1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Белата Европа

18 ноември 2017

Младите членови на крајната десница често се облечени во скапи костуми. Фанатизмот им е прикриен, жедни се за престиж. А класичната десница во Европа сака да им се приближи на загрижените граѓани со „добар популизам“

https://p.dw.com/p/2npEa
Polen Warschau Rechtsradikale beim Marsch zum Unabhängigkeitstag
Фотографија: picture-alliance/Pacific Press/J. Ratz

Сликите од маршот минатата сабота во главниот полски град, Варшава, изгледаа дури и нестварно. Полицијата вели дека 60 илјади луѓе се собрале на главните улици да ја одбележат 99-годишнината од прогласувањето на независноста на Полска. Во 1918 година, по завршувањето на Првата светска војна, Полска успеа да си го поврати суверенитетот, откако на крајот на 18. век беше поделена меѓу Русија, Прусија и Австро-Унгарија. „Тоа беше прекрасна глетка. Ние сме горди дека толку многу Полјаци се решија да земат учество во прославата на Денот на независноста“, изјави министерот за внатрешни работи Мариуш Блашчак, додека државната телевизија собирот го опишуваше како „голем марш на патриотите“.

Каква беше таа „прекрасна глетка“ која ја вознемири Европа и која предизвика револт кај другиот дел од Полјаците? Учесниците на маршот со неофашистичка иконографија – црвени факели и транспаренти полни со омраза – ја окупираа политичката арена со пораки кои досега само срамежливо можеа да се видат на толку отворена сцена во Европа. „Исламски холокауст“, „Бегалците надвор“, „Бела Европа на братски нации“ – пишуваше на некои од транспарентите, додека масата хорски извикуваше: „Чиста Полска, бела Полска!".

Некои од учесниците маршираа под слоганот „Ние го сакаме господ“, зборови од стара полска религиска песна, кои ги цитираше и американскиот претседател Доналд Трамп за време на неговата посета на Варшава пред неколку месеци. Некои носеа и постери на кои беше прикажан симболот на екстремнодесничарската група „Фаланга“ од 1930-тите години, која бараше „католички тоталитаризам“ и одземање на правата на Евреите. Други пак носеа слики од водечкиот националист и познат антисемитист од тоа време, Роман Дмовски. Трети носеа знамиња со келтски крстови, симоболот на белите супремацисти. Маршот беше и собир на претставници екстремните десничари од повеќе европски земји, кои во сегашна Полска ја најдоа својата ветена земја.

Во исто време се одржа и еден контра-протест на кој 2.000 луѓе ги осудија ксенофобичните и националистички пораки од големиот марш. Полицијата интервенираше и уапси 45 лица од малиот марш, а ниту едно од големата националистичка маса.

Polen Warschau Rechtsradikale beim Marsch zum Unabhängigkeitstag
Фотографија: Imago/newspix

Радикалните националисти излегоа од сенките

Владејачката Партија на правото и правдата им овозможи на радикалните националисти да излезат од сенките во коишто беа засолнети и да ѝ дадат поддршка на нејзините националистичко-католички гледишта. Партијата долго време аргументира дека Полска треба да биде само за Полјаците, дека компаниите мора да бидат патриотски, дека сите муслимани се терористи, а во двете години со кои раководи со земјата тоа речиси го претвори во државна идеологија. Неколку часа пред маршот нејзиниот авторитарен лидер, Јарослав Качински, во говор се заложи Полска да остане на патот на „гордоста, независноста и силата“ и ги повика Полјаците да ја предводат „болната Европа“ кон „фундаменталните вредности, кон вистинската слобода и јакнење на нашата цивилизација заснована врз христијанството".

Откако маршот предизвика гнев на социјалните мрежи и ја згрози Европа и светот, полското министерство за надворешни работи во понеделникот ги осуди расистичките, антисемитски и ксонофобични идеи, но инсистираше дека тоа било „голема прослава на Полјаците кои ги изразија патриотските вредности“. Но тоа не беше доволно, бидејќи уште повеќе го зголеми гневот. Најпосле, претседателот на државата, Анджеј Дуда (протоже на Качински), остро го осуди маршот на националистите и изразите на ксенофобија и расизам, нагласувајќи дека „за нив и за болниот национализам нема место во Полска“. Неговите зборови малку ја намалија тензијата, но не ги смирија страстите.

Fahnen Polen Europa
Фотографија: picture-alliance/NurPhoto/A. Widak

Многумина во Европа се прашуваат како можеше Полска, која претрпе огромни страдања и уништување од нацистите во Втората светска војна, да стане центар на континентот за екстремната десница. Како можеше либералните вредности во Полска, кои на крајот од 1980-тите години го поткопаа советскиот блок, да се загубат во национализмот и длабоко конзервативниот католицизам. Како државата која десетина години има висок економски раст, рекордно ниска невработеност од 5,3 отсто, која профитираше најмногу од Европската Унија од новите земји членки и која е етнички веројатно најхомогената европска нација, да стане предводник во борбата против европските вредности. Како земјата од 38 милиони, која годинава има вкупно 1.474 барања за азил, од кои само 18 од Сирија (другите се главно од „белите“ и христијански Русија и Украина), да испраќа вакви пораки на голема нетрпеливост и ксенофобија. Сето тоа изгледа нелогично. Но не е, ако се знае дека откако Партијата за право и правда дојде на власт ги ослабува демократските институции и опозицијата и ги стави под своја контрола судскиот апарат и јавните телевизии. А „нормализацијата“ на протестите на екстремните десничари, за да се засили патриотизмот и антиимигрантските ставови, ја поткопаа робустната демократија.

Маршот во Варшава изгледаше како депримирачко ехо на фашистичките демонстрации од 1930-тите години низ Европа, кога духот од шишето што излезе во Италија ја прекри Германија, а се обиде да превладее и во Франција. Маршот во Варшава беше речиси идентичен со маршот на белите супремацисти во август во Шарлотсвил, Вирџинија, САД. „Патриотите“ во Варшава, исто како и оние во Шарлотсвил, бараа социјален поредок. И двете групи излегоа од сенките за да станат дел од политичкиот мејнстрим спектрум и во регуларната политичка арена во либералните политички општества да го промовираат нелиберализмот. Во Полска оваа „бела Европа“ носеше факели и неонацистичка иконографија, но премолчено поддржана од владејачката елита сакаше да ја покаже својата сила.

Mazedonien Ljupco Popovski Journalist
Љупчо ПоповскиФотографија: Privat

Еделвајс место цикорија

Нејзините припадници не се веќе само луѓето од зафрлените гета во градовите, кои се чувствуваат напуштени и заборавени од политичките елити, без оглед дали се од лево или од десно, а преку изборните резултати во Холандија, Австрија, Германија, Чешка ги урнаа прерасудите кај либералните медиуми. Пред некој ден, на првата седница на новиот парламент на Австрија пратениците на крајнодесничарската Партија на слободата (веројатниот иден член на владата) се откажаа од длабоко сините цветови на цикоријата на нивните ревери (кои ги носеа на истите такви седници од 2006 година) поради асоцијацијата со нацистичкото движење од 1930-тите години во земјата. Место тоа го ставија бело-жолтото алпско цвеќе еделвајс. Лидерот на партијата Хајнц-Кристијан Штрахе (кој веројатно ќе биде вицеканцелар), изјави дека еделвајсот е симбол на „храброста и љубовта“. Мандатарот за новата влада, првиот човек на Народната партија, опортунистичкиот вундеркинд Себастијан Курц го поздрави „свежиот почеток и промените во новиот парламент“.

Како што забележа извонредниот професор и историчар, Иан Бурума, работите се променети. „Младите членови на крајната десница, особено во Европа, често се убаво облечени во скапи костуми, потсетувајќи на фашистичките дендија од предвоените Франција и Италија. Тие не викаат пред големи толпи, туку се умешни учесници на радио и телевизиските дебати и тактички корисници на социјалните медиуми. Некои од нив имаат дури и чувство за хумот. Овој нов модел на десничари е социјално прифатлив за да се движи во високите кругови. Отворениот расизам е замолчен; нивниот фанатизам е прикриен. Тие се жедни за престиж“.

Овој опис на Бурума на десничарските екстремисти на свој начин кажува зошто класичните десничарски партии во Европа се движат уште подесно продавајќи ја приказната за „добриот популизам“ со кој го победиле „лошиот популизам“ на крајната десница. И наместо остро да ѝ се спротивстават на ксенофобијата и омразата нејзините лидери почнуваат да зборуваат дека „народот“ е во право што е загрижен поради имигрантите. Оваа бела Европа успеа да ги наметне расправите за имигрантите како главна загроза на општествата пред дебатите за економијата, платите, пензиите, социјалната заштита. Како што напиша германската писателка Јагода Мариниќ во колумната за Дојче веле: „Десничарската партија АфД успеа да уцени голем дел од медиумите во непропорционално покривање, со што тие придонесоа во нормализацијата на екстремистичките позиции кои ќе беа неприфатливи пред две години“.

Многу медиуми во Европа сега се во рацете на ксенофобични милијардери, исто толку телевизиски станици се парализирани со расистички наратив. Поплавата од лажни вести за незапирливата имигрантска наезда од Ориентот го храни стравот кај обичниот граѓанин, а класичните десничарски партии за да не останат надвор од власта се престројуваат на популистичкиот колосек. Примерите од последниве 30 години покажаа дека крајната десница или левица вообичаено е со краток здив и дека на долг рок класичните партии ги победуваат популистите. Случајот со Националниот фронт на Мари Лепен и неговиот внатрешен распад е типичен пример за тоа.

Но кога десницата ќе најде разбирање за екстремистите доаѓаат проблемите во државите, а општествата добиваат авторитарни норми. Така е во Унгарија под Виктор Орбан, така е во Полска под Јарослав Качински, така веројатно ќе биде и во Чешката Република каде милијардерот Андреј Бабиш ќе биде новиот премиер. Бабиш е чешкиот Доналд Трамп, и по манипулациите и по популистичкиот наратив. Но не е само Бабиш опасност за Чешка. На неодамнешните избори крајно десничарската партија на бизнисменот со јапонски корени Томио Окамура, освои 10,7 отсто од гласовите. Неговата отворена ксенофобија, расизам и повик за итно напуштање на ЕУ ја протресе стабилната проевропска демократија во државата. Или како што напиша познатиот чешки новинар Јакуб Паточка: „Отворениот расизам стана нормален дел од јавниот дискурс. Довербата во демократските институции и Европската Унија се распаѓа пред нашите очи. Шокантно е како лесно и брзо се случи тоа“.

Континентот е пред политички ризик и големо прашање е дали знае да се бори со популистичките демагози или неговите политичари од мејнстрим партиите ќе ја облечат опортунистичката наметка само поради стравот од губење на власта. А тогаш можеби ќе имаат власт, но моќта ќе биде на некое друго место.

 

Љупчо Поповски
Љупчо Поповски Уредник, новинар и политички аналитичар
Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Покажи повеќе написи