1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Бегалците, Tрамп и другите непријатности во Малта

Барбара Везел
3 февруари 2017

На Малта се одржува првиот самит на ЕУ годинава. Доминира темата бегалци, но се разговара и за потезите на новиот американски претседател. Што сѐ стои на политичкото мени?

https://p.dw.com/p/2WtvD
EU-Gipfel in Brüssel
Фотографија: picture-alliance/dpa/O. Hoslet

Бегалци

Европа е под притисок. Поради серијата избори во ЕУ кои претстојат, но и подемот на деснорадикалните партии, девизата гласи: натамошно намалување на бројот на бегалци. ЕУ сега има намера итно да ја затвори рутата преку Либија, по која во 2016 година во Европа стигнале околу 180.000 луѓе, а околу 350.000 и натаму се заглавени во таа земја. Затоа Брисел, и покрај политички нестабилната состојба во Либија, уште вчера водеше преговори со владата на единство на Фајез ал-Сарај.

Целта е да се обучат и вооружат припадниците на либиската крајбрежна стража за да се спречи бегалците од различни африкански земји воопшто да тргнат преку море во гумените чамци на шверцерите со луѓе. Проблем е што либискиот брег е долг речиси 2000 километри, а премиерот Ал-Сарај контролира само еден дел. Исто така, не е јасно како ЕУ ќе се однесува кон проблемот со состојбата на човековите права за бегалците во Либија, која е катастрофална, како и колку либиската крајбрежна стража може да биде партнер од доверба.

За да се прифатат бегалците, во Либија и други северноафрикански земји треба да се изградат кампови, по можност со учество на Високиот комесаријат за бегалци (УНХЦР). За таа цел ЕУ би морала да го промени и концептот на „безбедни трети држави“ и на бегалците да им гарантира само прием на „безбедно место“. Тоа значи транзитни кампови под надзор, од каде бегалците би биле враќани во татковината. Со тоа, меѓутоа, мора да е поврзано и прашањето на легална миграција. Околу ова прашање и натаму се води спор: Германија бара широка солидарност, додека земјите од Вишеградската група и натаму се противат на такво нешто.

Flüchtlingsboot im Mittelmeer
Бегалците, и покрај опасноста по живот, не престануваат да се обидуваат да стигнат во Европа со гумени чамциФотографија: picture-alliance/dpa/Ong Sos Mediterranee

Трамп

Претседателот на Советот на ЕУ, Доналд Туск, во својата покана до европските колеги „пука“ со вербално оружје и констатира дека ЕУ, покрај агресивната политика на Русија и Кина, во меѓувреме е во опасност и од загрижувачките изјави на новата американска влада. Унијата би требало да најде сила и единство за да се спротивстави на големите супер сили. На самитот ќе се покаже колку преостанатите 27 членки на ЕУ се во состојба да постигнат единство за спротивставување на заканите од Доналд Трамп.

Ангела Меркел, шведскиот премиер и францускиот претседател остро ја критикуваа забраната за влез во САД на граѓани од неколку муслимански земји. Но дали сите ќе застанат на ваква линија?

Präsident Trump unterschreibt Dekret im Oval Office Weißes Haus
Ќе има ли единствена позиција кон Трамп?Фотографија: picture-alliance/CNP/A. Harrer

Брегзит

Временскиот план за Брегзит се чини и натаму стои. Ако на крајот на февруари Домот на лордовите (горниот дом на британскиот парламент, н.з.) даде благослов за излез од ЕУ, Тереза Меј има намера веќе на наредниот редовен самит на ЕУ (9 и 10 март) да го активира Членот 50. Вчера, навреме за самитот во Малта, презентирана беше т.н. Бела книга за Брегзит која ги содржи главите преговарачки линии на Британците.

ЕУ, од своја страна, има намера да ја претстави својата стратегија за околу три недели. На почетокот на април треба да се одржи уште еден вонреден самит на кој шефовите на влади на земјите членки ќе дадат зелено светло за заедничката стратегија. Потоа почнуваат разговорите кои во име на Европската Комисија ќе ги води Мишел Барние, поранешен француски министер и екс-еврокомесар. Кај Европскиот парламент за таа цел е задолжен либералот Ги Ферхофстат.

Großbritanien Theresa May im Unterhaus
Тереза Меј се држи до временскиот планФотографија: picture alliance/dpa/PA Wire

Русија

Санкциите на ЕУ против Русија важат до лето. Што потоа ќе се случува, особено ако американскиот претседател ги укине санкциите на САД против Москва, е нејасно. Земји како Унгарија, но и Италија и Австрија, кои се надеваат на бизниси со Русија, сакаат завршување на санкциите. Притоа, актуелната нова офанзива во источна Украина покажува дека играта на Москва не е завршена и дека претседателот Путин повеќе сака да не ги почитува договорите од Минск.

Во овој дел многу работи ќе зависат од тоа како Трамп ќе се позиционира кон Путин и колку Источноевропејците би се чувствувале загрозени од новата оска Москва-Вашингтон. Во секој случај, политиката кон Русија ќе биде еден од камењата на сопнување за единството на Европа.