1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Без Месечината ќе не немаше ни нас

20 јули 2019

По повод 50 годишнината од слетувањето на првиот човек на Месечината, астрофизичарот Бен Мур за ДВ го објаснува значењето на Месечината за луѓето.

https://p.dw.com/p/3MCXG
Vollmond und Wolken
Фотографија: picture-alliance/B. Coleman/Photoshot.

Книгата на Бен Мур „Месечината- една биографија“ е само дел од опусот на овој автор. Во книгата се објаснува потеклото и развојот на вселената и начинот на кој се формираат ѕвездите, планетите и галаксиите. Мур е професор по астрофизика на Универзитетот во Цирих, автор и музичар кој им е посветен  на звуците на вселената.

ДВ: Зошто човештвото е се уште толку фасцинирано со Месечината?

Мур: Мислам дека една од причините е фактот дека е толку убаво да се набљудува небото ноќе. Месечината е највидлив објект кој можеме да го видиме со голо око. Затоа што е толку блиску можеме да видиме детали како оние сиви дамки кои се всушност оладени полиња од лава на скаменет базалт. Различните култури различно го толкуваат овие појави. Древните Кинези говореа за зајци, Германите за дете и човек на Месечината.

ДВ: Зошто луѓето од секогаш ја интерпретирале Месечината и неа препознавале разни облици?

Таа фасцинација е стара илјадници години и доаѓа од времето во кое не се знаело многу за Месечината. Месечината во себе поседувала нешто мистично и била поврзувана со божества во саги кои се пренесувале со генерации. Во германската култура лицето на дете или маж е поврзувано со некој кој бил фатен во кражба и поради тоа протеран на Месечината.

Со Аполо 11 до Месечината

ДВ: Значи со тие приказни биле поврзувани животни поуки?

Древните култури се обидувале да го разберат светот околу себе без денешното знаење. Измислувале приказни и на тој начин се обидувале да го сфатат универзумот околу себе. Првата развиена цивилизација на Сумерите пред 5.000 години ги измислила тркалото и писмото. И Месечината кај нив играла важна улога. Тие имале астрономи кои исклучиво ја набљудувале Месечината и се обидувале да ги откријат месечевите мени кои потоа ги поврзувале со појави како глад и војни, и на владетелите врз таа основа им ги предвидувале претстојните настани.

ДВ: Постојат ли современи примери за овој вид на суеверие?

Да речеме дека тоа биле почетоците на астрологијата која и денес постои, додуша не на основа на Месечината туку на други планети. Сумериските верувања ги преземале и прошириле Римјаните се до астрологијата каква што денес ја знаеме.

Autor  Ben Moore
Астрофизичарот Бен МурФотографија: Maurice Haas

ДВ: Вашата неодамна објавена книга за Месечината делува како некаква биографија.

Мојата книга се занимава со историјата на Месечината, досегашните сознанија и донекаде со иднината на ова небеско тело. Но и со влијанието на Месечината врз настаните на Земјата. Тоа е многу фасцинантно.

ДВ: Кои се тие влијанија?

Едно од најинтересните влијанија, значи и една од причините поради која воопшто и започнав да се занимавам со Месечината е фактот дека Земјата без неа не би била стабилна. Земјата би се наведнувала и вртела што би довело до драстични климатски промени. Месечината делува со силата на својата тежа врз стабилноста на движењето на Земјата и влијае на тоа што климата на Земјата не е драстично сменета веќе 4,5 милијарди години.

Затемнувањето на Месечината низ „објективот“ на НАСА

ДВ: Значи ли тоа дека без Месечината не би имало ни живот на Земјата?

Точно. Севкупната еволуција би се развила поинаку. Замислете животот да се развивал околу топлиот екватор и одеднаш да се навали и се да се претвори во ледена пустелија. Значи, тешко е да се претпостави дека нашиот денешен живот воопшто би можел да се развие на тој начин.

ДВ: Колку според Вас слетувањето на американските астронаути на Месечината пред 50 години во културна смисла го смени човештвото?

Многу пари беа вложени во програмата Аполо за да се докаже предноста пред Советите, што беше и главната цел. Но, тука е и уште еден друг ефект: за првпат човештвото гледаше на Земјата од едно друго небеско тело. Секој астронаут кој некогаш бил на Месечината говори за неверојатно чувство на набљудување на Земјата која е толку далеку.
Тоа секако доведе и до нашето сознание за Земјата како мала планета во вселената и во една друга релација. Како што би рекол Карл Саган: „мала плава планета“.