Берлинале: Прекрасната Зорица Нушева е кандидат за Златна мечка

Првиот филм од Македонија кој се појавува во официјална конкуренција на престижното Берлинале, „Господ постои, името ѝ е Петрунија“, жнее позитивни критики. Зорица Нушева се споменува како фаворит за Златна мечка.

Филмот на Теона Стругар Митевска по вчерашната премиера на Берлиналето добива позитивни критики во германскиот печат, иако критичарите не го сметаат за фаворит за освојување на Златната мечка. Главната актерка Зорица Нушева (насловна фотографија), пак, собира симпатии насекаде.

РББ во своето онлајн издание објавува критика под наслов „Модерна крстоноска“ во која оценува дека „еден од најубавите моменти на фестивал како Берлиналето е кога ќе настапи некоја сосема непозната уметница, која веднаш ви го освојува срцето“.

„Лице кое веднаш ви станува симпатично и му посакувате сѐ најдобро. Зорица Нушева има таков лик“, пишува филмскиот критичар на РББ, Патрик Велински.

Што се однесува до самиот филм, Велински го смета за експеримент на кој му недостасува „поконсеквентен формален концепт“.

„Општествената критика останува премногу површна. Обидот во приказната да се вклучат што повеќе општествени состојби и актери доведува до тоа на филмот да му недостасува концентрација.

(...) Сепак: Филмот е еден од подобрите во годинешната натпреварувачка конкуренција на Берлиналето. Токму поради тоа што никулците на самодоверба на Петрунија во извонредната игра на Нушева се без алтернатива. Со задоволство може и подолго да се гледа како оваа млада жена ја нервира својата околина“.

Во заклучокот авторот наведува дека се работи за „типичен Берлинале филм“.

Зорица Нушева и Теона Стругар Митевска на црвениот тепих на Берлинале


„(...) Со сите силни и слаби страни кои ги носи таквиот предикат.

Како сеопфатна општествена критика на Македонија во целина (филмот) е премногу безопасен. Но, погледот во патријархалната структура и пред сѐ близината до прекрасниот главен лик, овозможуваат да се превидат слабостите. А Зорица Нушева треба да биде сериозен кандидат за Златна мечка за својата улога“, заклучува филмскиот критичар на РББ.

Весникот Тагесшпигел филмот на Стругар Митевска го претставува како битка на „една Македонка против картелот на моќта на мажите“ во критиката насловена „Стоп за понижувањето“.

„Конечно! Беше крајно да се појави филм со ваква покренувачка моќ. Потоа чудно опуштени лица полни со тивка радост. И тоа во едно дождливо неделно утро“, пишува весникот алудирајќи на фактот дека премиерата на филмот се одржа рано утрото во Берлин.

„(...) Не, ова не е филм за полова рамноправност, ова не е #MeToo филм, зад камерата не стојат сурогати на новиот светоглед. Иако мажите веројатно ќе се прашуваат: Навистина ли сме толку одвратни? Овој филм одговара: Да, во најмала рака таму каде што мажите настапуваат како толпа, како владејачка толпа во едно традиционално општество“.

„(...) Можеби Петрунија скокна во студената вода само за да провери дали сѐ уште постои. Ако некоја слика од филмот треба да се врами, тогаш интервјуто за работа на Петрунија го заслужува тоа. Каква високо прецизна духовна вежба во понижување. Беше восхитувачки да се гледа како убавите јасни очи конечно тонат и ја губат својата сила“, пишува Тагесшпигел.

Теми

Следете нѐ