?

Седнат покрај тутунот го најдовме и Гале Трајаноски. Доколку муслиманите сакаат, би им помогнале да ја реновираат и старата џамија. „Општина Долнени не презеде никакви мерки. Требаше да дојдат и на лице место да утврдат дали е приватно или државно. Инаку, ова игралиште ние го изградивме, за да играат децата“.

За долненскиот градоначалник, Абдула Бајрамоски, меродавна е само валидната документација. Доколку црквата донесе документ дека е сопственик на ова земјиште, ќе добие и дозвола за градба.

„За градба на каков било објект, без разлика дали е верски, потребно е да се има локација, односно имотен лист, со кој барателот ќе докаже дека е сопственик. Ние, како општина, ќе му издадеме решение за градба врз основа на тој документ“.

Сепак ,Бајрамоски не негира дека во долненските села повеќето од џамиите и црквите се изградени на диво. „Во населените места каде што мнозинството се од една верска заедница, нема проблем за изградба на верски објект“. И владиката Петар чека да се смират тензиите и да се обезбеди потребната документација.

Топло и тивко е деновиве низ улиците во Пешталево. Довчерашните пријатели се одминуваат без збор или ја избегнуваат темата со црквата и џамијата. Заедничка тема им е тутунот, кој на речиси сите шестотини жители им е основна егзистенција. Во дворовите, зад високите ѕидови или ниски капии, тој се ниже на ист начин и ја носи истата горчина доколку не им се исплати маката.

Автор: Златка Пурковиќ

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска