1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Без политички декрети

18 септември 2009

Дали Албанците да го изучуваат македонскиот јазик уште од прво одделение? Дали Македонците да го изучуваат задолжително албанскиот јазик во региони кадешто се помал дел од населението? Прашања што предизвикаа реакции.

https://p.dw.com/p/JjP4
Дали постои толеранција и подготвеност за восприемање на јазикот на „другиот“?Фотографија: Petar Stojanovski

Прашањата предизвикуваат не само реакции, туку и етнички тензии, откако опозицијата во албанскиот политички блок изреагира остро против некаква одлука, која ја донесла, наводно, македонската влада, со цел учениците – Албанци да започнат да го изучуваат македонскиот јазик од прво одделение.

„Пробни балони“ за претстојни законски измени?

Портпаролката на ресорното министерство Билјана Стефковска, додуша, во неформален разговор вели дека засега не постојат никакви веќе извршени измени во законската регулатива, со кои би се наложило учењето на македонскиот јазик за првачињата од албанскиот етникум. Министерот за образование Никола Тодоров при својот престој во Тетово не даде никаков одговор на прашањата на Дојче веле дали постои, или не постои споменатата одлука, се готват ли, сепак, такви законски измени, па сега се пуштаат во јавноста „пробни балони“, со цел да се тестираат нејзините реакции.

Како и да е, темата е добар повод за повторно осврнување на прашањето на соодносот меѓу јазиците, но и меѓу самите етникуми, како и за осврнување на прашањето - дали постои толеранција и подготвеност за восприемање на јазикот на „другиот“ во заедничката животна средина, но и дали постои и некоја обединувачка, во случајов, јазична нишка во македонското мултиетничко општество?

Mazedonien Land und Leute Schüler in einer Grundschule
За да се успее во која било намера се потребни анализиФотографија: Petr Stojanovski

Без анализи не може да се прави ништо

Во пресрет на евентуалното воведување на македонскиот јазик во најниските нивоа на образованието на Албанците, еве како одговараат на овие прашања експерти од различни области.

Фадби Османи, професор по педагогија и методологија на образованието на државниот универзитет во Тетово смета: „Ние немаме конкретни показатели кога би требало тоа да се примени, дали населението е подготвено да прифати вакви измени во законот заради воведување на македонскиот јазик во наставата за учениците – Албанци во првото одделение. Со други зборови, не се направени соодветни анализи, за да се успее во тоа.“

„И Македонците да го учат албанскиот јазик!“

Арафат Шабани, професор по педагогија и мултикултурализам на Штуловиот универзитет во Тетово укажува на заклучоците и предлозите, изготвени од група експерти во Македонија уште во 2004 година во врска со третманот и застапеноста на јазиците низ образовниот процес во земјата: „Предлогот гласеше: ’Да, македонскиот јазик може да се изучува во првото одделение од страна на доминантната немакедонска популација - Албанците, што нема да биде оптоварување за учениците. Тие се во состојба да изучуваат и 2 – 3 јазици, кои меѓу себе интерферираат. Но, потребно е да се подобри квалитетот на методологијата на учењето на македонскиот јазик.’ Од друга страна, втората препорака на тие експерти беше оти треба и Македонците да го учат албанскиот јазик.“

Политичка игра

Људмил Спасов, професор на катедрата за македонистика на Филолошкиот факултет на државниот универзитет во Скопје, коментира: „Во целата оваа работа има една политичка игра, која се состои од тоа да и‘ се ’покажуваат мускули’ на албанската етничка заедница во Македонија – значи, ’еве, вие морате да го учите македонскиот јазик по секоја цена’. Сега се јавува еден очекуван отпор од таа иста заедница: ’За возврат, и вие треба да го учите албанскиот јазик!’“

Mazedonien Land und Leute Gymnasium Korcagin
Се почнува на мајчин јазик, но како ќе се интегрира едно лице ако не го знае официјалниот јазик на државата?Фотографија: Petr Stojanovski

Посочувајќи на појавата дека опаѓаат нивото на познавање на македонскиот јазик и самиот интерес за него кај припадниците на албанскиот етникум, професорот Шабани вака ја исцртува актуелната состојба: „Како да го мотивираш Албанецот да го учи македонскиот јазик во една средина каде што и со процесот на децентрализација албанскиот е официјален јазик? Албанецот може да го заврши основното и универзитетското образование на својот мајчин јазик, а и сите институции функционираат двојазично. За неговата егзистенција и за да биде активен член во општеството, реално, нему не му треба македонскиот јазик!“

Шабани предупредува: „Сега во таква ситуација, кога не му е потребен македонскиот јазик, како тој да се мотивира него да го учи? Преку декрети може да дојде до контраефекти и до аверзија, а работите да се сегрегираат уште повеќе.“

„Предлозите на министерството даваат

контраефекти, а не позитивни ефекти“

Професорот Фадби Османи се надоврзува: „Министерството за образование дава одредени предлози, но од нив има повеќе контраефекти, одошто позитивни ефекти во сето тоа. Треба да се направат поголеми обиди за да се прифати тоа од страна на етникумот кој ќе треба да го учи македонскиот јазик. Учењето на јазиците е едно општо добро за сите и со оглед на ова зошто и Македонците да не го учат албанскиот јазик?“

Професорот Спасов во врска со ова го изнесува својот став: „Македонците би требало – тие што сакаат – факултативно да го изучуваат “другиот’ јазик во мешани средини, или таму каде што ’другиот’ е во мнозинство. На пример, албанскиот, турскиот, влашкиот, да речеме, во Крушево, српскиот во некои општини во Македонија и.т.н. Меѓутоа, сето тоа треба да се случува преку еден интеркултурен дијалог, бидејќи културата на ’другиот’, односно културата на заедницата не служи да ги разделува луѓето, туку да ги зближува.“

Mazedonien Land und Leute Tetovo
Учење јазици е општо доброФотографија: Petar Stojanovski

„Официјалниот јазик во една држава мора да се знае“

Константин Миновски, професор по социологија на етничките групи на државниот универзитет во Скопје, укажува на следната општествена димензија: „Секој треба да го учи официјалниот јазик на државата во која живее, за да може да се интегрира. Треба да се има предвид и тоа дека и онаму, во одделни региони каде што Албанците се мнозинско население, оти и таму македонскиот е официјален јазик.“

Миновски заклучува: „Земете го примерот со Соединетите Американски Држави: таму на шпански започнува да се учи во првото одделение, меѓутоа се завршува на англиски јазик. Како ќе се интегрира населението од шпанската јазична припадност во САД, ако не го знае англискиот јазик? Тоа постои и во Европа, но кај нас постои еден обратен процес: наместо интеграција, има дезинтеграција, која се поддржува и јазично.“

Се‘ на се‘, експертите го повикуваат министерството за образование да не избрзува со, како што велат, „некакви наметнати политички одлуки и законски измени, кои наместо меѓујазични и меѓуетнички доближувања, ќе произведат непотребни меѓуетнички тензии, поради што е потребно сите решенија да се дефинираат по опсежни јавни и научни дебати.“

Автор: Свето Тоевски

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска