1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Бебињата повторно во мода

ДВ (Т.Т)16 февруари 2009

По годините со мал број новороденчиња, во последнo време почнаа да се раѓаат повеќе Германчиња. Министерката за семејни прашања, Урсула фон дер Лајен, изјави дека позитивниот тренд почнал во 2007 година.

https://p.dw.com/p/GvWu
Наталитетот повторно бележи покачувањеФотографија: bilderbox.de

Министерката за семејни прашања, Урсула фон дер Лајен, го претстави извештајот за наталитетот во Германија. По годините негативен тренд, се чини дека Германците во последниве години се` почесто се одлучуваат за раѓање дете. Интересно е тоа што жените меѓу 30 и 40 години се оние кои најчесто се решаваат да станат мајки. Исто така, и мажите се се` позаинтересирани за дете во семејството, изјави министерката во интервју за весникот „Билд“.

Најмал број новородени бебиња беше забележан во 2006 година - во Германија тогаш се родиле 673.000 деца. Тоа се цели 27 проценти помалку, отколку во 1946, кога земјата се опоравуваше од Втората светска војна.

Пресвртната точка се случи во 2007, кога беа регистрирани 685.000 нови породувања, или 12.000 повеќе отколку претходната година. Позитивниот тренд продолжил и во 2008, кога Бирото за статистика забележало 690.000 нови породувања.

Промена во ставовите

Bundesfamilienministerin Ursula von der Leyen besucht Kita
Министерката знае што е добро за семејството - има седум децаФотографија: AP

Министерката Фон дер Лајен изјави дека причината за зголемениот број новороденчиња е промената на менталитетот кај луѓето.

„Младите луѓе веќе не чувствуваат дека општеството ќе ги запостави, штом ќе станат родители“, истакна Фон дер Лајен. Инаку министерката, која има седум деца, во 2007 година воведе реформи во фамилијарната политика на Германија. Меѓу другите измени, со новиот закон и мажите имаат право да земат породилно отсуство и да се грижат за приновата. Фон дер Лаен истакна дека целта и` била да ги намали проблемите со кои сје соочуваат паровите кои сакаат да имаат дете.

Според анкетите, 56 проценти од мајките, кои седат дома и се грижат за децата, би сакале и да можат да работат. „Но не по секоја цена“, додава Фон дер Лаен. „Мајките сакаат нивните деца да добијат соодветна нега, а тие да работат половина работно време. Мораме да им излеземе во пресрет на нивните барања“.

Други анкети, пак, покажуваат дека 50 проценти од испитаниците сметаат дека новата фамилијарна политика на владата ја подобрила ситуацијата, но една третина се` уште сметаат дека ништо значајно не се променило.