1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Наука

Бебешки измет како лек?

Катарина Пец
24 август 2018

Звучи бизарно: американски научници направиле пробиотски „коктел“ од бебешки измет. Цревните бактериски колена кои ги содржи изметот би можеле да им помогнат на дијабетичарите и болните од автоимуни заболувања.

https://p.dw.com/p/33h1s
Baby auf Babytöpfchen
Фотографија: Fotolia/Claudia Paulussen

Пробиотските прехранбени намирници важат за еден вид супер-храна. Јогуртот, киселата зелка или одредени видови сирење се, на пример, пробиотска храна, односно содржат многу млечнокиселински бактерии. Тие се добри за цревната флора и би требало да се придонес за подобрување на вкупната здравствена состојба.

Она што сега го открија научниците од американската сојузна држава Северна Каролина не е воопшто вкусно - на Школата за медицина на универзитетот „Вејк Форест“ е направен пробиотски „коктел“ од бактерии од изметот на бебињата, пишува научниот магазин „ЕурекАлерт“.

Овие цревни бактериски колена би можеле да му помогнат на човечкото тело да продуцира т.н. кратколанчани масни киселини. Хариом Јадав, раководител на студијата, објаснува: „Кратколанчаните масни киселини се значајна компонента за здрави црева.“ Помалку кратколанчани масни киселини често имаат луѓето болни од дијабетес, од автоимуни болести и рак, како и луѓето со прекумерна тежина.

За својата студија научниците истражувале измет од бебиња, затоа што бебињата по правило се многу здрави. Коктелот со бактерии им бил даван на глувци, а ефектот бил испитуван и на човечки измет. Се покажало дека ваквите пробиотици навистина го поттикнале создавањето на кратколанчани масни киселини.

Коктелот сѐ уште не е тестиран врз болни луѓе. „Податоците би можеле да се искористат за натамошни студии за влијанието на пробиотиците врз човечкиот микробиом, метаболизмот и со тоа поврзаните болести“, вели Хариом Јадав.