1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Без сегрегација во образованието

8 октомври 2009

Етноцентризмот и предрасудите за другите етнички заедници не водат кон меѓусебна доверба. Македонската влада и ОБСЕ презентираа концепт за интегрирано образование. Знаењето за другите е богатство за општеството.

https://p.dw.com/p/K271
Фотографија: Petr Stojanovski

Меѓуетничката нетрпеливост меѓу Македонците и Албанците во струшкиот образовен центар ја тресеше кохезијата на државата во почетокот на оваа година. Во Скопје постојат поделени наставни смени во средните училишта на македонски и на албански, речиси половина од деведесетте училишни центри се повеќејазични, но одвај триесет отсто од учениците добро го знаат македонскиот, а само незначителен број на млади Македонци факултативно го изучуваат албанскиот јазик.

Да се спречи паралелизмот

„За земјата тоа е поддршка на интеграцијата на мултиетничката држава, тоа е фундамент на една модерна европска земја“, рече Кнут Волебек, високиот комесар на ОБСЕ за малцински права. Пред десетина месеци во Скопје, пред премиерот Груевски, тој ја презеде одговорноста да се направи заедничка стратегија со владата за образование што интегрира. „Владата цени дека е од исклучутелен општествен интерес да се спречат сите можни облици на паралелизам во образовниот процес, кои долгорочно би претставувале пречка за унапредување на животот на сите граѓани и би стимулирале ретроградни процеси кои не кореспондираат со мултиетничкиот карактер на државата“, кажа македонскиот премиер Никола Груевски.

Schule Niko Nestor
Гимназијата „Нико Нестор“ во Струга, позната по конфликтот меѓу учениците Македонци и учениците АлбанциФотографија: Petr Stojanovski

Образование што интегрира

Промоцијата на концептот за интегрирано образование го следеше мини-владиниот тим и влијателни амбасадори што го поттикнуваат мултиетничкиот карактер на државата. Не веднаш, туку постепено, изучувањето на албанскиот јазик би било дел од наставните програми. Стручњаците велат ако се учи англиски, германски, француски, зошто не и албански од страна на Македонците.

„Секој од учениците може да избере дали ќе го учи јазикот на една од етничките заедници или не. Јас лично сметам дека познавањето на јазиците може да биде само придобивка, само знаење плус кое може да им ги олесни животите на оние што повеќе ги знаат“, рече министерот за образование Никола Тодоров.

Mazedonien Land und Leute Schüler in einer Grundschule
Ревизијата на наставните програми ќе го стесни етноцентризмотФотографија: Petr Stojanovski

„Сите треба да бидеме интегрирани, а тоа значи сите етнички заедници да учат за другите етнички заедници, се‘ со цел да нема предрасуди во општеството“, кажа вицепремиерот Абдулаким Адеми.

Програмата за интегрирано образование предвидува ревизија на наставните програми по историја, изучување јазици и историја на религии за да се стесни етноцентризмот и развива мултикултурното општество во македонската држава.

Автор: Александар Чомовски

Редактор: Жана Ацеска