1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Даночната пријава на Трамп е автентична

НД/ дв
15 март 2017

Белата куќа потврди дека претседателот Доналд Трамп платил 38 милиони долари за даноци во 2005 година. Во соопштение за јавноста Белата куќа ги прекори медиумите за „нелегално објавените“ даночни документи.

https://p.dw.com/p/2ZCCG
U.S Präsident Donald Trump
Фотографија: Reuters/K. Lamarque

Белата куќа преку соопштение за јавноста вчеравечер извести дека приходите на претседателот Трамп во 2005 година изнесувале повеќе од 150 милиони долари.

Во соопштението, исто така беше наведено дека како претседател на организацијата Трамп, могулот со недвижнини, имал обврска „да не плати повеќе данок од она што е законски пропишано“.

Белата куќа го објави соопштението за јавноста откако презентерот на телевизијата МСНБЦ, Рејчел Медоу најави на Твитер дека таа добила копии од даночната пријава на Трамп и планира да ги објави за време на нејзиното ноќно шоу.

Белата куќа ја потврди автентичноста на даночните документи кои ги објави Медоу, но во соопштението за јавноста не беа објавени други документи.

Според даночната пријава од 2005 година, Трамп остварил намалување на вредноста на средствата во негова сопственост за 100 милиони долари, со што ја намалил вредноста на доходите кои подлежат на федерално оданочување и на тој начин бил оданочен со ефективна даночна стапка од 25 проценти за 2005 година.

Даночни откритија на ТВ

Истражувачкиот новинар, добитник на наградата Пулицер, Дејвид Кол Џонсон добил две страници од даночната пријава на Трамп од 2005 година по пошта од анинимен извор. Тој се појави во шоуто на Рејчел Медоу во вторникот вечерта за да ги дискутира документите и да шпекулира за тоа кој би можел да му ги прати, тука вклучувајќи го и самиот Трамп.

Соопштението за јавноста на Белата куќа се осврна и на одлуката на телевизијата да ги објави документите.

„Знаете дека сте очајни за подигнување на рејтингот кога сте спремни да го прекршите законот за да објавите приказна за даночна пријава од две страници од пред една деценија“, се вели во соопштението. Во продлжението на нападот на администрацијата врз медиумите, беше нагласено „илегалното објавување“ на документите.

„Целосно е нелегално да се украдат и објават даночни пријави. Неискрените медиуми можат да продолжат да го прават ова како дел од нивната агенда“, се вели во соопштението.

За објавување на федерални даночни пријави без дозвола предвидена е казна до 5 години во затвор и казна до 5.000 долари. Медоу аргументираше дека МСНБЦ објавува информации кои се од интерес за јавноста, што е заштитено со првиот амандман на Уставот на САД.

Мистеријата со даноците на Трамп

Трамп одби да ги објави даночните пријави, тврдејќи дека е под ревизија од страна на даночната управа и дека бил советуван да не ги обелоденува информациите за неговите даноци, иако не постои правна забрана за индивидуалците кои се под ревизија да ги објавуваат документите.

Истрагата на Њујорк Тајмс минатата есен покажа дека Трамп искористил голема загуба во 1995 година за да избегне да плати данок на доход во наредните неколку години.

Претседателските кандидати и претседателите на САД традиционално ги објавуваат своите даночни пријави. Критичарите велат дека постојаното избегнување на Трамп да ги објави даночните пријави покажува дека тој сака нешто да сокрие.

За време на неговата кандидатура и по неговиот избор за претседател на САД, Трамп опстоја на ставот дека американската јавност нема интерес за неговите даноци. Сепак, повеќе од 1 милион луѓе потпишаа петиција со која бараат тој да ги објави даночните пријави.

Белата куќа не појасни дали Трамп планира да ги објави деталите околу неговите даноци за време на мандатот. Од таму, исто така не коментираат дали ќе дозволат даночната служба на САД (ИРС) да направи ревизија на неговите даноци за минатата година по нивното поднесување на 15 април, што е воспоставена практика за актуелните претседатели на САД или дали ќе биде побарано тоа да не се оствари.

Даночна реформа во негова полза?

Даночната пријава на Трамп од 2005 година го покажува ефектот на даночната мерка позната како „Алтернативен минимален данок“ (АТМ) - оваа мерка го отежнува процесот на намалување на даночната основица за богатите луѓе преку користење на намалувања и различни сметководствени методи. Според оваа мерка, даночните обрзници мораат два пати да го пресметаат својот приход со користење на два метода - и да платат данок на повисоката од двете суми.

Без АМТ, ефективната даночна стапка за Трамп би изнесувала 3,5%, за разлика од 25% како што е наведено во даночната пријава од 2005 година.

За време не неговата кампањата, Трамп се залагаше за укинување на АМТ.

Кога кандидатот на демократите, Хилари Клинтон го критикуваше Трамп за време на кампањата затоа што не плаќал даноци, тој ѝ одговори „тоа значи дека сум паметен“.