1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Закон и правосудство

Бегство од слободата

24 ноември 2018

Ова не е прво бегство на еден вмровски лидер во историјата. На речиси идентичен начин тоа го направи Ванчо Михајлов во 1934 година кога пребегна од Бугарија во Турција. Турските власти одбија да го екстрадираат

https://p.dw.com/p/38nCY
Transparent mit dem Bild von Nikola Gruevski
Фотографија: Hungarian Democratic Coalition

Ја знаете веќе онаа чудесна книга на Ерих Фром, „Бегство од слободата“, во која хуманистичкиот филозоф и социјален психолог го анализира феноменот на човековиот страв од пропаѓањето на средновековниот свет во кој се чувствуваше безбедно и покрај многуте опасности. Но тој човек, сепак, успешно се одбрани од тоталитарните закани да им ја предаде својата слобода на диктатори од различен маштаб. Ако оваа легендарна студија ја транспортираме во македонската сегашност едно толкување може да биде дека Никола Груевски побегна кога дојде слободата во Македонија по десетте години авторитарност. Тоа може да изгледа парадоксално, но во основа тоа толкување е суштинско – Груевски не можеше да ја поднесе таа слобода, во која за почеток требаше да одлежи две години затвор. За Груевски 10-те години во кои владееше беше неговиот средновековен свет во кој тој не само што се чувствуваше безбедно, туку и се насладуваше. Затоа изгледаше невозможно соочувањето на Груевски со самиот себеси и со сето она што го направи, а изгледа беше ужасно тешко да се признае во слободата која дојде по него.

Ова не е прво бегство во историјата на ВМРО на нејзин лидер. Исто таков спектакл имаше при бегството на озлогласениот Ванчо Михајлов, творецот на крвавото ВМРО меѓу двете светски војни, кој го издигна теророт врз неистомислениците на ниво на библиска заповед. Кога во мај 1934 година Кимон Георгиев изврши воен удар во Бугарија и формира профашистичка влада, една од неговите главни цели беше да го елиминира ВМРО од бугарската политика поради тоа што со неброените убиства стана неподнослив товар за државата. Воената влада го забрани ВМРО и нареди апсење на Ванчо Михајлов. Лидерот на ВМРО се криеше во Пиринска Македонија заштитуван од јатаци и од стравот на месното население, кое беше исплашено од неговиот терор. Но, како и секогаш во вакви ситуации, кругот се стеснува, па бројот на лојалните луѓе се намалува – и време е да се бега. Ванчо Михајлов избега во Турција.

Mazedonien Ljupco Popovski
Љупчо Поповски, автор на колумнатаФотографија: Petr Stojanovski

Како беше во 1934

Да ги оставиме настрана страниците од книгите по историја кои ги опишуваат последните месеци од теророт на Михајлов во Пиринска Македонија. Прочитајте што напиша „Њујорк тајмс“ од неговиот дописник од Софија за бегството на вмровскиот лидер во септември 1934 година. Тие информации и ден-денес се интересни не само од журналистички аспект.

Првиот допис е од 13 септември 1934 година.

„Познатиот македонски лидер Иван Михајлов денеска ненадејно брзо ја премина границата и влезе во Турција заедно со неговата сопруга и вооружени пријатели од македонската организација ВМРО со два автомобили. Вечерва Бугарија побара од турската влада екстрадиција на Михајлов. Се очекува дека Турција ќе го одбие барањето, но изгледа ќе го протера бегалецот, кој најверојатно ќе побара азил во Италија. Вечерва осум лица беа уапсени во Софија под обвиненија дека помогнале во бегството на Михајлов.

Други колумни од Љупчо Поповски:

-Озлогласените

-Стратегија на пајакот

-Кој пат ќе го отвори помирувањето?

Бегството на македонскиот лидер следи по напорите на новиот режим да ја пацифизира Бугарија и да стави крај на револуционерното македонско движење. Пред неколку недели многубројни жандарми и детективи беа во потрага по Михајлов во јужна Бугарија, каде што тој побара засолниште во шумовитите планини и имаше поддршка од многу приврзаници. Најпосле потрагата толку се доближи до него што тој побегна во Турција“.

Во таа декада „Њујорк тајмс“ објавуваше повеќе текстови за Македонците, за бесконечните убиства на ВМРО, отколку што сега и посветува на државата Македонија. Сигурно и имало зошто – Балканот беше буре барут што постојано експлодираше, а ВМРО по Првата светска војна беше една од гранатите што најчесто внесуваше немир поради безмилосните убиства. Затоа „Њујорк тајмс“ два дена подоцна објавува уште еден текст за бегството на Михајлов, испратен од дописникот од Истанбул на 15 септември 1934 година. Тој дава и други детали за бегството.

„Иван Михајлов, македонски револуционер во бегство, и неговата сопруга беа донесени овде вечерва под полициска придружба со возот од бугарската граница. Тие ја поминаа ноќта во полициска станица.

Откако пешечеле со денови низ планините за да побегнат од бугарската полиција, тие ја поминаа границата целосно исцрпени и им се предадоа на турските власти. Турската влада го одби барањето на Бугарија за нивна екстрадиција, сметајќи ги како политички бегалци. Ним ќе им биде дозволено да останат во Турција под полициски надзор или ќе биде побарано да ја напуштат турската територија. Сопруга на Михајлов е Менче Карничева, која го уби Тодор Паница, исто така македонски лидер, во виенскиот театар на 8 мај 1925 година“, јави тогаш „Њујорк тајмс“.

За оние што сакаат да прават паралели во овие два случаи има доволно содржина. Како и што има содржина во натамошмиот живот на Михајлов. Тој неколку години подоцна замина во Полска, за време на војната беше добредојден гостин на Анте Павелиќ во Загреб и неговата Независна држава Хрватска, како германски нацистички соработник дојде во септември 1944 во Скопје да се обиде да направи квислиншка влада, но избега по неколку дена кога виде колкав е гневот кон ВМРО што тој се обиде да го претстави. Од Скопје се врати назад во Загреб, по германската капитулација кусо беше во Австрија за најпосле да емигрира во Рим каде остана до неговата смрт во длабока старост во 1990 година. Во сите емигрантски години продолжуваше да се „бори за македонската кауза“, пишувајќи неколку книги во кои го објаснуваше бугарскиот идентитет на Македонците.

Што ќе прави Никола Груевски во годините што му следат во егзил, освен ако не се случи некакво чудо па властите на Виктор Орбан да го екстрадираат во Македонија. Неговото долго второ писание на „Фејсбук“, во кое образлагаше како ќе продолжи да се бори за македонската кауза од Будимпешта, најави дека тој во иднина ќе сака да се однесува како бегалската влада на кралот Петар во Лондон по нацистичката окупација на Југославија. Многу зборови, а речиси никаков аир од нив. Сегашниве власти во Македонија на одреден начин ќе го издржат тоа бегство со по некоја можна смена поради големината на скандалот, иако тоа ќе им ја поткопа поддршката на првите следни избори. Но интензитетот на настаните во наредните два-три месеци објективно ќе ја однесат приказната за бегството и наводниот лагоден живот на бегалецот Груевски на спореден колосек.

„Кралот во егзил“

Најголемата штета од неговото бегство ќе има неговата партија ВМРО-ДПМНЕ. Доколку продолжат ваквите писанија на „кралот во егзил“ од Будимпешта (или од некое друго место каде што ќе формира задграничен комитет на партијата), тоа ќе биде глогов колец во самата суптанција на ВМРО-ДПМНЕ – нејзиниот наводен патриотизам и единството со народот кое без престан го кажува, како да е песна од вергл. На прв поглед изгледа дека на Христијан Мицкоски му се исчисти патот за конечно целосно да го преземе раководењето со партијата. Но неговата амбивалентност околу Груевски (неговото владеење и бегството) на малку подолг рок има големи шанси да го поткопа концептот што тој постојано го најавува, а никако да го соопшти. Неговите изјави дека го осудува бегството на Груевски, всушност, е единственото што може да го каже, не постои друга алтернатива, затоа што поинаку би промовирал политика која која е осудена од сите освен од најтврдокорните поддржувачи на поранешниот премиер кои во неговиот акт гледаат некаков храбар генијален потег. Иако е гласна таа група, сепак е на маргините на општеството.

Mazedonien Hristijan Mickoski, Generalsekretär der Oppositionspartei VMRO-DPMNE
Фотографија: Petr Stojanovski

Некни во интервјуто на 1тв Мицкоски се мачеше како да го формулира неговиот суд за овој акт што ја потресе земјата – да не ги навреди унгарските власти, глорифицирајќи го Орбан за неговата поддршка на евротлантските аспирации на Македонија. Тој сака да зборува само за Зоран Заев и неговата влада, а 11-те претходни години на неговата партија речиси и не сака да ги споменува, како да не се случиле. Бидејќи неговите пледоајеа се секогаш полни со самопофалби (во последниве 20 години не сме слушнале ниеден политичар толку многу да се фали самиот себеси за чесност, прецизност, знаење и визија) во тој свет има малку место за она што другите го правеле. Па макар реалната оценка за едно владеење, нека е и на неговата партија, може да му подотвори и други врати, кои сега изгледаат целосно затворени. Тој ја пропушти можноста во неколку добро осмислени реченици (за тоа можел да размислува и претходно, бидејќи му било јасно дека тоа ќе биде клучното прашање) да се дистанцира од Груевски и неговата постапка, да се дистанцира онаму каде што е потребно најдобро да го направи и да повика тој да одговара според законите на државата. Дали поради неискусност, дали поради непотребни калкулации, дали поради чувство на некаков долг, Мицкоски дозволи најголемиот дел од интервјуто да помине во негово сопствено мачење на упорните прашања на Чомовски. Наместо тоа прашање да го решеше во неколку минути за потоа да има повеќе време да се посвети на неговата единствена омилена тема – владеењето на Заев.

Токму ваквата амбивалентност покажува дека деновите на Никола Груевски во неговата партија не се завршени. Не е исклучено некои нејзини видни членови да одат и на своевиден аџилак кај „кралот во егзил“, кој ќе го чека погодниот момент да се врати во „саканата татковина“. Истата таа ситуација одлично ја сфати Јадранка Косор кога нејзиниот патрон Иво Санадер избега во Австрија и таму беше срамно уапсен. Во овој момент прашање е дали Христијан Мицкоски сака да го изоди тој пат на Косор. Доколку непотребно долго ги премерува калкулациите толку помала ќе биде неговата шанса да се прикаже како автентичен лидер. Без оглед колку пожестока ќе биде неговата реторика против власта, па дури и ако неговите забелешки во многу работи се покажат точни. Затоа што лидерите не се градат со повторување на едни те исти работи, туку со јасни одлуки. Мицкоски тоа го направи со получекор при исклучувањето од партијата на Сашо Мијалков, но ова спектакуларно бегство покажа дека тоа бил само мал отклон. Дистанцирањето од Груевски и неговото наследство, не само од криминалите, туку од радикалната националистичка реторика, може да го извлече Мицкоски на сцената како евентуален иден премиер во некое време. Овие денови по бегството на Никола Груевски тој не го положи клучниот испит. Како човек кој е толку задоволен од самиот себеси прашање е дали ќе сака да научи нешто повеќе.

Љупчо Поповски
Љупчо Поповски Уредник, новинар и политички аналитичар