1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Papstreise Kommentar

15 мај 2009

Папата Бенедикт 16 осум дена престојуваше во посета на Светата земја. Посетата требаше да има карактер на аџилак, но - сакал тој или не - имаше и политичко значење. Бенедикт не се ослободи од сенката на Јован Павле Втори

https://p.dw.com/p/HrCK
Од пречекот на Бенедикт 16 во ИзраелФотографија: AP

Секогаш кога еден папа ја посетува Светата земја, постои опасност и да направи или каже нешто, со што ќе се доведе во непријатна ситуација. А Блискиот Исток е посебно податлив за тоа: религиозните и политички околности се толку повеќеслојни, што некој, се’ едно како и да се изрази, речиси неизбежно ќе наиде на недопаѓање. Згора на тоа, папата во досега петгодишниот понтификат предизвика повеќе недоразбирања - со говорот во Регенсбург, на пример, или со цитатот за насилничкиот ислам или пак со рехабилитирањето на припадниците на Братството на Пиј, вклучително и негаторот на холокаустот Ричард Вилијамсон.

За време на аџилакот во Светата земја на папата не му се случи пропуст од таква категорија. На религиозно-црковниот паркет тој се чувствува благопријатно, неговите богослужби воодушевија многумина. Не остана незабележан ни неговиот повик за помирување меѓу светските религии.

Папата - Германец можеше и требаше да стави посилни акценти

Поинаку беше во политичкиот дел на посетата. Таму имаше станици на кои 82-годишниот шеф на Католичката црква не беше доволно недвосмислен: се разбира дека тој во Јад Вашем, споменикот за жртвите на холокаустот, мораше да зборува за убиените Евреи, а не само за „убиените“. Тој истовремено јасно се дистанцира од секаква форма на антисемитизам. Колку е веродостоен во тоа и во која мера и во иднина ќе се заложи против секоја форма на негирање или релативизирање на холокустот, ќе покаже неговиот натамошен однос спрема Ричард Вилијамсон.

Papst Benedikt vor der Klagemauer in Israel Jerusalem
Папата кај Ѕидот на плачотФотографија: AP

Се разбира дека Бенедикт на Ѕидот на плачот, најсветото место на Евреите, можеше да го обнови гестот на помирување што го направи своевремено неговиот претходник Јован Павле Втори, кој пред девет години ја призна вината и на христијаните во прогонот на Евреите. Бенедикт молеше за мир во тој регион. Тоа е навистина важна работа, но токму од еден папа со германско потекло таму би бил на место некој понедвосмислен знак.

Забележливо е и што папата ги поддржа луѓето во Западен Јордан и појасот Газа, со тоа што се искажа за самостојна палестинска држава. Неговиот став, всушност, беше познат, но беше смело на лице место, во сенката на израелскиот одбранбен ѕид во Витлеем, да се критикува таа градба, да се потврди правото на Палестинците на сопствена суверена држава во земјата на нивните претци и да се осуди минатогодишната војна во Газа. Во ова папата беше ненадминат во јасноста.

Papst Benedikt mit Mahmoud Abbas in Bethlehem
Поддршка за Палестинците: Бенедикт со претседателот на Палестинците Махмуд АбасФотографија: AP

Вистинските резултати од една ваква посета, по правило, не се покажуваат веднаш. Мора да се има трпение, за да може да се согледа какво влијание имаа дипломатските разговори без присуство на камери и микрофони - дали мировниот процес ќе добие нов поттик, дали од тоа ќе профитира со секој ден се’ помалата група христијани и дали луѓето повторно ненасилно ќе си приоѓаат едни кон други.

Ова не беше аџилак на големи гестови и извонредни зборови во немирната Света земја. Уште пред почетокот на патувањето на папата Бенедикт 16 многумина знаеја: ќе биде тешко да се надмине посетата на неговиот харизматичен претходник. Но сепак, можеше и да успее. Штета. Tоа секако е и прашање на личните капацитети.


Автор: Клаус Кремер / Превод Зоран Јордановски

Редактор: Жана Ацеска