1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Берлински аплауз за „Жената што ги избриша своите солзи“

12 февруари 2012

Премиерата на филмот за двете мајки на Теона Стругар Митевска доби аплауз во киното „Интернационал“, со што првата македонска презентација на Берлиналето може да се каже дека е успешна.

https://p.dw.com/p/1426n
Фотографија: DW

Како на сите светски премиери, така и синоќа во Берлин, своите ѕвездени минути ги имаше екипата на „Жената која ги избриша своите солзи“ на Теона Стругар Митевска. Веројатно, за оние неколку минути на црвениот тепих, под рефлекторите и фотографските објективи, живеат сите кои на кој било начин се врзани за филмот. Синоќа пред киното „Интернационал“ продефилираа режисерката Теона Стругар Митевска, носителите на главните ролји Викторија Абрил, Лабина Митевска, Жан Мари Галеи, Арбен Бајрактарај, Келиок Фоненимум Варка, потоа „треттиот мускетар“ од семејството Митевски - продуцентот Вук, како и уште десеттина уметници вклучени во реализацијата на филмот. На бината по проекцијата и аплаузите, беше претставен без конкуренција најголемиот тим на Берлиналето – вкупно 23 луѓе кои учествуваа во снимањето на „Жената што ги избриша своите солзи“.

Berlinale 2012 Mazedonisch
На бината се претстави бројниот филмски тимФотографија: DW

Лична приказна

„Верувам во киното! Македонија е мала и и’ требаат копродукции како оваа со Германија, Словенија, Белгија“, истакна режисерката и автор на сценариото Теона Стругар Митевска. Таа кажа дека „Жената која ги избриша своите солзи“ е многу личен филм. Теона е родена во Македонија, каде живеела до 17 годишна возраст. Потоа, заминала во светот и во овој филм се прекршуваат и отсликуваат сите нејзините дилеми. „Тука сум јас, онаа од Западот и јас од Македонија, онаа традиционалната. Ова е филм за жената, за индивидуата, за потрагата по себе“ .

Пред две години по Битолскиот филмски фестивал, практично дојде согласноста од Викторија Абрил да ја прифати една од главните улоги. Тоа е многу време. Се случи пред две години. Но, „за се’ добро треба време“, смета Теона.

Berlinale 2012 Mazedonisch
Теона Стругар Митевска и Виланд Шпек, директор на ПанораматаФотографија: DW

Лабина која ја има „македонската главна ролја“ одговори како е да се работи под режиската палка на сестрата?

„Тешко е да се работи со сестра, со внук, со семејството! Но, бев импресионирана од приказната за двете жени кои доаѓаат од различни општества. Теона две години ги истражуваше јуруците. Бев пленета од овие луѓе, од бојата на нивната облека, од нивната неверојатна естетика, од љубовта и поврзаноста која меѓусебно си ја даруваат“.

Одлични критики

Публиката, пак, со аплауз ја награди „Жената што ги избриша своите солзи“.

„Јас го одбрав филмот, јас го донесов во Берлин. Тој е во мојата програма што значи дека може само да ми се допаѓа. Имавме над 3.000 филма од кои требаше да одбереме 50 за Панорама. Би потсетил дека во Панорама пред неколку години беше и ’Јас сум од Титов Велес’ на Теона, така што морам да признаам дека ја ценам нејзината работа и сум нејзин фан“, изјави за Дојче веле Виланд Шпек, директор на секцијата Панорама кој присуствуваше на премиерата и по проекцијата го водеше разговорот со публиката.

„Филмот беше многу добар. Морам да кажам дека посебно ја следам кариерата на Лабина уште од ’Пред дождот’. Од филм во филм, од година во година таа остварува се’ подобри и позрели карактери, така што навистина и тука е одлична. Би дополнил дека преку неа практично почнав да ја следам и работата на сестра и’ - Теона. Од нејзиниот прв игран филм во 2004 ’Како убив светец’, преку ’Јас сум од Титов Велес’ од 2008, па до сега, можам да констатирам дека има видлив прогрес“, коментира и Стивен Јејц, новинар кој е специјализиран за филмот и до сега во повеќе наврати бил член на критиката Фипреси.

„Ми се допадна начинот на кој приказната е вткаена. Како сложувалка. Не го знаеш расплетот до крајот. Навидум е тип на трилер, кој е посебен, го чинат толку прекрасниот француски јазик и шарм и македонскиот пејзаж, кои во американските блокбастери сигурно ги нема“, вели Андреа Милер, вљубеничка на големото платно. Михаел, пак, кој го гледал и „Јас сум од Титов Велес“ забележа дека во најновото остварување, Теона покажува дека е созреана. Нему малку му пречи што филмот го нема комплетно македонскиот белег како во претходниот каде беше дадена локална слика на еден град и менталитет, но смета дека Теона и целиот тим направиле иако малку тежок, одличен филм.

Berlinale 2012 Mazedonisch
Лабина Митевска на мунус 10 најде време да подели и автограмиФотографија: DW

Снежана Милевска, пак, која е родена во Германија, но има македонско потекло, вели дека во принцип темата не и лежи, но дека и се допаднаа големите кадри и пејзажите од Македонија.

На премиерата присуствуваше и бројна македонска публика, како и комплетниот берлински дипломатски тим предводен од амбасадорката Корнелија Утевска-Глигоровска.

Автор: Силвера Падори-Кленке

Редактор: Александра Трајковска