1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Бајер Леверкузен-есенски шампион во Бундеслигата

21 декември 2009

Бајер од Леверкузен е есенски шампион во Бундеслигата, пливачот Паул Бидерман, фрлачката на копје Штефи Нериус и женската фудбалска репрезентација се избрани за спортисти на годината во Германија.

https://p.dw.com/p/L9kc
Фудбалерите на Бајер од Леверкузен го прославија освојувањето на есенската титулаФотографија: AP

Со победата над Борусија Менхенгладбах во 17-то коло, Бајер од Леверкузен ја обезбеди челната позиција на табелата во Бундеслигата и титулата есенски шампион со 35 бодови. Популарните „аспирини“ беа најдобриот тим во првиот дел од првенството, забележаа 9 победи, 8-пати одиграа нерешено и останаа непоразени. По саботниот триумф од 3:2 над Менхенгладбах, тренерот Јуп Хејнкес ја анализираше ситуацијата на неговиот тим.

„Се наоѓаме на првото место на табелата. Тоа е она што е важно за мене, а не освојувањето на есенската титула. Многу е важно што ја одбранивме нашата позиција и што ќе можеме со голем оптимизам да продолжиме во пролетниот дел од сезоната“.

Само еден бод зад Леверкузен, се наоѓа екипата на Шалке, која во петокот го совлада Мајнц со 1:0. Тимот на Феликс Магат оствари рекордни 10 победи во првиот дел, и за многумина претставува изненадување на шампионатот.

По слабата форма на почетокот на првенството, рекордерот Бајерн Минхен со три победи го финишираше есенскиот дел и со 33 бода се искачи на третото место на табелата. Во саботата баварците со пет голови, ја наполнија мрежата на „фенерџијата“ Херта. Капитенот Марк Фан Бомел оцени дека тимот конечно го покажал вистинското лице и најави борба за титулата во вториот дел.

„Мислам дека не игравме толку лошо, како што говореа резултатите. На почетокот резултатите не беа добри и затоа имавме заостаток. Но на крајот се виде дека знаеме да играме фудбал“.

Во дербито на колото, на северот на Германија, Хамбургер го совлада Вердер со 2:1 и се искачи на четвртата позиција со 31 бод. За Вердер тоа значеше и продлабочување на кризата откако тимот не успеа да победи во последните 4 кола. Хамбургер играше со играч помалку уште од 32 минута по исклучувањето на Боатенг, но ниту таквата предност не му донесе бодови на Вердер.

Fußball Bundesliga - 1. FC Köln gegen FC Nürnberg
Со снегот дојдоа и головите. фото: Педро Геромел од Келн го прославува погодокот против НирнбергФотографија: AP

„За нас ова беше еден одличен исход по она што се случи. Уште од првата минута го правевме она што мораме да го сториме. Игравме многу ангажирано, борбено и го контролиравме натпреварот“.

Борусија Дортмунд продолжи со одличните игри во финишот на првиот дел, а новата жртва овојпат беше Фрајбург, кој беше совладан минимално со 1:0. За Дортмунд тоа беше 10-от натпревар по ред без пораз, а добрата форма ги донесе „милионерите“ до 5-то место на табелата.

Бранителот на титулата Волфсбург петто коло едноподруго не успеа да забележи победа и падна на 8-то место на табелата. Волфсбург повторно играше подобро од противникот, создаваше шанси, но на крајот мораше да се задоволи со еден бод од гостувањето кај Ајнтрахт.

Тимот со најмалку постигнати голови во лигата, Келн, во последното коло конечно се разбуди. Откако во претходните 16 кола играчите на Келн постигнаа само 7 погодоци, во дуелот со Нирнберг на домашен терен конечно се разиграа напаѓачите и трипати ја погодија мрежата на противникот. Тоа сепак не значеше и прекин на црната серија за репрезентативецот Лукас Подолски. Популарниот напаѓач на Келн, веќе 1.000 минути нема постигнато гол.

„Сите во тимот сакаме да го обезбедиме опстанокот во лигата. Затоа, сеедно е колку минути нема да постигнам гол, или дали голот ќе го постигне Новаковиќ или некој друг. Најважно е на крајот да го задржиме прволигашкиот статус“, изјави Подолски по натпреварот.

Во дуелот на тимовите од долниот дел на табелата, Бохум го совлада Хановер нагости со 3:2, и покрај водството на домаќините од 2:0 на полувремето. Во последниот меч од колото, Штутгарт со новиот тренер Грос по подолга пауза дојде до трите бода и побегна од зоната за испаѓање. Совладан беше Хофенхајм со 3:1.

Првенството во Бундеслигата продолжува на 16 и 17 јануари следната година.

Автор: БГ/СН/дв

Редактор: Жана Ацеска