1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Без нив нема жетва - сезонските работници во Германија

Селма Филиповиќ/ Александра Трајковска10 октомври 2012

Сезонските работници од земјите на средна и југоисточна Европа во Германија работат врз основа на билатералните спогоби меѓу агенциите за вработување, главно во земјоделството и во шумарството.

https://p.dw.com/p/16Jhe
Фотографија: picture-alliance/dpa

По повторното обединување на Германија на пазарот за сезонски работници долги години доминираа Полјаците. Повеќе од 80 проценти од работниците доаѓаа од источниот сосед на Германија. Од 1. мај 2011. година Полјаците добија слободен пристап на германскиот пазар на трудот и се ослободени од ограничувањето само на сезонска работа. Со тоа нивните шанси и заработувачката на германскиот пазар на трудот се значително подобрени. Околу 90 проценти од сезонските работници се ангажирани во земјоделството и во шумарството. Околу седум проценти работат во хотелите и во гостилниците. Останатите три проценти како сезонски работници постојано го менуваат работното место.

Помали ограничувања за Бугарија и Романија

За неограничените можности кои ги уживаат Полјаците, Бугарите и Романците во моментов може само да сонуваат. Пристапот на нивните земји во ЕУ на 1. јануари 2007. година не беше поврзан со слободен пристап на германскиот пазар на трудот. Меѓутоа и Романците и Бугарите може да работат како сезонски работници во Германија - со одредени ограничувања. Работниците од овие две држави додуша од 1. јануари 2012. се ослободени од обврската да поседуваат работна дозвола за сезонска работа, но и натаму смеат да работа максимално шест месеци во една календарска година, во одредени случаи осум месеци. Исклучок се претпријатијата за овошје, зеленчук, вино, хмељ и тутун. Кај сезонските вработувања постои ограничување од најмногу девет месеци.

Сезонските работници од Бугарија и од Романија мора да имаат најмалку 18 години. Неделно мора да бидат вработени најмалку 30 часови и треба да бидат миниумум платени според тарифните плати. Доколку не постојат тарифни договори, важат платите кои се вообичаени за регионот.

Symbolbild - Biolandwirtschaft
Фотографија: picture-alliance/dpa

Работодавачите мора да се погрижат за соодветно сместување

За сите работници главно постои обврска за социјално осигурување во Германија. Тука се вбројуваат здравствено и пензиско осигурување, како и осигурување за помош и негување од трето лице, осигурување од несреќа и невработеност. Исклучок-ако романските или бугарските работници се вработени во нивните земји и само за време на нивниот платен одмор сезонски работат во Германија, тогаш подлежат на правните прописи во нивните татковини.

Работодавачите во Германија се обврзани на работниците да им обезбедат соодветен престој. Сместување во шатори или мобилни сместувалишта во основа не е дозволено. Исклучок се сезонските работи, каде работниците се упатени на комби возила.

Познавање на германскиот јазик по правило не е предуслов за сезонско вработување на Романците и Бугарите во Германија.

Работодавачот во Германија има право поради вонредни претприемачки причини да ја повлече понудата за вработување три недели пред почетокот на работата. Доколку работниците од Романија и од Бугарија сепак допатуваат со потпишан договор за вработување, двете страни се обврзани на договорот.

На Хрватите им е потребна работна дозвола

Исто така и на работниците од идната земја - членка на ЕУ, Хрватска, уште сега им е дозволено, слично како на Бугарите и Романците, да работат сезонски во одредени бранши. Но, и во овој случај мора да бидат испочитувани одредени граници во однос на траењето на вработувањето, старосната граница, работните времиња, приходите итн.

Хрватски сезонски работник смее да работи во Германија ако работодавачот има постигнато договор за посредување со хрватскиот Завод за вработување. Освен ова на хрватските државјани им е потребна работна дозвола, која ја подигнуваат пред пристигнувањето во Германија во германската амбасада во Загреб или во конзулатот. Заинтересираните дозволата ја добиваат од германската централна служба за посредување на стручна работна сила.

Хрватските сезонски работници подлежат на обврската за осигурување според германското социјално осигурување. Доколку не постои здравствено осигурување, работодавачот на своја сметка треба да склучи приватно здравствено осигурување за работникот. Во поинаков случај работодавачот сноси целосен финансиски ризик во случај на болест.

Познавање на германскиот јазик по правило не е обврска и за хрватските сезонски работници. „На работниците од други држави не може да им биде дозволено да работат како сезонски работници, доколку немаат место на живеење во Хрватска. Трошоците за посредување на сезонски работници од Хрватска ги презема германскиот работодавач. Таксата изнесува 60 евра и не смее да му биде одбиена од платата на сезонскиот работник“, нагласува Илона Мирчин од Агенцијата за вработување.

Deutschland Arbeitsmarkt Arbeitsamt
Фотографија: dapd

Нема ограничувања за Грците

Грција е членка на Европската унија од 1981. година. Согласно на тоа за Грците веќе одамна важи слободно движење на работната сила. Тие како и Полјаците, Чесите, Унгарците и Словенците имаат слободен пристап на германскиот пазар на трудот.

Работниците од Албанија, Косово, Босна и Херцеговина, Македонија, Србија или Турција не смеат да бидат вработувани како сезонски работници во Германија, бидејќи не постојат билатерални спогодби или договори за посредување меѓу германската Агенција за труд и агенциите за вработување во споменатите земји.