1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Бегалците во Србија - каде остана човечноста?

Немања Рујевиќ/ Жана Ацеска9 декември 2013

Се‘ поголем број бегалци од Сирија стигнуваат во Србија. Но, тие не се добредојдени. Меѓу населението расте отпорот против центрите за прифаќање на азилантите.

https://p.dw.com/p/1AVWK
Фотографија: Reuters/Marko Djurica

Кон крајот на ноември во Србија падна првиот снег годинава. Тој донесе радост за децата, стрес за возачите и многу работа за службите за одржување на патиштата. А за барателите на азил кои се‘уште не добиле место во прифатилиштата, снегот е хорор, стотици мораа да спијат на отворено.

„Ние стигнавме во летна облека и на ова студено време мораме да останеме в шума“, вели 17-годишниот Камран Али од Пакистан за белградскиот булеварски весник „Курир“. Тој не се надевал на вакво нешто, ниту на протестите на домашното население во повеќе општини против подигањето центри за азиланти.

„Избегавме од војната, но и овде луѓето сакаат да не‘ линчуваат. Каде згрешивме?“, прашува Али.

Моментно во Србија има околу 500 баратели на азил, кои најчесто потекнуваат од Сирија, Сомалија, Еритреја, Авганистан и Пакистан. Српскиот Комесаријат за бегалци дури на почетокот на минатата недела успеа да ги смести сите под покрив.

„Владата предоцна се ангажираше“, критикува Радош Ѓуровиќ од Центарот за помош на барателите на азил, невладина организација.

Налетот на зимата не смее да изненади една држава, вели Ѓуровиќ за Дојче веле.

„Проблемот со недоволните сместувачки капацитети е хроничен. За разлика од соседните држави, Србија не изгради дополнителни азилантски домови. Државата требаше порано да реагира во врска со сириската криза“.

Се‘уште живеат предрасуди

Белградската влада покажа беспомошност и во приодот кон насилните протести против барателите на азил. Кон крајот на ноември во селото Скела, во близина на Белград, беше запален прифатен центар за баратели на азил, откако демонстрантите со улични барикади спречија сместување на 70 баратели на азил.

„Не беше добро решение што полициска единица со сила ги растури протестите“, смета Јелена Мариќ од Комесаријатот за бегалци.

Asylsuchende in Serbien
Оставени на милост и немилостФотографија: Reuters/Marko Djurica

„Демонстрацијата на сила не може да го смени ставот на граѓаните кон барателите на азил. Тие потоа ќе бидат изложени на непријателство“, вели Мариќ во разговор за Дојче веле. Комесаријатот со години се обидува да ги користи напуштените касарни во близина на малиот град Младеновац како азилантски центри, тоа досега не успеа поради протестите.

Активистот Ѓуровиќ ги критикува првенствено локалните политичари во местата каде постојат азилантски домови или треба да бидат подигнати. Тие се обидуваат да соберат политички поени преку популизам, смета тој.

„Некои градоначалници велат дека странците шират епидемии, силуваат жени и демографски ќе ги потиснат Србите. Овие пораки се погрешни и расистички, а државата молчи“.

Неосновани стравови

Притоа во Србија бегалската проблематика е се‘ само не непозната. По граѓанската војна, која ја растури тогашна Југославија, од Хрватска избегаа околу 200 илјади Срби. Жално е што сега многу поранешни бегалци поттикнуваат протести против барателите на азил, вели Ѓуровиќ.

„Протераните Срби тогаш беа сместени во истите објекти како денес Сиријците или Авганистанците. Ги прашав некои демонстранти зошто се бунат, не добив одговор. Економската ситуација во Србија е толку тешка, што граѓаните заборавија на човечност и солидарност“.

Демонстрантите ги правдаат протестите со страв од криминалитет, тие се загрижени граѓани, а не расисти, странците во основа се добредојдени, но не во нивното соседство. Соговорниците на Дојче веле напротив истакнуваат дека против барателите на азил во Србија нема вкупно ни десет пријави, најчесто за кражба. Од другастрана српската полиција гони стотици српски граѓани поради напади врз баратели на азил.

„Извршени се напади врз бегалци. Постојат организирани групи, кои ограбуваат странци. Тие точно знаат дека барателите на азил добиваат пари од роднините за да можат да го платат натамошниот пат кон Западна Европа“, вели Јелена Мариќ.

Фактички, многу баратели на азил го продолжуваат патот во правец на Запад веќе по неколку дена или недели. Навистина, само оваа година азил во Србија побарале околу 4 илјади луѓе, но најголем дел од нив веќе се заминати, без да сочекаат одлука. Во Србија тие имаат апсолутна слобода на движење и ја користат за да заминат во Унгарија, а потоа натаму во Германија или Скандинавија. Во Србија не сака да остане никој од бегалците.