1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Бања Лука: Во Сребреница се манипулира со жртвите

Драган Максимовиќ / Жана Ацеска12 јули 2012

Во Република Српска, за разлика од Федерацијата БиХ и дистриктот Брчко, 11. јули не е ден на жалост. Власта во овој ентитет и 17 години по трагедијата од Сребреница има став дека тоа било злосторство, но не и геноцид.

https://p.dw.com/p/15Vu1
Фотографија: dapd

Ни на 17-годишнината од трагедијата во Сребреница никој од високите функционери од Република Српска не присуствуваше на комеморациите во Поточари. Наместо тоа и претседателот на РС и владата испратија свои претставници. Став на власта во РС е дека ќе ја посетат Сребреница тогаш кога ќе престане, како што велат, манипулацијата со страдањата на луѓето на овој простор.

Сличен став има и боречката организација на РС, чиј претседател Пантелија Ќургуз истакнува дека и покрај почетокот на нормализирање на односите меѓу двете страни, се‘ уште постои злоупотреба кога станува збор за жртвите: „Иако секојдневно имаме се‘ повеќе информации за тоа колку злоупотреби се направени, сигурно ќе го искористиме и процесот во Ден Хаг против генералот Ратко Младиќ и Радован Караџиќ за да ги изнесеме аргументите и фактите за да укажеме колку се тие во функција на дневната политика“.

Gedenkfeier Srebrenica
Фотографија: dapd

Се менуваат ставовите на граѓаните?

Ставот на политичарите е познат и тука нема ништо ново, но можеби е интересно што полека се менува мислењето на граѓаните на РС. Се чини дека секоја година има се‘ поголем број на оние кои не спорат дека во Сребреница се случи злосторство и дека е потребно оддавање почит на жртвите.

„Настанот кој се случи не смее да се повтори“.

„Тоа е најголема лага која постои. Каде се Србите кои беа убиени претходно?“

„Тоа се луѓе кои страдале и би требало да имаме почит кон нив и она што се случи во тој несреќен град“, вака велат некои од граѓаните во Бања Лука.

Иако немаше организирано одбележување на страдањата на сребреничани, во Бањалука ден претходно група граѓани ја одбележа 17-годишнината од ова злосторство, но како што истакнаа некои учесници, се присетија и на страдањата на бањалучани. Меѓу нив беше и екс-претседателот на Советот на народите на РС, Џевад Османчевиќ:

„Ова е прилика да се искаже пиетет кон жртвите зашто граѓаните и со овој чин покажуваат и испраќаат порака дека таквите политики се краткорочни“.

И медиумите се поделени

Интересно е да се одбележи и начинот на известување на медиумите со седиште во РС, кои инцидентот пред комеморациите каде беа исвиркани домашните и босанските политичари и странските амбасадори го ставија токму во прв план. Претседателот на Организациониот одбор за одбележување на 17-годишнината од страдањето во Сребреница Ќамил Дураковиќ, кој беше погоден со фрлено шише, го осуди таквото однесување: „Ова е наше свето место каде сигурно не ги повикавме оние кои свиркаа на нашите пријатели и кои фрлија шише на мене. Срам да им е“.

Насобраните со свиркањето го изразија незадоволството поради тоа што не е дозволено оваа година на локалните избори во Сребреница да се гласа според пописот од 1991. година.

Мунира Субашиќ од Здружението на мајките од енклавата Сребреница и Жепа изјави: „Знаете дека нашите деца беа убивани на ваквите жештини во 1995. година. Затоа баравме мајките кои имаат погребано по три сина да не ги слушаат веќе политичарите кои со говорите сакаат само да збираат поени“.

Srebrenica Gedenktag
Фотографија: DW

Ѓокиќ: „Да им се даде еднакво значење на српските жртви“

Токму тоа беше главна вест на одредени медиуми, а не комеморативниот собир и погребот на 520 жртви, со тоа што медиумите во Република Српска на целиот настан му посветија неколку минути за разлика од федералните медиуми кои покрај целодневната програма во централните информативни емисии на комеморацијата и‘ посветија и по половина час.

Од друга страна, Србите ја обележуваат 20-годишнината од страдањата на жртвите на ова подрачје. Така, денеска во Сребреница се обележува годишнина од страдањето на 69 српски цивили и војници во сребреничките села Залазје, Сасе и Биљача на Петровден во 1992. година, додека централното обележување на страдањата на повеќе од три илјади Срби од Средно Подроње кои се убиени во текот на војната од 1992-1995. година беше одржано на 7. јули.

Министерот за труд и боречко инвалидска заштита Петар Ѓокиќ: „Ја повикуваме меѓународната јавност да им даде еднакво значење на злосторствата извршени во Подриње над српскиот народ, како што им придава важност над злосторствата извршени над Бошњаците, кои не ги оспоруваме“.

Слична ситуација на медиумската сцена во БиХ имаше и при комеморациите по повод стрдањата на Србите во Братунац, само што тогаш медиумите во федерацијата на овој настан му посветија далеку помало внимание, а некои воопшто не се ни зафатија со темата. Со оглед на (не)зависноста на медиумите во БиХ, јасно е дека нивната работа е огледало на политиката во земјата и додека владее таква состојба, тешко може да се очекува нормализација на односите и прифаќање на жртвите на сите страни во последната војна.