1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Бегалците завеани во магацин

Немања Рујевиќ
19 јануари 2017

Голем број бегалци живеат во нехумани услови во едно од белградските складишта. Чекаат можност да го продолжат патувањето кон Западна Европа. Во Србија се води дебата за тоа кој е виновен за страдањето на овие луѓе.

https://p.dw.com/p/2VzLD
Flüchtlinge Belgrad
Фотографија: DW/N.Rujevic

Кога пристигна автобусот, Абас Кан речиси незаинтересирано лежеше на сивото ќебе во Мал Пешавар. Со ова име, тој и неговите пријатели, ја нарекуваат малата просторија на првиот кат од старото складиште. Во еден агол се сместени чевлите, а насекаде расфрлани се нечисти сиви ќебиња кои овозможувааат барем малку топлина кога температурите во Белград се движат околу нулата. Сите момчиња во оваа соба доаѓаат од Пешавар и сите се малку престари за во автобусот. Српскиот комесаријат за бегалци сака неколку малолетници да дислоцира во официјалните кампови. „Можеби за некој ден и ние ќе дојдеме на ред“, вели Абас Кан, трговец со автомобили, кој ни објасни дека во неговата земја Талибанците го уценувале и му се заканувале.

Тој е тука веќе пет месеци, што го прави ветеран во импровизираното сместувалиште зад белградската железничка станица. Трошното складиште мириса на машка пот, урина и задушлив чад кој доаѓа од запалените огништа кои ги има насекаде. На нив бегалците ги греат рацете и готват по некоја ретка супа. Купови од ѓубре има насекаде.

Овде престојуваат повеќе од илјада мажи и момчиња, повеќето се од Авганистан и Пакистан. Некои кажуваат дека не можат да добијат место во регуларните центри за азиланти. Некои во тие центри не ни сакаат да одат – се плашат дека од таму може да ги префрлат во Прешево, озлогласениот логор на границата со Македонија. А оттаму, како што многумина тука веруваат, протерувањето од земјата е многу веројатно. Некои едноставно чекаат на криумчарите на мигранти, а судејќи по сѐ, во Белград тие имаат и свој главен штаб.

Flüchtlinge Belgrad
Бегалците не сакаат да одат во регуларните центри за азиланти стравувајќи дека ќе бидат префрлени во Прешево.Фотографија: DW/N.Rujevic

Покрај тоа, овој град се наоѓа на географски поволна позиција, оддалечен е околу час возење до Хрватска и два часа до унгарската граница. Абас Кан веќе ги „испробал“ двата правци, но залудно. „За време на ноќта ја поминавме хрватската граница и пешачевме околу 18 часа. Кога не пресретна полицијата, ни ги земаа парите и мобилните телефони. Не удираа како боксери, а кога пробав со рацете да ја заштитам главата, ме удираа уште посилно“, возбудено раскажува. Потоа го повлече ќебето до грлото – Абас го мачи настинка, лекарот веќе му препишал таблети.

Нов камп

„Многумина доаѓаат со кожни инфекции или респираторни проблеми“, вели Немања Радовановиќ, не симнувајќи ја (хируршката) маска од устата. За тоа нема ни потреба, затоа што вратите на Лекари без граници, тука, спроти Железничката станица не престануваат да трескаат: постојано пристигнуваат нови пациенти. Вообичаено станува збор за обични заболувања, но има и посериозни случаи: „До сега имавме пет случаи на замрзнување, тие луѓе моравме да ги однесеме на клиника кај хирург. Има и изгореници од логорските огнови“, ни објаснува младиот лекар.

Flüchtlinge Belgrad
Инфраструктура- најважно е да се наполни мобилниот телефон. Фотографија: DW/N.Rujevic

За складиштето полно со болни и вошливи луѓе во Србија се говори со месеци. Но само откога Белград беше покриен од снег и температурите паднаа на минус 15 степени, странските новинари почнаа да го опседнуваат ова место полно со бизарни мотиви за фотографирање. Многумина имаат впечаток дека државата, пред камерите, сака да покаже дека е активна и дека поради тоа испраќа автобуси со кои бегалците – како што дознава ДВ – се превезуваат во Обреновац, место оддалечено околу 30 километри од Белград. Таму властите оспособуваат простории во една напуштена касарна за да ги сместат бегалците од Крњача и железничката станица. Првите четири автобуси веќе се пристигнати на оваа дестинација.

Неофицијално се говори дека складиштето зад железничката станица наскоро може да биде испразнето. „Се надеваме дека мигрантите ќе сакаат да одат во прифатилиштето кое се наоѓа во близина на Белград“, изјави еден од портпаролите на Комесаријатот за бегалци. Спроед неговата изјава, државата не може да биде прогласена за одговорна за лошата ситуација кај железничката станица: место има насекаде низ земјата и таму може да се оди – само треба и да се сака.

Илегално протерување

За лошата ситауција се виновни малиот број на помагачи кои ги охрабруваат бегалците да останат на улиците – такви се официјалните ставови. Откако владата на почетокот на ноември им „препорача“ на невладините организации повеќе да не делат храна и облека на бегалците, останаа само мал број на помагачи. Тука е меѓународната група која се нарекува „Хот Фуд Идомени", именувана според селото крај грчко-македонската граница кое долго време претставуваше симбол на бегалската криза. Напладне тие делат топли оброци: стотина луѓе трпеливо чекаат за својата порција грав, леќа и парче леб.

Радош Ѓуровиќ е на чело на невладината организација „Центар за заштита и помош на барателите на азил“. Тие се занимаваат и со советување, но и критикување на владата. „Владините претставници и кажуваат на јавноста дека бегалците повеќе преферираат да смрзнувааат надвор отколку да одат во камповите. Се разбира, тоа не е точно. Кампот во Белград е преполн, белгаците се префрлуваат на места кои се одалечени стотина километри, а нема организиран транспорт. Освен тоа, од своите сонародници имаат слушнато за илегални протерувања и се плашат“.

Помагач од Швајцарија

Тоа не се само гласини. Во средината на декември, полицајци од еден редовен автобус извлекле седумчлено семејство од Ирак и потоа ги испратиле надвор низ граничниот премин – иако овие Ирачани биле уредно регистрирани и на пат кон едно од прифатилиштата во Србија. Во министерството за внатрешни работи никој не знае кои се тие полицајци и по чија наредба постапувале. Истрагата за тој случај сѐ уште нема дадено резултати.

Српската влада повторно се однесува како послушно дете, смета Ѓуровиќ. Кога германските граници беа отворени и Белград беше великодушен. Српскиот премиер дури и го критикуваше својот унгарски колега Орбан поради поставувањето на оградата на границата со Србија. Но, сега во цела Европа важат други правила - и Србија истите внимателно ги следи и се прилагодува. „Нашата влада има 6.000 места во бегалските кампови и ниту едно повеќе. Кога нема доволно капацитет, тогаш се губи контрола и тоа е лошо – како за бегалците, така и за домашното население“.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема