1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Бербок во Москва: Подготвени сме за сериозен дијалог

ЖА / агенции
18 јануари 2022

Германската министерка за надворешни работи Аналена Бербок на средбата со рускиот колега Сергеј Лавров побара заживување на мировните преговори за украинскиот конфликт.

https://p.dw.com/p/45hYh
Russland Moskau | Außenministerin Annalena Baerbock trifft Sergej Lawrow
Аналена Бербок во Моксва со Сергеј ЛавровФотографија: Maxim Shemetov/AFP/Getty Images

Мировните преговори околу украинскиот конфликт се важни за безбедноста во Европа, истакна шефицата на германската дипломатија на прес конференција по средбата со нејзиниот руски колега, Сергеј Лавров во Москва. За таа цел се планира средба во рамките на Нормандискиот процес, значи со посредство на Германија и Франција и учество на Украина и Русија. Лавров пак потенцираше дека Русија не се гледа себе си како конфликтна страна.

Важно е повторно заживување на Нормандискиот процес, тоа Бербок го порача и на вчерашната посета на Украина, инсистирајќи сите да се свртат повторно кон Минскиот мировен договор. Договорот околу конфликтот во источна Украина, постигнат во белорускиот главен град, се наѓа на мраз. Русија и Украина меѓусебно се обвинуваат за кршење на одредбите од мировната спогодба.

Бербок изјави дека е свесна за постоењето различни гледања на Договорот, но дека ќе направи сѐ за повторно да се одржи средба во рамките на Нормандискиот формат.

Во однос на побараните безбедносни гаранции од Западотод страна на Русија, Бербок изјави: „Спремни сме за сериозен дијалог околу меѓусебните спогодби и чекори кои би довеле до поголема сигурност за сите во Европа“.

Разговорите во Советот НАТО - Русија и со Организацијата за европска безбедност и соработка од минатата недела беа први чекори во оваа насока. Руската позиција, повторена од министерот Лавров, останува и натаму – Москва очекува писмени предлози од Западот, опстојувајќи на окончување на проширувањето на НАТО кон Исток и откажување од прием на Украина во Алијансата.

Германската министерка Бербок ја предупреди Русија да се воздржи од закани кон соседот Украина  и да ги почитува основните вредности во Европа. „Немаме друг избор освен одбрана на нашите заеднички правила, иако тоа значи висока економска цена“, порача Бербок с поглед кон концентрацијата на руски воена трупи на границата со Украина.

Западот стравува  од нова руска инвазија врз Украина, иако владата во Москва тоа категорично го демантира.

Украинскиот конфликт ќе биде во фокусот и на денеска најавената посета на американскиот министер за надворешни работи, Ентони Блинкен на Берлин во четврток, каде ќе се сретне со претставници на Германија, Франција и Велика Британија, откако денеска престојува во Киев, за на украинската влада да ѝ ја пренесе поддршката од САД во конфликтот со Русија.