1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Без забрана за демонстрации на корона-негаторите

4 август 2020

Безобѕирните протести против корона-мерките предизвикуваат лутина, но не се причина за ограничување на слободата на собирање. Оние кои ја презираат демократијата само чекаат на такво нешто, оценува Марсел Фиртсенау.

https://p.dw.com/p/3gNNo
Berlin I Proteste gegen Corona-Auflagen I Day of Freedom
Фотографија: Getty Images/M. Hitij

Без маски и пропишана дистанца - берлинските демонстрации против корона-ограничувањата во саботата беа целна провокација. Напад врз разумот на едно претежно солидарно општество, кое со месеци со обединети сили се бори против пандемијата. Огромно мнозинство од луѓето во Германија ги прифаќа ограничувањата во секојдневниот живот - со поголема или помала одушевеност. Затоа што луѓето се сигурни дека само така може долгорочно да се победи во борбата против вирусот.

Награда за толкавото трпение и смисла за заедништво се - споредено со другите земји во светот - впечатливо ниските бројки на инфицирани и починати. Успех, кој во меѓувреме доведе до широко олабавување на рестриктивните мерки: кафулињата и рестораните се одамна отворени, кината и концертите повторно живнаа, патување не е веќе забрането, а воучилиштата повторно се држи настава. Дотолку поапсурдно и позбунувачки делуваат бизарните демонстрации од викендот.

Deutsche Welle Marcel Fürstenau Kommentarbild ohne Mikrofon
Марсел ФирстенауФотографија: DW

Без обѕири, без разбирање, без одговорност

На најголемиот дел од оние што демонстрираа им беше очигледно само до себе. Потеклото и мотивите се можеби различни, но она што ги обединува е егоистичното однесување: без обѕири, без разбирање, без одговорност. Мотото на демонстрациите зборува многу: „Крај на пандемијата - Ден на слободата“. Поголема игноранција и глупосттешко може да се замисли.

Добро е што овој гротескен протест сепак се одржа. Помалку добро е што сега повторно, рефлексно, се дискутира за ограничувањата на слободата на собирање. Забрана на ваков вид собири на учесниците би им го пружила она што им треба - добар аргумент. „Видете, државата го крати нашето основно право на слобода на мислење и на собирање!“, би рекле. Вака, се случува токму спротивното: оваа држава, толку презрена од страна на демонстрантите, оваа демократија постигна протестите да „отидат во празно“.

Овие демонстрации беа и триумф на демократијата

Бизарната група луѓе, пристигнати од цела Германија, не можеше подобро да се разоткрие себеси. Цел свет виде на која страна се далекугледоста и толеранцијата, а на која тесногледоста и нетолеранцијата. При целиот разбирлив бес кон тврдоглавите - овие демонстрации беа и триумф на демократијата и правната држава. Зашто, оној кој не го почитува законот или мерките, мора да смета со последици. Така беше и во Берлин, каде полицијата уште во текот на демонстрациите поднесе кривична пријава против раководителот на протестите поради непридржување до правилата за хигиена.

Кога и на собирот кој потоа следуваше се продолжи со кршење на мерките за сузбивање на пандемијата, полицијата го прекина протестот. Државата, значи, е и тоа како споосбна за дејствување. Некому, со оглед на збунувачките слики од протестите и делумно агресивното расположение, тоа му е можеби премалку и предоцна, но сепак, дури и вакви несфатливи протести треба да бидат и натаму можни. Тие во одреден период се можеби тешко подносливи, но се пред се’ израз на едно слободно општество.