1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

За Бајден, Вучиќ и Алберт Ајнштајн

10 февруари 2021

Сигурно не е пријатно да го следиш врвот на апсурдот кој се емитува во живо: Србија, земја која одбива членство во НАТО, на Македонија, членка на НАТО, и' донира вакцини од земјите членки на НАТО. Пишува Петар Арсовски.

https://p.dw.com/p/3p8hC
Petar Arsovski
Фотографија: Petar Arsovski

Да е жив Алберт Ајнштајн, Вучиќ сигурно би го седнал на муабет: „Е мој Алберте, колико смо нас двојица учинили за човечанство... Поготову ја.“ – вакви мемиња веќе се „шетаат“ на социјални мрежи.

Овој наратив на медицински ослободител симболично јавнат на фалусовидната вакцина, од страна на Вучиќ е целосно разбирлив, иако на многумина (особено кај меѓународната заедница) нема да им се допадне. Сепак, го сметале вие тоа за арогантно или нарцисоидно, количеството на добра волја која ја обезбеди само со најава за донација на вакцини во Македонија - велам само со најава, зашто вакцините се' уште не се стигнати - е огромна. А дури кога ќе стигнат... тој со ваков потег, инстант ќе се реституира како „прв сосед и пријател“, позиција која стратешки значајно му одговара. Паралелно на тоа, се етаблира како недопирлив во Србија, обезбедувајќи обновен висок рејтинг, а во регионот се позиционира како клучен играч кој го диктира вкупниот наратив како рефлексија на прозападните и/или помалку западните позиции кај повеќе клучни земји. 

За меѓународната заедница, особено за САД и новата надворешна политика на Бајден, ова се нови предизвици кои секако не се наивни. Сигурно не е пријатно да го следиш врвот на апсурдот кој се емитува во живо: Србија, земја која одбива членство во НАТО, на Македонија, членка на НАТО, и' донира вакцини од земјите членки на НАТО, нашите сојузници. Притоа, тој тоа го прави со една пресметана доза на ноншалантност, која му овозможува реалното влијание врз геополитиката на Балканот да го „продаде“ како компетентност и лежерна солидарност. Суштинските дилеми допрва доаѓаат: дали ваквите пораки - дека оние кои се неутрални, односно не се целосно ориентирани кон „западот“, реално подобро поминуваат во ситуација на кризи, и дали Русија и Кина се во моментов подобри сојузници одошто заробената ЕУ и интровертната САД – создаваат нова геополитика на Балканот? И не само на Балканот – од оваа перспектива, дури и  Брегзит изгледа подобро одошто пред пандемијата.

Западот сам си е виновен

Многумина би рекле: „Западот" сам си е виновен, и тоа е точна констатација. Лошите проценки на ЕУ за проширувањето, индолентноста кон некои земји-членки, потфрлањето на солидарноста при обезбедувањето и дистрибуцијата на вакцини, секако ќе ги „чинат“ кредибилитет во периодот кој доаѓа. Ова е двојно поважно за САД, кои имаат посериозен антагонизам со Русија и Кина, а токму линијата од Полска до Турција, преку Балканот, е полето каде овие копја ќе се прекршуваат во наредната деценија. Ова ќе создаде особени предизвици за Бајден, кој има стратешка цел за повторно етаблирање на синхронизирана надворешна политика со ЕУ, особено кон овие две земји – а полето за тој натпревар првично ќе биде Балканот.

За Бајден, ќе биде релативно лесно да не ги повтори грешките на Трамп – доволно е да биде воспитан и пристоен во односите со Париз и Берлин. Дополнително, неговата агенда за СЗО и заштитата на планетата ќе се поклопи во голем дел со приоритетите на ЕУ. За него, поголем предизвик ќе биде да не ги повтори грешките на сопствената партија, имено Клинтон и Обама, кои оставија преголем дел од геостратешките политики во регионот да бидат првенствено водени од ЕУ, каде САД беше задоволна со совозачкото седиште. За Бајден, кој сака нов имиџ на светски партнер за САД, овој пристап нема веќе да биде доволен. Тој ќе мора да води многу поактивна политика, со засилено партнерство со ЕУ, но истовремено со паралелни, независни, и проактивни линии на влијание директно кај овие земји, особено ако сака овој имиџ на САД да го поврати брзо. Ова не се рефлектира само на политичко и воено влијание, за кое НАТО веќе има извесен пробив. Повеќе се однесува на реформи на самите општества, на забрзана евроинтеграција, и на засилување на економските врски помеѓу овие земји и ЕУ и САД. Тешко е, на пример, да избегнете кинеско влијание, кога Кина поседува 25% од црногорскиот надворешен долг.

Други колумни од авторот:

И пописот го прогласивме за „мртво“

Дали Америка ќе стане повторно голема?

Да се опише неописливото

Реални очекувања

Сепак,Бајден и САД немаат волшебно стапче, и желбите за брзо deus-ex-machina влијание се илузија. Бајден, во списокот на приоритети, сепак прво ќе ги стави САД и имунизацијата и претстојното закрепнување на економијата. Потоа, на надворешен план, приоритети се Иран, Саудиска Арабија, и новата доктрина кон Кина и Русија, па дури потоа на ред доаѓа Балканот, како прва можност да покаже координирана политика со ЕУ. На Балканот пак, сепак прв приоритет ќе биде поправање на загубените позиции во однос на дијалогот помеѓу Србија и Косово, паралелно Босна и Херцеговина, па во тој список, во последната четвртина, се наоѓа пробивот на Македонија и Албанија кон ЕУ. Оттаму, ние ќе треба да се бориме за нивното внимание, со активна политика, но не треба целосно да се потпреме на нивното влијание, туку мораме и нашата домашна задача да ја сработиме како што треба. Ова особено што дури и новата, поактивна доктрина на САД во меѓународната политика ќе биде сепак имплементирана првенствено преку ЕУ, за која Бајден се' уште смета дека треба да биде лидер во оваа приказна. Тоа е за нас полоша ситуација одошто директна шатл-дипломатија од САД, особено за прашањето со Бугарија.

Особено за ова прашање, за новонастанатиот апсурд од Бугарија, треба да имаме реални очекувања. Во овој момент, првите најави од Бугарија не се добри. Пораките кои стигаат од таму, е дека нивниот став нема да се смени ни по изборите, дека ова е национална политика која е натпартиска, постои консензус и слично. Овие пораки не треба да не' депримираат. Се разбира дека такви пораки мора да стигнат од Бугарија, зашто тоа оди во полза на нивната позиција – тие сакаат ние да мислиме дека овој период е најдобриот за решавање на проблемот, и дека нивната позиција нема да се смени.  Погодете зошто – зашто позицијата всушност ќе се смени, и зашто овој период е подобар за нив, а периодот по изборите е подобар за нас. Се разбира дека ставот на политичките партии нема појавно да се смени по изборите. На Балканот е лесно да ги „запалиш“ партиите со национален консензус за популистичка глупост, бесконечно е потешко да изградиш правилно решение. Но тоа не значи дека по изборите во Бугарија нема да се смени веројатноста за решение, напротив. Албанија и Македонија повторно ќе се најдат заедно на агендата за проширување, што е стратешка определба на Германија. Ќе биде многу тешко тој процес повторно да се закочи. САД, на еден или друг начин, ќе станат повторно активни во регионот, а ним сегашното однесување на Бугарија не им се допаѓа. На крајот, ќе се смени и домашната политичка ситуација во Бугарија, каде најрадикалните елементи нема веќе да бидат пресуден фактор. Значи, ќе се делат нови карти. Како ќе ја изиграме партијата, зависи од нас.