1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Бара ли Македонија помош од ММФ?

10 јули 2009

Германскиот весник „Ханделсблат“ тврди дека десетина земји од Југоисточна Европа побарале од ММФ итни заеми вредни повеќе милијарди евра, помош за нивните економии погодени од кризата, меѓу нив и Македонија.

https://p.dw.com/p/IlCZ
Фотографија: DW

„Ханделсблат“ ги разбранува европските пазари и ја спушти вредноста на еврото во однос на доларот, јенот и останатите валути со денешната информација дека десетина земји од Југоисточна Европа побарале од ММФ итни заеми вредни повеќе милијарди евра, помош за нивните економии погодени од кризата. Меѓу земјите кои бараат кредит според германскиот економски весник е и Македонија.

Скопје негира

Македонија не е во преговори со ММФ, кажа неодамна по враќањето од Вашингтон министерот за финансии во заминување, Трајко Славевски. И во денешната реакција на пишувањето на „Ханделсблат“, кој се повикува на високи функционери во ММФ, Министерството за финансии негира дека Македонија води преговори со ММФ, но не ја исклучува можноста до такво нешто наскоро да дојде.

IWF-Gebäude in Washington
Зградата на ММФ во ВашингтонФотографија: picture-alliance / dpa

Неповолни прогнози

Во заклучоците на ММФза перформансите на македонската економија, од последната мисија на фондот во Скопје, се посочува дека таа остро забавува по високиот раст минатата година. Според прогнозите на ММФ, брутодомашниот производ годинава ќе забележи пад од 2 процента. Главен предизвик за земјата, според меѓународниот кредитор, ќе биде платниот биланс, бидејќи извозот и приватните трансфери кои опаѓаат го отежнуваат значителното намалување на дефицитот на тековната сметка. За покривање на јазот Македонија минатата недела емитуваше еврообврзница и покрај експертските укажувања дека најповолна варијанта за задолжување и за надминување на последиците од кризата за Македонија е аранжман со ММФ.

Автор: Горан Петрески

Редактор: Жана Ацеска