1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Бегалски рути кон Европа - капка во море

Стефани Хепнер
18 декември 2017

Меѓународниот ден на мигрантите (18.12) носи нов тажен рекорд - никогаш во историјата на планетата толку луѓе не биле во движење, во миграција, во бегство... Притоа, бегалскиот бран кој ја заплисна Европа е капка во море

https://p.dw.com/p/2pYCh
Mexiko Migranten
Фотографија: picture alliance/dpa/Str

Според проценките на Обединетите нации, околу 244 милиони луѓе ширум светот се наоѓаат во „миграциски процес“. Тоа значи дека се во бегство, дека не се во своите домови - во потрага по подобар живот или во бегство од немири, војни, угнетување... Бројот на мигранти е значително зголемен: 1993. во движење биле 153 милиони луѓе. Мал преглед на трите миграциски појаси за кои во Европа ретко се зборува:

1. Источна Африка

Иако според извештаите на медиумите може да се заклучи дека Европа е цел на мнозинството бегалци, големо мнозинство луѓе кои бегаат од прогони и војни живеат во Африка. Дури 90 отсто од нив остануваат во соседството бидејќи за оддалечените цели како Европа едноставно немаат пари. Етиопија, која и самата важи за нестабилна земја, се наоѓа на 5. место на листата на држави кои примиле најмногу бегалци, и тоа најмногу од соседна Сомалија, каде од 1990 година беснее граѓанска војна. Според податоците на ОН, таму седум милиони бегалци зависат од помош, а околу 800 илјади се наоѓаа на работ на изгладнување. Досега еден милиони луѓе избегале од Сомалија, мнозинството во Етиопија, а дел и во Кенија. 

Uganda Flüchtlinge aus dem Südsudan
Уганда прими стотици илјади бегалци од соседните земјиФотографија: DW/D. Pelz

Втор рекордер по бројот на вдомени бегалци е исто така на истокот на Африка. Уганда прими огромен број бегалци од соседна Демократска Република Конго, како и од новоформираниот Јужен Судан.

2. Америка - смрт на границата

На американскиот континент проблемот со миграциите повторно се актуелизираше со доаѓањето на Доналд Трамп на власт и неговата најава за изградба на ѕид на границата со Мексико. Според информациите на организацијата Полиси Институтс, во САД живеат околу 11 милиони луѓе без дозвола, а половина од нив се од Мексико. Но, на многумина Мексико им служи само како транзитна земја на пат кон САД. Според податоци на Амнести интернешнл до 2010 година од Гватемала, Салвадор или Хондурас кон САД главно бегале млади мажи. Сега цели семејства се упатуваат на тој долг и опасен пат. 

Повеќе на темата: 

САД: Ќе успее ли планот за преполовување на легалните доселеници?


Во Мексико главна закана за нив се криминалните банди. Бројот на мигранти кои загинале како жртви на криминалните картели на границата меѓу Мексико и САД е непознат, но постојано се откриваат масовни гробници. Само годинава на границата загинале над 340 лица. Причини за смртtа, покрај нападите на бандите, се и давење во пограничната река, премор или гризнување од отровни инсекти.

Bangladesch Rohingya-Muslime in einem Boot
Бегство на припадници на Рохингите кон БангладешФотографија: picture-alliance/ZUMA Wire/Zakir Hossain Chowdhury

3. Беспомошни на море- југоистокот на Азија

Трошните чамци со бегалци не сообраќаат само во Средоземното море, туку и во водите на југоисточна Азија. Секој ден с< повеќе луѓе од Бангладеш или Мјанмар со чамци се обидуваат да стигнат до Тајланд, Малезија или Индонезија. Мнозинството му припаѓаат на муслиманското малцинство Рохинга кои во Мјанмар се на удар на власта.

Повеќе на темата: 

Прогон на Рохинга во Мјанмар: одговори на основните прашања

Земјите од соседството не ги пуштаат бегалците на копно, туку им обезбедуваат гориво и храна и ги оставаат на отворенo море. И таму шверцерите намирисаа вносен бизнис. Според информациите на фондацијата Азиска куќа, чести се случаите на киднапирање и мачење на бегалците од страна на шверцерите. Многумина ги губат животите во обид да го преминат Бенгалскиот залив. Преку 200 масовни гробници се пронајдени во подрачјето во близина на границата меѓу Мјанмар и Тајланд.
Но, за Рохингите останувањето не е опција. Според информации на организацијата Лекари без граници, само меѓу средината на август и крајот на септември над 6.700 припадници на ова малцинство се убиени. Меѓу жртвите се и многу деца.